HR-от е за луѓето, да не заборавиме на професионалниот интегритет и човечноста во нашата работа

од 24HR

Тој е име и презиме на македонската HR сцена. Своето богато искуство го има градено во неколку реномирани глобални компании, а денес живее и работи во прекрасниот македонски бисер Охрид како Раководител на секторот за човечки ресурси во Костал Македонија. Запознајте го Виктор Дојчиновски и неговата инспиративна HR приказна во рубриката Љубов кон HR на 24HR.

Виктор е HR професионалец и колега, менаџер со речиси 20 годишно искуство, сопруг, родител на две прекрасни дечиња – online вторачиња, брат, другар, Чаирчанец кој моментално е во фаза на натурализација во Охриѓанец. „За доблестите и слабостите кои неспорно ги носам, како и секое човечко битие, оставам да зборат оние кои ме познаваат, без разлика дали истото да го прават со добра намера или без. Би додал само, секогаш расположен за аргументирана и цивилизирана полемика, независно дали истото се однесува на професионални или теми од секојдневниот живот“, вели тој во рубриката Љубов кон HR на 24HR.

Како настана љубовта помеѓу Виктор и човечките ресурси?

Како средношколец, сонував да станам адвокат или судија, можеби затоа и се запишав на Правниот факултет. По завршувањето на Факултетот, започнав да волонтирам во Суд, па и моето прво вработување во 1999 година беше како Соработник за правни и општи работи во тогашните Македонски Телекомуникации. Пресвртниот момент се случи во 2001 година, кога со издвојувањето и осамостојувањето на тогашниот МОБИМАК како посебна фирма ми беше дадена шансата да го раководам Секторот за човечки ресурси. За разлика од многумина чии редови ги имам прочитано тука, во мојот случај, вљубувањето во HR не беше „на прв поглед”. Јас и мојата професија бевме како оние парови кои се “шмекаат” половина или цела година, внимателно испитувајќи се еден со друг, по принципот “топло-ладно”. И како и во сите врски од горниот тип, имаше тука и двоумење, кокетирање, каење, непроспиени ноќи…..  Вљубувањето доаѓаше постепено, со зголемувањето на одговорноста врз моите плеќи. Кога од денешен аспект размислувам за тоа, приврзувањето кон професијата дојде како резултат на еден чуден (ама не љубовен 😊) триаголник, во кој јас бев во средината, а на чии три темиња стоеја моите 3 претпоставени – колеги, и тоа секој со своја улога – еден да ве става пред предизвици настојувајќи од вас да го извлече најдоброто, друг да ве подржува и ги отстранува пречките пред вас, а трет да ве менторира, подучува, исправа, корегира. Без нив, и без целиот останат персонал на тогашен МОБИМАК, вљубувањето во HR немаше да се случи.

Од каде почнавте и како изгледаше Вашата кариера?

Кога другпат бев поставен пред предизвикот да одговорам на ова прашање, одговорив – од најдлабоките води. Чудно, но кариерата во HR ја започнав како Раководител на службата која ми беше доверена да ја водам. Предизвиците огромни – издвојување од мајката компанија, трансфер на 200 вработени, поставување на основите на HR системите, регрутирање на дополнителни 200 вработени, креирање на процедури, и сето тоа во фирма која беше една од најпрестижните и најпрофитабилните. А плеќите – кревки. Но, човек, сеедно дали во приватниот или професионалниот живот, никогаш не знае колку е силен додека не биде ставен пред предизвици кои мора да ги совлада. Така отприлика почнав. И кога по 12 години поминати во МОБИМАК (Т-Мобиле Македонија), движејќи се од Раководител на служба до Извршен директор за HR операции, бев регрутиран за Директор на Центарот за заеднички HR сервиси во еден од најголемите регионални работодавачи – Нафтената индустрија на Србија, НИС АД, тоа ми изгледаше за природен  и логичен след на околностите. Професионалецот мора да излезе од својата зона на комфор и да се стави себе си пред нови предизвици, континуирано развивајќи се кон подобро.

За ова искуство, кое иако траеше 2 години, заради бројните случувања, нивната брзина и интензитет, динамиката со која се заменуваа настаните секојдневно, и ден денес го имам истото чувство – како најмалку пет години да ми се компримирани во две. Најпластично опишано, во петок во 18.00 часот во седиштето на фирмата вриеше од вработени, странки, партнери, гости, состаноци, интервјуа, процеси, баш како да е понеделник, 09.00 часот. Се на се, интересно искуство, кое покрај развој на професионален план, ми донесе уште безброј искрени пријателства со колеги од Србија, Русија, Украина.

По враќањето во Македонија, како транзициско решение работев во Нептун, за потоа да се насочам кон производствените компании, најнапред во ВАН ХООЛ МАКЕДОНИЈА, а тековно, веќе речиси повеќе од година и пол, во КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА, живеејќи и работејќи во преубавиот Охрид.

Кое е Вашето најголемо достигнување во областа на човечките ресурси?

Можеби некои, како одговор би цитирале проекти кои ги завршиле, вака или онака, остварувајќи заштеди во време, пари, персонал, подобрувања. Имам и јас зад себе такви. Но, како созревам (ај да не речам стареам, иако сум во своите педесетти) после 20 години кариера, горд сум што моето најголемо достигнување е зачувувањето на професионалниот интегритет, човечноста во постапувањето и почитувањето на работно-правните прописи. Факт, кој работи – тој и греши, но упорното инсистирање да се греши, недоследно постапува или молчешкум да се преминува преку повреди на работно-правните прописи, е тоа не можам да го разберам.

Лично, една од причините заради која се одлучив кариерата да ја продолжам во фирмите од производниот сектор, поточно токму во КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА лежи во тоа што, од една страна, станува збор за странска инвестиција која има технолошки напредно производство, а од друга страна има имплементирано високата етичност во работењето и управувањето, одликувајќи се со доследното почитување на домашната легислатива.

Кавка порака имате за тие што размислуваат за кариера во човечки ресурси?

Дефинитивно, да размислат уште еднаш добро, дали е тоа областа во која сакаат да градат кариера, дали сакаат HR да им стане нивен животен позив.

Да размислат добро „дали имаат стомак”, затоа што во фирмата во која ќе работат, сеедно дали е голема или мала, мноштвото од нивните колеги ќе мислат дека тие HR работите ги завршуваат подобро од самите HR професионалци. 😊

Да се наоружаат со трпеливост и истрајност, бидејќи најдобрите работи во HR не доаѓаат преку ноќ, туку со безброј обиди, непроспиени ноќи, не ретко и разочарувања. Да соберат што е можно повеќе од професионалните знаења и вештини, но и животно искуство, кое е неспорно важно.

На самиот крај – HR e за луѓето, па не заборавајте ниту на вашиот професионален интегритет и човечноста.

Што мислите за порталот 24HR?

Ако на прашањето одговорам со прашање – Кога 24HR има намера да прерасне или да добие и свој телевизиски облик, чинам дека доволно сум кажал за реномето, привлечноста и пошироката популаризација која заслужено треба да ја добие.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...