Како да изградиме доверба во виртуелни работни средини

од 24HR

Работата од далечина е реалноста која ќе ја гледаме во добар дел од 2021 година. Еве како да изградите доверба со своите вработени во виртуелни средини, без да се потпирате на традиционалните пристапи.

Довербата не се гради преку ноќ. Особено не довербата во и помеѓу вработените која е основен услов за добар перформанс и задоволство на работното место.

Истражувањата во науката зад човечката комуникација ни кажуваат дека до 90 проценти од она што си го кажуваме едни на други е невербална комуникација. Со други зборови, повеќето од тоа како комуницираме не е со зборови. Тоа се безброј движења на очите, лицето и телото што ги испраќаме едни на други, знаци кои ни помагаат да разбереме нечија намера – и дали треба да веруваме во таа намера.

Градењето доверба во бизнисот е очигледно критичен елемент во сè, од склучување зделки до создавање на ефективни тимови. Ако луѓето не веруваат едни на други, работите можат многу брзо да се распаднат. Веќе е потврдено дека довербата е во корелација со перформансите на виртуелните тимови.

Предизвикот со кој се соочуваме сите е да откриеме начини за да изградиме доверба сега кога сè повеќе работиме во виртуелни средини и физичките знаци на кои сме навикнале да реагираме се пригушени и маскирани. Сето тоа нè принудува да развиеме нови начини да си веруваме едни на други.

Тоа значи дека во отсуство на можностите кои ги нуди комуникацијата лице-в-лице, постојат и други алатки на кои можеме да се свртиме. Добрите лидери работат на откривање на тие можности за градење доверба во нивните тимови кои во моментов се виртуелни.

Според Џим Шлексер – експерт за прашања кои брзорастечките компании ги доживуваат во нивните деловни модели, талент, процеси и системи и автор на книгата Great CEOs Are Lazy – постојат три точки од кои треба да тргните за да го изградите потребното ниво на доверба меѓу тимовите.

Исполнете ги ветувањата

Сега, кога не можеме да развиеме доверба преку нашите интеракции лице во лице, треба да го прилагодиме начинот на размислување што поранешниот претседател Роналд Реган го нарече „верувај, но провери“. Во овој случај, тоа значи дека можеме да развиеме доверба едни во други преку нашите активности наместо само преку нашите очи.

Постојат лекции што можеме да ги научиме од глобалните мултинационални компании кои сфатиле како да направат нивните виртуелни релации да функционираат во последните неколку децении. Ако имате витални деловни партнери, па дури и вработени, кои работат во странство, имате, во најдобар случај, ограничени можности да се сретнете со нив лично. Она што овие компании го научија е дека постапките зборуваат погласно од зборовите, а луѓето едноставната анализа на доверливоста ја темелат на извршување на обврските. Луѓето кои стојат на зборот се доверливи.

Можете да изградите голема доверба со тимот, правејќи го секогаш она што ќе кажете дека ќе го направите. Така можете да докажете дека сте сигурни со текот на времето, дури и во виртуелно опкружување. Извонредно е како посветеноста кон целта и потоа реализацијата на истата може да изградат огромна добра волја на тимот.

Изградете систем за верификација

Кога вработувате виртуелни вработени и добивате нов член на виртуелниот тим, се поставува прашањето дали некој ја има позадината и искуството кои тврди дека ги има. За некој можеби е далеку помалку веројатно да лаже дека има докторат во многу специјализирана област ако треба да ве гледа секој ден во канцеларија отколку кога со него комуницирате само преку е-пошта.

Тоа значи дека сите треба да се потпреме на алатки и техники кои ќе помогнат да се провери нечија позадина. Како пример, тоа може да биде темелно пребарување на позадината на еден вработен на LinkedIn – место каде што луѓето веројатно нема да ја злоупотребат вистината. Некои компании имаат изградено бази на податоци за таленти во кои луѓето можат да ги пребаруваат своите соработници и да ги потврдат нивните импресивни „потекла“. Знаењето дека работите со проверена суперѕвезда гради доверба.

Размислувајте за иднината

Веќе можам да ги слушнам оние што би можеле да се спротивставуваат на моите ставови, особено во компании со воспоставени тимови. Ако веќе сте воспоставиле доверлива врска со некого лице во лице во ерата пред Ковид-19, на пример, можеби нема да биде голема работа да се премине на заедничка работа виртуелно.

Но, клучот е да замислите какви ќе бидат работите во иднината. Нашето виртуелно работно место е тука да остане, во една или друга форма. Тоа значи дека е императив да го развивате вашето размислување кога станува збор за прилагодување кон виртуелна работна сила. Во одреден момент, ќе имате можност да работите со некој што нема да се наоѓа на истата физичка локација како вашата. Тогаш ќе треба да одговорите на прашањето: Дали и верувам на оваа личност? Тоа е од клучно значење за перформансите на тимот, и ќе треба да имате добар одговор.

Затоа, изнаоѓањето начини да се примени стратегија за верификувана доверба – која е ништо друго туку изнаоѓање начини да се натера некој да ја докаже својата доверливост преку неговата одговорност правејќи го тоа што го ветува и да ги поткрепи своите тврдења за искуство – ќе помогне многу во процесот на прилагодување на новата реалност во која работиме.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...