Од почетокот на индустриската ера, европската работна сила во голема мера се потпираше на предвидливиот деловен ритам – работен ден што вклучува пристигнување на работа во 9 часот наутро, напуштање на работата во 17 часот попладне и две „возбудливи“ патувања од и до работното место. Пандемијата на Ковид-19 преку ноќ го преврте овој модел кој беше воспоставен пред еден век.
Едно ново истражување спроведено од компанијата „Мајкрософт“ овозможи увид во најдобриот начин на кој компаниите можат да ги поддржат и мотивираат вработените во време кога работата од далечина и комбинираниот модел на работа (од дома и од канцеларија) стануваат наша нова реалност.
Истражувањето кое беше спроведено во август и вклучи неколку илјади лидери и вработени во големи компании од Европа, ги проучуваше искуствата на луѓето од почетокот на пандемијата кога работењето од дома стана вообичаено, а испитаниците одговараа и на прашаања за нивните очекувања во иднината.
Кои се најважните откритија?
Едно е сигурно, а тоа е дека лидерите и вработените не сакаат да се вратат на традиционалните модели на работа додека ја надминуваме здравствената криза. Сепак, оддалечувањето од добро воспоставениот канцелариски модел на работа од 9 до 17 часот придонесе голем број работни колективи да се чувствуваат поизолирани и пооддалечени едни од други. Така што, иако индивидуалната продуктивност бележи раст, забележителен пад е регистриран кога станува збор за нивото на иновативност.
Бизнис лидерите се постојано фокусирани на подобрување на комбинираниот модел на работа. На прашањето за приоритетите кога станува збор за самата трансформација, 95% од лидерите укажаа на важноста од промената на начинот на работа во нивните компании со цел да се унапреди иновативноста и флексибилноста.
Комбинираниот модел на работа е тука за да остане
Минатата година само 14% од компаниите имаа флексибилни услови за работа – сега нивната застапеност изнесува 76%. Кога станува збор за бизнис лидерите, високи 88% од нив очекуваат комбинираните модели на работа уште повеќе да заживеат на долг рок.
Бизнис лидерите забележуваат предности кога се анализира нивото на продуктивност и ефикасност: 83% од менаџерите велат дека нивните компании се продуктивни како порано, а 56% забележуваат и заштеди како резултат на комбинираниот модел на работа.
Културолошкиот предизвик влијание на деловните иновации
Најголемиот предизвик со кој се соочуваат компаниите додека се обидуваат да преминат на пофлексибилни начини на работа не е технологијата, туку предизвикот да се задржи силната корпоративна култура. Трите најважни предизвици за вработените кога станува збор за работата од дома се: 1) одржување на поволна работна култура; 2) тимска работа и 3) справување со растечкото чувство на изолација. Дополнителни 39% од бизнис лидерите признаваат дека наишле на пречки при обидот да создадат силна и уникатна корпоративна култура.
Една од причините е тоа што вработените пријавуваат дека чувствуваат поголема оддалеченост кога станува збор за вредностите на компанијата, оддалеченост од нивниот тим во рамките на компанијата и намалена способност за колаборација.
„Се чини како вработените да можат да останат на едно место и дека подобро се концентрираат кога работат од далечина. Тие, исто така, преферираат да трошат помалку време за превоз или воопшто да не го користат, сакаат да се облекуваат неформално (им треба помалку време да се подготват за работа) и подобро ги извршуваат своите домашни обврски. Сепак, цената за сето тоа е губење на чувството за цел што е главно водено од силните и компатибилни односи на работното место и можноста вработените да видат како нивната работа влијае на другите. И едното и другото е полесно да се постигне кога луѓето работат на иста локација и тие се голем предизвик кога станува збор за виртуелна работа“, вели д-р Мајкл Парк од бизнис школата на Универзитетот Вартон во Пенсилванија кој е еден од соработниците во истражувањето.
Логично е да се очекува пад кога станува збор за нивото на иновации бидејќи тешко може да се развијат нови идеи во средина каде луѓето се чувствуваат изолирани во однос на нивниот работодавач и нивните тимови.
Со цел да се обезбеди најдобра можна поддршка за вработените, најважно е менаџерите да ги поседуваат потребните вештини кои се неопходни за функционирање во овој нов хибриден свет. За успешно максимизирање на потенцијалот на тимовите кои работат од дома или комбинирано потребни се други групи на вештини, не само за постигнување на основните деловни цели, туку и за охрабрување, развој и имплементација на нови идеи. Имајќи го ова во предвид, обновувањето на програмата за тренинг на лидери ќе биде важен чекор напред за многу компании.
Главниот предизвик за компаниите ќе биде обидот да се обезбеди поврзаност помеѓу членовите на тимот и можноста за согледување како нивната тимска работа придонесува за реализација на визијата на компанијата. Успешните тимови ќе бидат мерени според нивната продуктивност, но и според чувството за заедништво, емпатија и доверба што ја чувствува секој член на тимот. Во спроведувањето на ова истражување, „Мајкрософт“ соработуваше со Boston Consulting Group, KRC Research и д-р Мајкл Парк од бизнис школата на Универзитетот Вартон во Пенсилванија, кои помогнаа во развивање на насоки за работодавците кои сакаат да им помогнат на своите тимови кои работат од дома или комбинирано да го постигнат својот целосен потенција
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.