Иако губењето на талентирани луѓе понекогаш знае да биде тешко, сепак, градењето и одржувањето на релации со своите поранешни вработени е од суштинско значење за компаниите.
На едно службено патување имав можност да разговарам со еден сопственик на позната маркетинг агенција која работи во неколку земји низ Европа. Зборувавме за се и сешто, и на крај, падна темата за поранешни вработени. Ми раскажа за една вистинита приказна која тој лично ја доживеал во неговата компанија.
Приказната беше за една негова поранешна вработена која по 10 години работа во неговата компанија одлучила дека е време за промена. Тоа не е било која личност, туку личноста во која тој имал најголема доверба. Во тоа време, иако му било многу жал затоа што изгубил многу добар човек и работник, не бил воопшто лут. Наместо тоа, и посакал се најдобро и ѝ го оставил клучот од канцеларијата давајќи и до знаење дека во секој момент е добредојдена назад.
Во тој момент си реков себеси „добро, кој е тој што повторно ќе посака да се врати на своето старо работно место?“.
Денес, милениумците се најзастапена генерација во работната сила. Во однос на претходните генерации, тие се критикувани поради честата промена на работните места, а тоа го потврди и едно истражување спроведено од Бирото за статистика на трудот во САД кое покажа дека 36% од работните ангажмани започнати од лица на возраст од 35 до 44 години завршиле за помалку од една година, а 75% завршиле за помалку од пет години.
И додека скокањето од едно на друго работно место не е само по себе лошо, тоа несомнено може да влијае на репутацијата на компанијата како работодавач бидејќи ја зголемува стапката на обрт на вработени.
Според неодамнешна студија на платформата за кариера The Muse, 58% од испитаниците (воглавно милениумци) изјавиле дека планираат да го променат работното место во текот на годината. Милениумците не бараат работа како претходните генерации. Тие истражуваат за своите компании пред ја испратат својата кратка биографија. Дел од нив користат платформи како Glassdoor за да го видат мислењето на поранешните вработени за компанијата каде размислуваат да ја продолжат својата кариера.
Во ова истражување, дури 85% од анкетираните милениумци велат дека угледот на компанијата е од суштинско значење кога размислуваат дали сакаат да се вработат во одредена компанија. Честопати, милениумците ги користат овие страници не само за да прочитаат нечие мислење, туку и да остават свое. Затоа, компаниите треба да бидат свесни за нивниот фидбек и да одржуваат позитивни односи со своите поранешни вработени. Ова ќе придонесе тие да имаат позитивно мислење за компанијата дури и откако нивниот работен однос ќе престане да важи.
Бумеранг ефектот ќе ви заштеди пари
Бумеранг ефект е кога некој вработен што ја напуштил компанијата пред извесно време ќе одлучи повторно да се врати во неа. Во минатото, регрутирањето на поранешен вработен беше невообичаено, но во последниве неколку години, компаниите почнаа да ја гледаат вредноста во ангажирањето на поранешен вработен. Една од предностите на повторното вработување е во тоа што поранешниот вработен е веќе запознаен со работата, нејзините одговорности и очекувањата на компанијата. Овие вработени се исто така запознаени и со оперативните политики на компанијата, индустријата и културата.
Поради ова, ангажманот на поранешен вработен може да ја чини вашата компанија помалку пари на долг рок. Во денешното работно опкружување кое брзо се менува, обуката на нови вработени може да биде еден од најголемите предизвици за една компанија. Во просек, на новите вработени им се потребни 4.8 месеци за да го достигнат пикот на својата продуктивност.
Можност за менторство
Како што новите генерации стануваат дел од работната сила, така им се отвора можност на поранешните вработени да станат одлични ментори. Откако некој искусен вработен ќе замине, тој со себе носи многу знаење за самата индустрија. За помладите генерации кои влегуваат во работната сила, менторството може да го забрза процесот на учење и да помогне за побрзо навлегување во индустријата. Една неодамнешна студија покажа дека 79% од милениумците сметаат дека менторството е клучно за нивниот успех во кариерата.
Голем дел од вработените кои се пензионирале или го промениле своето работно место се подготвени да останат поврзани со својот поранешен работодавач како обучувачи или соработници. Поранешните вработени се корисни за компаниите бидејќи можат да обезбедат надворешна перспектива или гледиште, што, пак, може да и даде на компанијата дополнителни ресурси и увид. Поранешните вработени, исто така, можат да бидат и силни амбасадори на компанијата.
Градење на силна репутација во индустријата
Еден од начините да се изгради силна репутација во повеќе сектори или вертикали е да бидете поврзани со вашите поранешни вработени. Позитивните гледишта кон вашата компанија можат да ви помогнат да привлечете потенцијални кандидати за работа, потенцијални клиенти, па дури и деловни партнери.
За организациите, одржувањето на контакти со поранешни вработени може да функционира и како дополнителна стратегија за регрутирање. Големите компании како Dell и Deloitte развија посебни алумни заедници за да останат во контакт со своите поранешни вработени.
Да се вратиме на приказната. Три години по заминувањето, компанијата се шири и развива, а сопственикот веќе размислува да се повлече за да му се посвети на своето семејство. По неколку неуспешни обиди да го пронајде вистинскиот кандидат кој ќе го замени, еден ден се вратил во својата канцеларија и погодете кој бил таму. Неговата поранешна вработена која одлучила да се врати назад. Во тој момент, тој бил сигурен дека го има вистинскиот човек кој ќе ја предводи неговата компанија.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.