Новата француска серија „Нечовечки ресурси“ (Dérapages), во која глуми некогашната фудбалска легенда Ерик Кантона, од 15 мај е достапна и на Netflix. Серијата се покажа како вистински хит во Франција, со 2.12 милиони гледачи за само една вечер кога првите три епизоди беа емитувани на каналот Arte.
„Нечовечки ресурси“ започнува со близок кадар од Ерик Кантона кој со избричена глава и стилизирана брада и мустаќи е свртен кон камерата и ѝ се обраќа директно на неа. Серијата ја раскажува приказната за Алан Деламбре, кој од непознат момент во иднина кога ја избричи главата, раскажува што се случило со него.
Живеејќи во излитен стан во Париз заедно со неговата сопруга Никол (Сузан Клемент), Алан се мачи во изминатите шест години откако беше отпуштен од својата работа како Менаџер за човечки ресурси, поради својата возраст. Невработен, на возраст од 57 години, Алан може да најде само чудни работни места кои не се доволни за да ја исплати хипотеката за нивниот стан, на кој очајно му треба реновирање.
Среќата се чини дека му се насмевнува кога ќе се отвори една позиција за Регрутер. Сепак, по тестот и интервјуто, Алан открива дека има уште еден тест што мора да го помине за да ја добие работата. Кандидатите мора да играат улоги во симулирана заложничка ситуација, со цел да се оцени група од четворица извршни директори и да се испрашува секој од нив поединечно. Мистериозната компанија која стои зад ова необично регрутирање е „Ексија“, производител за вселенската индустрија, со Александар Дорфман (Алекс Лутц) како нејзин извршен директор. Дорфман сака да види кој од неговите четворица директори би бил најцврст да управува со некоја од фабриките на „Ексија“ и да отпушти повеќе од илјада вработени таму.
Алан се подготвува за овој необичен метод на регрутирање, обидувајќи се да ги стави сите коцки на своја страна. Тој бара помош од неговиот невработен пријател Шарл (Густав Керверн), кој, за среќа, се разбира во компјутери. Тој дури и ангажира еден поранешен полицаец за да го научи како да се справи со заложници. На Алан очајно му треба оваа работа.
Серијата се темели на роман од 2010 година од Пјер Леметр, под насловот Cadres Noirs. Епизодите ги режираше Зиад Дуери, кој работел на сценариото заедно со Леметр. Писателот очигледно бил против кастингот на Ерик Кантона како главен лик, затоа што за него Алан Деламбре не можел да ја има харизмата што ја поседува Кантона. На некој начин, тој е во право, но да бидеме искрени, Кантона е причината зошто повеќето би почнале да ја гледаат оваа серија.
Првите три епизоди од оваа серија се многу возбудливи. Јасната структура на овие епизоди го водат гледачот до очекуваната кулминација. Првата епизода го утврдува ликот на Алан, неговата врска со неговото семејство и неговата тешка состојба како невработен. Ѕидовите на неговиот стан се покриени со влага, тој работи и ноќе без да ѝ каже на сопругата и е малтретиран на работа. Како и да е, неговиот лик има и насилни црти. Во еден момент, тој удира со глава еден од неговите надредени и започнува вербална расправија со својот зет, па дури оди и дотаму да врши притисок врз неговата бремена ќерка да му даде голема сума на пари.
Третата епизода е таа која најмногу ќе ве задржи во неизвесност. Ова е епизодата на симулираната заложничка операција. Откако втората епизода ќе покаже колку интензивно се подготвува Алан за овој голем тест на играње улоги, епизодата три доаѓа со големи очекувања. Но, се разбира, нешто не оди како што е планирано, а на вас останува да претпоставувате што ќе се случи следно, и што на крајот ќе биде големиот пресврт во приказната.
После третата епизода, серијата го менува темпото. Се обидува да го одврзе главниот лик од нередот што самиот го направи, но со потешкотии. Она што започна како многу веродостојна социјална приказна за човек заглавен без работа, завршува со исход кој е малку далекусежен. Сепак, со тоа, серијата истакнува колку всушност е нефункционална денешната работна средина.
Најголемото достигнување на „Нечовечки ресурси“ е прикажувањето на депресивната несигурност во која живее Алан. Алан не ја изгуби работата затоа што беше неспособен, туку од причина која не треба да постои во денешниот свет, неговата возраст. Приказната на Пјер Леметр го сатиризира работното место за да сугерира како работодавците ги експлоатираат своите вработени, играјќи со нивните животи, како да е игра. Дорфман ги натера неговите директори и потенцијалните нови вработени да поминат низ заложничка ситуација, без притоа да размисли како тоа може да влијае врз нив ментално и емоционално.
Преку нарацијата на Алан, директно обраќајќи се кон камерата, серијата на многу вешт начин ги манипулира своите гледачи да се приврзат за главниот лик. Потпомогната од силниот перформанс, оваа серија ќе ве натера да седите на работ од столчето.
„Нечовечки ресурси“ е копродукција на Arte France и Mandarin Télévison. Сите шест епизоди од серијата се достапни на Netflix.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.
1 коментар
Општествениот договор е нарушен, како што вели неговата адвокатка (ќерка). Алан прави се` што е пожелно и потребно за да биде лојален и корисен граѓанин. Но, во еден момент од неговиот живот, кога тој веќе не е потребен, ставен е во речиси невозможна ситуација.
Алан не е најдобриот човек, никогаш не ни претендирал да биде. Тој почнува да манипулира и лаже, да ја злоупотребува приврзаноста на неговите најблиски за да ја оствари целта. А таа е да му се одмазди на корпоративниот свет што го доведе во таа ситуација.
„Нечовечки ресурси“ е серија која што треба да се погледне за да се запознаеме подобро со односот што поединецот и општеството го градат во денешниот корпоративен свет и какви последици остава тој однос. Постојат многу прашања што мора да ги одговориме, ако сакаме да живееме во свет во којшто ресурсите ќе останат човечки.