Колумна на м-р Христина Лозаноска – професионален коуч за развој на лидери и сопственик на ВИТА ИНСТИТУТ за едукација, менаџмент консалтинг и коучинг.
Денес, можеме да зборуваме за жените лидери кои носат голема додадена вредност на масата на менаџерскиот тим, а зголемувањето на бројот на жени – лидери е придружено со промени во теоријата и практиката на лидерството!
Извештајот на Меѓународната организација на трудот: „Жени во бизнисот и менаџментот“- во кој се вклучени скоро 13.000 компании во 70 земји, покажа дека повеќе од 57 проценти од испитаниците се согласуваат дека иницијативите за вклучување на жени на менаџерски позиции, преку политики за родова балансираност, ги подобруваат деловните резултати. Скоро три четвртини од овие компании кои вовеле родово сензитивни политики објавиле зголемување на профитот од 5 до 20 проценти. Скоро 57 проценти одговориле дека е полесно да се привлечат и задржат талентите. Повеќе од 54 проценти изјавиле дека гледаат подобрувања во креативноста, иновативноста и отвореноста кај вработените.
Многу познати компании го усвоиле правилото на диверзитет во однос на застапеноста на жени во менаџерските тимови, иако историските бројки во моментот за жени на менаџерски позиции во Европа е 1 наспроти 3, во однос на мажите. Европската Унија се залага за минимумот од 40% жени во менаџерските одбори на државните институтции, иако овие бројки не се постигнати, укажуваат на потребата од родово балансирани пристапи во раководењето. Во Македонија процентот на жените на менаџерски позиции е околу 30%, додека учеството на жени во менаџерски одбори е само 22%.
Овие состојби се поврзани со фактот дека традиционално, најценетите карактеристики на лидерството беа “машки“ по својата природа. Во тој правец се очекуваше и жените кои претендираат на менаџерски улоги да ги покажуваат овие принципи во своето однесување како би биле прифатени на исто рамниште. Не сите жени можеа да ги издржат притисоците од овие очекувања да успеат да се наметнат во машкиот свет, по машките правила. Сепак, во изминатите години, искуствата покажуваат дека многу од овие така наречени „машки принципи-карактеристики“, како што се: доминација, индивидуализам и ориентација кон задачи, одлучност, стремеж за контрола врз сопствените емоции и очекување дека сите треба да го прават истото, не секогаш придонесувале за ефикасноста на лидерството.
Доколку погледнеме во особеностите на трансформационото лидерство како еден од најефикасните лидерски стилови на новото време, интересно е што многу од карактеристиките на трансформационото лидерство, како што се соработката, грижата, комуникацијата, зајакнувањето на другите, се поврзани традиционално со жените, што илустрира дека многу „женски принципи-карактеристики“ придонесуваат за ефикасноста на лидерството денес. Предвидувањата укажуваат дека ако се повеќе раководни улоги се доделуваат на жени, ќе продолжи сериозен тренд на промени во перцепцијата на лидерството кое води и кон видливи културолошки промени.
Вистински успех за женското лидерство е што многу анализи го нагласуваат фактот дека вработените ги позиционираат женските лидери подобро од машките лидери во повеќе црти на трансформационото лидерство (харизма, способност да ги мотивираат вработените и креативност во решавањето проблеми).
Некои од женските принципи и карактеристики, како што се користење на интуицијата во процесот на донесување одлуки, внимателност и грижа кон другите, постигнување рамнотежа помеѓу животот и работата и општествената одговорност, посебно во периодот на кризата предизвикана од Ковид 19, дадоа најдобри резултати за амортизирање на состојбите.
Соодветно на тоа, жените се подобро оценети во однос на емпатијата, покажување вештини за управување со луѓето и нивните потреби преку воспоставување силна врска со нивниот тим и комуникација, преку утврдување јасни барања од другите, јасно изразување на своите мисли и идеи и одржување солиден проток на комуникација, во споредба со мажите .
И покрај овие информации, жените лидери сеуште се справуваат со многу потешкотии во градењето на менаџерската кариера. Веројатно сеуште созрева вистинското разбирање за различностите кои жените лидери природно ги носат во менаџерскиот тим, што не значи дека лидерството на една компанија треба да биде базирано исклучиво на женски принципи на лидерството туку напротив, балансот се огледа во вклучувањето и користењето на моќта која овие принципи ја имаат, како додадена вредност во менаџерките тимови.
„Со сличностите се поврзуваме, со различностите растеме!“- оваа прекрасна мисла на Вирџинија Сатир најдобро ја испраќа пораката за прифаќањето, вредноста и стремежот кој треба да биде основа на секоја модерна компанија во сите аспекти на прифаќање на диверзитетот во управувањето, затоа што тоа води кон повеќедимензионалност, надополнување и раст на потенцијалот!
Секој менаџерски тим кој нема жена во својот состав треба само да помисли дали секогаш ги има сите аспекти и различни видици во своето работење и носење одлуки, дали се исцрпени сите можности кои женските принципи би ги донеле во тимот?
За авторот:
М-р Христина Лозаноска е бизнис и персонален коуч, оснивач на ВИТА ИНСТИТУТ, www.vitainstitut.com, консултантска куќа која испорачува бизнис коучинг за менаџери на компании во повеќе сектори и индустрии. Поседува два сертификати за коучинг: Erickson Professional Coach сертификација акредитирана од International Coaching Federationи Capital C Coach, сертификација призната од American board of NLP,ANLP. Има повеќегодишно работно искуство во развој на организиции и лидери. Таа е оснивач и поранешен претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси (2012-2018).
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.