Емоционалната интелигенција на работно место

од 24HR

Пишува Елена Огненовска – специјалист за човечки ресурси

Најчесто кога сме во потрага по работа или кога ја оценуваме нашата вредност на работното место, се фокусираме на нашите “тврди вештини”. Поседување на некакви сертификати, познавање на повеќе странски јазици, работа со компјутерски програми и сл. Но денес на работното место, една од најбитните вештини кои треба да ги поседуваме е емоционалната интелигенција(EI). Емоционалната интелигенција претставува способноста да можеш да ги разбереш и правилно да одговориш на твоите емоции и потреби, како и на емоциите и потребите на другите.

Многу компании денес повеќе ги ценат оние вработени кои имаат високо ниво на емоционална интелигенција, наспроти оние кои ги поседуваат сите “тврди вештини”, но се луѓе со кои тешко може да се работи или не се воопшто емпатични.

Можноста да се разбере што претставува ЕИ и зошто е толку важна, е клучно во денешниот конкурентен свет во кој живееме. Луѓето со висока ЕИ подобро ги идентификуваат мислењата и погледите на другите луѓе, а тоа доведува до подобра комуникација, менаџирање и избегнување на конфликтни ситуации на работното место. Разликата помеѓу оние со висока ЕИ и оние со ниска ЕИ, е во тоа што првите се подобри во донесување на одлуки, решавање на проблеми, решавање на конфликти, подобро реагираат на стресни ситуации, се поемпатични, слушаат и се поотворени за конструктивна критика. Луѓето со ниска ЕИ најчесто избегнуваат да превземаат одговорност во случај на грешки, имаат поагресивен или попасивен начин на комуникација, немаат многу пријатели, често се со негативен став, одбиваат да работат во тим и сл.

ЕИ не е битна само за менаџерите или луѓето кои се на високи и раководни позиции, напротив ЕИ е битна за сите вработени на сите нивоа, вклучувајќи ги и студентите кои бараат пракса во некоја компанија.

Потребата од ЕИ особено доаѓа до израз во ситуации кога работиме со проблематичен колега, кога не се согласуваме со нашиот претпоставен, кога работиме во тим, кога бараме или даваме помош, кога се навикнуваме на некакви промени, кога превземаме одговорност за некаква грешка и други слични ситуации кои бараат некаква одговорност или прилагодување.

Доколку сакаме да напредуваме во нашата кариера и да успееме на нашето работно место, тогаш големо внимание треба да посветиме на подобрување и развивање на ЕИ.

Бидете активни слушачи. Секогаш кога ќе се најдете во конфликт или во тешка ситуација не заборавајте да слушате што соговорникот ви кажува. Секогаш дозволете му на соговорникот до крај да го искаже својот став и мисла, не брзајте и не го прекинувајте.

Размислете пред да го кажете вашето мислење, особено во стресни и конфликтни ситуации. Многу е лесно да го кажете вашето мислење кога сте лути, да не ги изберете правилните зборови, а со тоа да доведете до ескалација на ситуацијата и да се каете за она што сте го кажале.

Бидете емпатични. Луѓето по природа се емоционални суштества, затоа пробајте да ги разберете нивните гледишта и чувства, особено кога тие се многу поразлични од вашите.

“When dealing with people, remember you are not dealing with creatures of logic, but with creatures of emotions” – Dale Carnegie

За крај би ги споменала петте клучни компоненти на ЕИ според психологот Даниел Големан и тоа:

Самосвест- Ова се однесува на вашата способност да бидете свесни за вашите емоции и чувства и нивното влијание во различни ситуации.

Самоуправување- Способност да ги контролирате вашите емоции и однесувања и да размислете пред да превземете акција.

Мотивација- Да се остане мотивиран, позитивен и оптимистичен во секоја ситуација. Да го сакате она што го работите и да се водите од сопствени причини за остварување на вашите цели.

Емпатија- Способност да се разберат и сфатат емоциите и гледиштата на другите и соодветно да се реагира на истите.

Социјални вештини- Способност преку добра комуникација и тоа што ќе бидете по достапни, да создавате нови релации и да ги одржувате веќе постоечките.

Колку повеќе напредуваме во подобрување на секоја од овие компоненти толку повисоко ќе биде нивото на нашата ЕИ. Емоционално интелигентните луѓе имаат повисоки шанси за успех на работното место, но и во секојдневниот живот. ЕИ е “мека вештина” и една од најбитните вештини што едно лице може да ја има и која за среќа може лесно да се вежба преку секојдневната комуникација и интеракција.

0 коментар
3

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...