Колумна на Наташа Ивановска – HR консултант, тренер, кариерен и бизнис коуч и основач на консултантската компанија INSIGHT Group.
Можеби насловот на текстот ќе потсети на едно друго време кога наместо „управување“ (или менаџмент), беше актуелен еден друг термин – „самоуправување“. Во тогашниот систем, тоа значеше дека работниците го имаат правото да донесуваат одлуки за тоа како ќе се води организацијата, да ја уредуваат по своја мерка. Скоро половина век подоцна, подготвувајќи се за работилница на тема „мотивација и ангажираност на вработените“, се сетив на овој концепт. Сега се актуелни теми како „самомотивација, личен развој, кариера…“. Ми зазвучи некако слично. Како се постигнува тоа – вработените да доаѓаат ангажирани на работа и „самите да се управуваат“? Секој да си ја работи работата, без некој да го тера или проверува? Возможно ли е тоа? Има и такви кои веднаш би рекле јасно – НЕ! Но, праксата и искуството во некои организации, покажува дека ова е возможно.
1. Нашата приказна
Барајте и вработувајте колеги кои би се нашле во „вашата приказна“. Или подобро, кои својата приказна би ја нашле во вашата. Многумина имаат соодветно образование, искуство и сертификати. Ќе можат добро да ја завршат работата. Само неколкумина ќе одговорат од срце – ЗОШТО ТОКМУ ТУКА сакаш да работиш? Одговорот слушајте го многу внимателно, за да ги фатите мејките нијанси на гласот. Ги бараме тие кои доаѓаат најпрво за приказната, потоа за парите. Прашајте ги што им е најважно, што вреднуваат, во што веруваат. Тоа нема да се промени. Видете колку тоа се вклопува во ова што го нудите.
2. Терен за слетување
Како ги пречекувате новите вработени? Важно е каков ќе биде теренот каде ќе слета авионот. Подгответе јасни очекувања од работното место, споделете ги веднаш со новиот во тимот. Обезбедете му ментор, дајте му можност самиот да си направи план за вклопување и учење. Од тука започнува ангажираноста – од можноста да прашува, да добива фидбек, да предлага. Викаат дека нема втора шанса за прв впечаток – тоа важи за двете страни.
3. Цели наместо задачи
Мал број компании ја комуницираат својата визија, мисија, годишни и долгорочни цели со сите вработени. Да, да, има постери во ходниците и напишани реченици кои стојат неупотребени на веб страната. Колкумина знаат што треба да постигнат и како се оценува и мери нивниот придонес? Како ќе превземаат дневни активности и иницијативи, ако чекорат во магла? Во недостаток на слика „каде се движи овој брод“, вработените доаѓаат на палубата со рацете во џебот чекајќи го капетанот да им ја даде метлата.
Споделете ја сликата, идејата кон која се стреми компанијата, за да може секој да си ја види својата улога во успехот. За да може секој да се почувствува како СОПСТВЕНИК над тоа што го произведува за компанијата.
4. Кариера, не работно место
Да се вратиме на почетокот – ги бираме членовите на екипажот кои го сакаат истото патување на кое е упатена нашата организација. На тоа патување, многу нешта ќе се менуваат: условите околу нас, начинот на кој нештата се прават – се менува организацијата. Дајте им можност на вработените да си ја видат улогата во тие промени, прашајте ги како би сакале тие да го менуваат тоа што го работат. Понудете им можност ДА ЈА ПЛАНИРААТ СВОЈАТА КАРИЕРА токму во вашата компанија, да видат дека има можност да растат, да учат нови нешта кои ги интересираат и истите да ги применуваат во работата.
5. Тајната состојка
Споделувајте. Комуницирајте отворено. Споделете го успехот (да – во форма на бројки и остварувања), поделете награди. Научете кому што му е важно, уважете го кога за тоа ќе има прилика. Тука би рекла – споделете ги и стравовите, и неуспесите, споделувајте! Ако сакате ангажирани вработени, креирајте средина во која важните информации се споделуваат јавно, до сите, а не по ходници. Барајте мислење, слушајте. Креирајте ДОВЕРБА дека сите се на истиот брод, секој со својата улога и придонес за успешна пловидба.
Звучи премногу розoво?
Зависи какви наочари носите. Има компании во кои од вратата можете да видите дека таму нешто посебно се случува. Од начинот на кој луѓето седат, како разговараат додека поминувате во ходникот, како ве поздравуваат. Во тие неколку минути точно можете да видите која е бојата која владее меѓу нив. Можете да видите колку самите се доживуваат како да им е токму таму местото, како да секој од нив е токму сопственикот на бизнисот, како да е сеедно со кого ќе разговарате, секој ќе ви го каже истото: ова е МОЈА фирма.
За авторот:
Наташа Ивановска е Консултант за човечки ресурси и маркетинг, сертифициран обучувач и бизнис коуч. Над дваесет години искуство на менаџерски позиции специјализирани за управување со човечки ресурси, маркетинг и односи со јавност. Формално образование на Технолошкиот факултет во Скопје и постдипломски студии на Sheffield University – City College of Thessaloniki. Од 2012, Ивановска има престижна специјализација за коучинг на програмата „Art and Science of Coaching“ (TASC) при Ериксон Коучинг Колеџот од Канада. Има државен сертификат за обучувач на возрасни и за обучувач на обучувачи за возрасни. Други поважни квалификации опфаќаат: сертификација за Мастер обучувач за методологијата на Core Strengths, DISC консултант, Сертифициран меѓународен фасилитатор за кариерен развој (Global Career Development Facilitator GCDF), Сертификат за Бизнис Коучинг на Нобл Менхентен Коучинг од Англија, Сертификација за KPI – Kлучни индикатори за учинок на KPI Institute, Австралија.Клучна експертиза има за организациски развој на компании преку воспоставување процеси и системи за работа со човечкиот капитал за постигнување на бизнис целите и овозможување одржлив развој. Од 2011 е основач на консултантската агенција INSIGHT Group, www.insight.mk чие водечко мото е: „Го развиваме вашиот внатрешен потенцијал“.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.