Како да препознаете Мобинг?

од 24HR

Мобинг – појава за која толку малку се зборува, а толку многу е присутна во работните средини и е толку штетна, што би требало за неа да се зборува многу гласно, да се вика.

Преку разговори со жртви од мобинг (а и самата сум доживеала мобинг), дојдов до сознание дека сите чуле за мобинг, сите потпишале изјави дека се запознаени со Законот за заштита од вознемирување на работното место, а кога се нажле во ситуација на жртви, не биле свесни што им се случува. Често пати ниту лицата кои вршат мобинг не се свесни дека се мобери. Најтрагично е тоа дека голем дел од лицата кои работат во секторите за човечки ресурси ниту лицата кои се определени како посредници при мобинг кај работодавачите, не поминале никаква претходна обука за мобинг, па ниту тие не знаат да го препознаат пред да предизвика штетни последици.

Тоа ме поттикна да почнам гласно, многу гласно да ,,викам”, преку моите колумни.

Разграничување на поимот МОБИНГ од поимот ДИСКРИМИНАЦИЈА

За разлика од јасното дефинирање на дискриминацијата, во нашето законодавство, за мобингот или како што е наречен во македонската правна регулатива:  вознемирување на работно место, нема точно определена дефиниција.

Во нашиот Закон за спречување и заштита од дискриминација прецизно и јасно е дефиниран поимот дискриминација воопшто, што значи: ,,секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други.

Од оваа формулација, произлегува и суштината на дискриминаторското постапување на работното место, што значи ставање на едно или повеќе лица во понеповолна положба во однос на другите лица, и тоа секогаш врз некоја определена дискриминаторска основа: раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.  

Мобингот е исто така еден вид дискриминаторско постапување, но елементот – дискриминаторска основа, кој е суштествен елемент на дискриминацијата, овде не постои.

Мобингот е дискриминација без определена основа и за разлика од дискриминацијата која може да се случува насекаде, ова е појава што се случува само на работното место. Ако се случува надвор од работното опкружување не е мобинг, туку насилство. Затоа е многу потешко да се препознае.

Иако досега не е изнајдена унифицирана дефиниција, определени се елементите што се основа за  содржината на појавата- мобинг и што се искористени и во нашиот lex specialis што ја регулира оваа материја- вознемирување на работно место, а се користени и во другите национални законодавства, било тоа да е во законите кои ги регулираат трудовите односи или во посебните закони кои се донесени во одделни земји со кои се регулира  оваа појава.

Првата дефиниција на мобингот, во својата „Енциклопедија на мобингот ја дал шведскиот психолог Хајнц Лејман во 1984 година, употребувајќи го овој збор за непријателското однесување на работното место. Неговите истражувања покажале дека за 10-20% од самоубиствата во Шведска, директна или индиректна причина бил проблемот на работа. Според него мобингот е „Психички терор штовклучува непријателска или неетичка комуникација, која на систематски начин е усмерена од страна  едно или повеќе лица, претежно спрема едно лице, кое е доведено во позиција на беспомошност и неможност да се одбрани. Овие постапки се вршат често (најмалку еднаш неделно) и во тек на подолг временски период (најмалку во тек на 6 месеци). Поради честото повторување и долгото траење на непријателското однесување, доаѓа до значителни ментални пореметувања, психосоматски и социјални нарушувања кај жртвата.“ Терминот мобинг (mobbing) е употребен во законодавствата на Шведска, Данска, Норвешка, Германија и Италија, додека  во Велика Британија, Австралија  и САД – „насилство или агресивност на работното место“ (workplace violence or aggression) 

Во француското законодавство, како и во Белгија и Шпанија, мобингот е наречен – морално вознемирување (moral harassment), а според францускиот психолог Мари Франц Хиригоиен, ,,морално вознемирување претставува секое навредливо однесување, било да се во прашање зборови, погледи, гестови или напишан текст, кој систематично, низ повторување, ја повредуваат личноста, достоинството и физичкиот или псхичкиот интегритет на лицето, како и однесување што го загрозува вработувањето на едно лице или ја деградира атмосферата на работното место.”

Всушност, според постојните дефиниции, суштествени елементи на мобингот се:

  • непријателска и неетичка комуникација;
  • се случува исклучиво на работното место; 
  • едно лице или група, (мобер или мобери) систематски и морално злоставуваат и понижуваат друго лице (жртва на мобинг);
  • чести дејствија на вознемирување (барем еднаш неделно),
  • во континуитет (најмалку 6 месеци);
  • цел на мобингот: загрозување не неговиот углед, чест, човечко достоинство и интегритет, се до елиминација од работното место.

