Ковид-19 ги отвора вратите за четиридневна работна недела

од 24HR

Како и секоја криза, пандемијата на Ковид-19 не натера да размислиме за начинот на кој ги извршуваме работите.

Три месеци откако светот прогласи пандемија на Ковид-19, бизнисот и начинот на кој до вчера бевме навикнати да работиме се променија од корен. Во целата таа ситуација, едно подрачје кое привлече значително внимание е работното место и неговата перспектива во иднина.

Милиони луѓе ширум светот започнаа да работат од дома, а голем број компании беа принудени да експериментираат со далечинско работење и функционирање со помош на најразличните онлајн платформи за комуникација.

Но, интересно е што многумина сега велат дека сакаат да продолжат со истото темпо дури и откако ќе заврши пандемијата, затоа што овој начин на работење им носи корист како на работодавците, така и на вработените.

Друга идеја, која е многу помалку тестирана во пракса, а предизвикува многу поголема бучава, е четиридневната работна недела. Пред извесно време, премиерката на Нов Зеланд, Јасинда Ардерн, зборуваше за можноста за воведување на скратена работна недела како начин да се задржат работните места, да се поттикне локалниот туризам, да се подобри рамнотежата помеѓу приватниот и професионалниот живот, како и да се зголеми продуктивноста.

Како би изгледала четиридневната работна недела?

Четиридневната работна недела не значи дека вработените ќе треба да го прераспределат 40-часовното неделно работно време во четири, наместо во пет дена. Вистинската четиридневна работна недела би значела дека вработените ќе работат околу 30 часа неделно, наместо 40.

Ова би значело дека родителите ќе можат да поминуваат повеќе време со своите деца, на компаниите ќе им се овозможи полесно да го редуцираат бројот на вработени во канцеларија, а работниот процес ќе се подели на повеќе лица на кои им е потребно вработување.

Пократката работна недела не значи намалување на платите. Тогаш, дали компаниите ќе работат помалку ефикасно? Одговорот е не. Повеќето истражувања за ефектите од скратената работна недела покажуваат дека вработените можат да бидат исто толку продуктивни за 30 часа колку што се во досегашните 40, а дури и повеќе бидејќи ќе трошат помалку непродуктивно време и подобро ќе се одморат.

Освен тоа, пократката работна недела ќе значи помалку денови за боледување, помал ризик од „согорување“ и намалување на трошоците на компанијата. Затоа, иако звучи контраинтуитивно, сосема е возможно луѓето да работат „помалку“ и да ја добиваат истата плата додека во исто време ја подобруваат економската состојба на нивниот работодавач.

Четиридневната работна недела како идеја во 1930-тите

Според историчарот Бенџамин Ханикат, во 20-тите и 30-тите години од минатиот век имало значителен интерес за скратено работно време кога на 30-часовната работна недела се гледало како на начин да се „подели“ работата помеѓу армијата на невработени што ја создаде Големата депресија.

Дури и индустријалците В. К. Келог и Хенри Форд го поддржале 6-часовниот работен ден затоа што верувале дека повеќе одмор ќе им донесе попродуктивни работници. Меѓутоа, истражувањето на Ханикат во неговото дело “Работа без крај“ открива дека некои работодавци ги намалиле платите кога го скратиле работното време, па работниците морале да се откажат од своите барања за скратено работно време и да се фокусираат на зголемување на платите.

На крајот, силите на капитализмот и мерките за економско закрепнување од програмата „New Deal“ придонеле политиката и дискурсот да се оддалечи од повеќе слободно време кон барање на повеќе работа.

Експертите велат дека е сосема возможно истото да го сториме и ние во моментот кога пандемијата на Ковид-19 ќе заврши и сите ние ќе молиме да бидеме вратени на работа пет дена во неделата.

Но сепак, не мора да значи дека историјата ќе се повтори.

Идејата за четиридневна работна недела е сè уште жива

Четиридневната работна недела никогаш порано не била толку жешка тема како што е денес. Финската премиерка на почетокот на годината јавно ја поддржа оваа идеја, Лабуристичката партија во Велика Британија водеше кампања за тоа, а компаниите меѓу кои и „Мајкрософт“ во Јапонија и „Шејк Шек“ во САД успеаја да ја тестираат истата во пракса.

Една студија која минатата година беше спроведена во Велика Британија откри дека 64% од бизнис лидерите забележале пораст на продуктивноста како резултат на четиридневната работна недела, додека 77% од вработените тоа го поврзале со подобар квалитет на животот. Истата студија ги истакна бирократските пречки како што се договорите за вработување како најголеми ограничувачки фактори.

Пред пандемијата, Карен Јансен, истражувач за организациско однесување во Велика Британија, процени дека голема промена кон пократко работно време нема да се случи пред 2030 година.

Како и да е, други истражувачи сметаат дека четиридневната работна недела, слично како и работата од дома, веројатно нема да биде достапна за сите вработени рамномерно. Постојат различни модели за скратена работна недела, од кои некои предвидуваат ист аутпут кондензиран во помалку работни часови, додека други едноставно размислуваат за подолги работни часови распоредени во помал број на денови.

Заклучокот е дека Ковид-19 ни покажа дека е сосема возможно да се организира целокупната работа во помалку работни часови. Како ќе изгледа работната недела во иднина останува на нас да одлучиме.

0 коментар
2

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...