Дали треба да ја жртвувате платата за работата од соништата?

од 24HR

Начинот на кој реагирате во една ваква ситуација може да ја промени траекторијата на целата ваша кариера!

Замислете дека сте имале успешно интервју и веднаш потоа добивате понуда за работата од вашите соништа. Чувствувате дека сите парчиња се наоѓаат на своето место – сè додека не ја слушнете платата. Таа не само што е пониска од тоа што го баравте, туку и помалку од она што моментално го заработувате.

И сега имате дилема: Дали да ја прифатите работата за сметка на вашата плата или да продолжите на тековната позиција на која сте помалку задоволни?

Одговорот не е нималку лесен, а ниту пак едноставен бидејќи во игра се голем број фактори. Според едно истражување во 2018 спроведено од Lexington Law, дури 60 проценти од вработените во САД би прифатиле да работат за 50% пониска плата само за да ја работат работата што навистина ја сакаат.

Тоа е далеку од совршено сценарио, но начинот на кој реагирате во една ваква ситуација може да ја промени траекторијата на целата ваша кариера. Ако се чувствувате заглавени, поставете си ги овие прашања и ќе знаете дали треба да прифатите пониска плата за да ја добиете работата од соништата.

Дали постои финансиска логика?

Ова звучи диста очигледно, но многу е лесно да ја занемарите вашата проценка кога сте маѓепсани од една навидум нова и одлична можност за вработување. Но во реалноста, сè се сведува на бројки.

Ако математиката открие јаз помеѓу вашите приходи и трошоци, тоа е доволен знак дека е време да подразмислите. Сепак, во некои случаеви овој предизвик е надминлив доколку малку го промените буџетот. Во тој случај, професионалниот коуч за кариера Шерил Чах предупредува да обрнете внимание на непотребните трошоци што реално би можеле да ги остраните. Со други зборови, размислете каде би можеле да направите кратење за да си ја дозволите работата од соништата?

Исто така, погледнете го вашиот заостанат долг и проверете дали има опции за ублажување на финансискиот стрес во тој момент. На пример, плановите за отплата на вашиот кредит во основа се пресметуваат како процент од вашиот приход, така што помала плата на новото работно место во пракса би значело и пониски месечни рати за вашите кредити.

Дали новата работа е навистина толку неверојатна како што мислите дека е?

Шерил Чах исто така смета дека понекогаш работата од соништата не е баш онаква каква што мислиме дека ќе биде. Вистината е дека ниту една работа не е совршена и секоја улога ќе има свои добри и лоши страни.

„Мислите дека ова ќе биде работата која ја баравте целиот ваш живот па некако ги игнорирате црвените знамиња што ви се појавуваат во текот на процесотн а интервју“, вели Чах.

Овие чувства може да бидат уште посилни доколку не сте задоволни од вашата тековна позиција. Сфатете го тоа како професионален еквивалент на фразата „тревата е секогаш позелена на другата страна“. Чах додава дека овие нереални очекувања може да создадат уште полоша ситуација каде не само што сте незадоволни на вашата работа, туку сте и помалку платени.

Затоа, пред да дадете отказ гледајте да ги разјасните вашите погледи во однос на ситуацијата со тоа што ќе се обидете да добиете некакви информации од луѓе кои веќе работат на некоја таква позиција. Дополнително, на интервјуто за работа секогаш може да поставите прашање од типот: Како изгледа еден типичен работен ден на позицијата? Или кои се предизвиците и бенефитите од самата работна позиција?

Друг мудар потег е да направите истражување за самата компанија за подобро да разберете колку се задоволни нејзините вработени. Според Harvard Business Review, мнозинството луѓе кои завршиле на погрешно работно место не го направиле своето истражување.

Во кој момент вашата плата ќе се врати на истото ниво?

Прифаќањето на работа со пониска почетна плата не мора да значи дека сте засекогаш осудени на ниска плата. Истражувањето за кое зборувавме погоре овде може да ви биде од помош. Поминете некое време на веб-страници за кариера, обидете се да дојдете до податоци за просечната плата за позицијата во вашата област и како изгледа вообичаената кариерна патека за позицијата. Доколку прифатите позиција на пониско ниво, дознајте каков начин на промоција добиваат луѓето на оваа позиција и како изгледа нивната компензација.

„Можеби првично ќе направите чекор назад, но потоа ќе ви треба само една или две години за да се вратите таму каде што бевте откако ќе започнете да градите искуство во индустријата“, вели Чах.

Крајната цел е да откриете во која точка ќе стигнете до платата која што сте ја заработувале на вашата претходна позиција.

Дали за платата може да се преговара?

Секогаш пред да прифатите понуда за вработување, бидете подготвени да преговарате за плата. Тоа е стратегија што може да направи разлика помеѓу прифаќање или одбивање на работата од соништата, особено затоа што истражувањата сугерираат дека 70 проценти од менаџерите не очекуваат кандидатите да ја прифатат првата понуда за плата. Според Чах, овие работи вообичаено можат да се договорат до одредена мера.

„Сè зависи од тоа колку е голем јазот помеѓу тоа што го барате и тоа што се нуди“, вели таа. „Ако разликата не е премногу голема, апсолутно обидете се да преговарате. Но, ако разликата е преголема, веројатно ќе се соочите со проблем“.

Во секој случај, ништо нема да изгубите ако прашате.

Дали може да се промени нешто на вашата тековна позиција?

Ако платата е далеку пониска од очекуваната, размислете да ја искористите вашата последна можност кај тековниот работодавач. Доколку вашиот менаџер знае дека сте добиле одлична можност за нова работа, можеби ќе биде подготвен да ви даде поттик да останете. Ова може да биде во форма на екстра бенефиции, како флексибилно работно време, поголема плата или унапредување.

Се разбира, ова е само опција ако вашата моментална позиција може да се подобри со неколку помали измени. Ако културата на компанијата е ужасна и вие сте навистина незадоволни на вашето работно место, тогаш е единствената шанса е да ја промените работата.

0 коментар
2

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...