Доколку се работи за некаков инцидент, кавга во која еден вработен му се развикал на друг или грубо го навредил, тука нема мобинг, бидејќи нема злоставување во континуитет.Доколку се случил физички напад, тоа е насилничко однесување (bullying), мобингот е психолошко вознемирување.

Иако нема дискриминаторски основ, во позадина на мобингот секогаш стои намерата на моберот да го отстрани лицето, кое поради некоја негова лична причина му смета. Најчесто тоа се случува кога моберот ќе почуствува дека тоа лице претставува закана за неговото кариерно напредување, но кај нас е многу чест и политичкиот мобинг, карактеристичен за јавната администрција, кога моберите од позиција на моќ и власт ги злоставуваат своите неистомисленици.

Разграничување на поимот МОБИНГ од КРШЕЊЕ НА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА

Често пати работници ми се обраќале за помош мислејќи дека им се случува мобинг, но во тек на разговорот сум откривала дека се работи за кршење на некое работничко право. Сепак, неретко злоставувањето е комбинирано со кршење на некое право, ако моберот процени дека тоа на жртвата ќе и нанесе психичка болка. Најчесто то го прави одземајќи му го слободното време со прекувремена работа, ноќен труд или кршејќи му ги правото на дневен, неделен или годишен одмор.

Така на пр. Не е мобинг ако работодавачот не ви дава одмор кога вие ќе посакате, туку кога тој сака, ако тоа го направил еднаш или ако така постапува со останатите, но ако тоа ви го прави само Вам, и ако го прави тоа од хир, а не поради потребите на работниот процес, тоа може да биде дел од неговатаа мобинг стратегија.

Исто така, ако премногу често Ве задржува на работа прекувремено, а прекувремената работа не Ви ја исплаќа, тоа е класично кршење не право од работен однос, но ако ве задржува само Вас, и тоа без неопходна потреба, или Ве става најчесто Вас да работите ноќна смена, на празник или во недела, сето тоа може да биде еден од начините на злоставување.

Палетата на начини на психолошко малтретирање е широка и разновидна и не можат сите тие начини да се предвидат во законска одредба, бидејќи никој не може да претпостави какво мачење болната имагинација на еден мобер може да креира, ама најчести примери се следниве:

  • Напад на можноста за изразување во смисол на стално прекинување на лицето при вршењето на неговата работа со бесмислени изговори, гласно пцуење, критизирање на неговиот начин на работа, усмени или писмени закани, телефонски терор, одбивање комуникација со омаловажувачки гестови и гримаси, и сл.
  • Напад на социјалните контакти – третирање на жртвата како да е ,,воздух”, неразговарање со него, без одредена причина преместување во просторија каде што не се чувствува удобно, ставање забрана на другите колеги да разговараат со него, не е повикуван на состанок или ако е повикан не добива збор, или ако добие збор, се исмејува тоа што го кажал.
  • Напад на угледот – ширење гласини, оговарање, исмевање потсмевање на сметка на жртвата, нејзино имитирање со цел да се понижи жртвата, обвинувања дека жртвата е психички болна, нејзино  присилување да работи омаловажувачки работи, преиспитување на одлуките што ги донела, напади со викање, со погрдни зборови и навреди. 
  • Напад  на квалитетот на работниот живот – „синдром на празно биро“, преку недоделување на работни задачи или доделување на бесмислени работни задачи далеку под неговите можности и стручност, или ,,синдром на пренатрупано биро“, преку доделување премногу и претешки работни задачи со прекратки рокови, се со цел жртвата да се дискредитира.
  • Напад на здравјето на жртвата – нејзино присилување да работи задачи кои го оштетуваат нејзиниот физичко или ментално здравје, закана со физички напад, причнување на физичка штета на неговото работно место или на неговиот приватен имот, сексуално насилство и сл.

Во основа мобингот предизвикува груба повреда на човековите права и достоинство, што освен што ја  попречува професионалната иднина на работникот, предизвикува и многу потешки последици : тешки нарушувања на физичкото, менталното и социјалното здравје на работникот, кој е жртва на мобинг.

За авторот:

Билјана Чкламовска е Legal/HR/ Compliance Manager, одговорна за човечките ресурси на три компании на австриската интернационална компанија Novomatic AG во Македонија (ХТЛ Македонија, Мастербет и МА Гаминг) и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување за Новоматик компаниите во Македонија. Има 10 годишно искуство во јавна администрација на разни позиции во АВРМ, а хонорарно предава „Правни аспекти на човечките ресурси” на Академијата за човечки ресурси Clear View.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...