Сонот на секој tech професионалец е еден ден да работи во компанија како Google, и постои добра причина за тоа. Покрај одличниот компензациски пакет и бенефиции, најпознатиот интернет пребарувач нуди и можност за работа на некои навистина неверојатни проекти, од развој на мобилни апликации до квантно сметање.
Сепак, добивањето на работа во Google е полесно да се каже отколку да се направи. Иако компанијата веќе одамна ги напушти озлогласените мозгалици кои го направија процесот на регрутација уникатен, сепак многу кандидати и натаму се изложени на повеќе рунди на интервјуа кои ставаат акцент не само на нивното техничкото знаење, туку и на тоа колку добро тие би работеле со своите менаџер и колеги.
Телефонско па ‘face to face’ интервју
Процесот на регрутација во Google обично започнува со телефонско интервју на кое покрај другото од од кандидатите се бара да напишат код во Google Doc кој може да го гледа и регрутерот. Тоа интервју може да вклучува и други видови на проблемски и бихејвиорални прашања и служи како прв филтер на кандидати кои ќе продолжат во следната фаза.
Прочитајте > 10 црти на „совршен“ шеф, според истражување на Google
Во нормални околности, кандидатите кои ќе го поминат првото интервју се повикани на второ интервју кое е „лице в лице“. На ова интервју кандидатите добиваат специфични прашања кои имаат цел да оценат четири важни области:
- Лидерски способности;
- Способност за решавање на проблеми (наречена „општа когнитивна способност“);
- Знаења поврзани со позицијата и
- “Googleyness” или со други зборови: дали се вклопувате во културата на компанијата.
Така на пример, интервјуто за идните софтверски инженери се фокусира на начинот на размислување на кандидатите преку поставување на комплексни проблеми каде кандидатите мораат да ги аргументираат своите решенија и идеи, како и да докажат дека навистина ги поседуваат сите вештини кои ги имаат наведено во својата апликација.
Кандидатите треба да бидат сигурни дека нивните одговори се јасни, дека се способни да зборуваат за своите претходни искуства и предизвици на начин кој покажува што е тоа што го научиле и дека можат да објаснат како стигнале до одредени решенија.
Прочитајте > Еве како Google за помалку од 5 минути знае дали некој е одличен лидер
Предност имате ако знаете Python, Java или C++
Платформата Burning Glass, која собира и анализира милиони огласи за вработување во САД, неодамна даде увид во вештините кои Google ги бара од потенцијалните кандидати за вработување.
На врвот на листата се најде програмскиот јазик Python и тоа не е никакво изненадување со оглед на тоа што двете најбарани позиции во Google се Software Engineer и Data Scientist.
Покрај Python, во Google високо котираат и програмските јазици Java и C++, а не помалку важни се и SQL и JavaScript.
Но, без оглед на програмскиот јазик и вештините кои кандидатите ги поседуваат, јасно е дека Google бара од нив добро да покажат дека ја знаат својата работа. Имајте го тоа на ум доколку некогаш аплицирате за работа во Google.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.