Работното место повеќе не е локација. Сè повеќе станува важно што е она што го правиме – а не од каде ја извршуваме работата. На бизнисот му стана јасно дека работата може да се заврши од каде било. Но, како што начинот на работа станува пофлуиден, хибридната работна средина ќе го започне својот подем. А тоа значи и потреба од нов правец во управувањето со човечките ресурси!
Дури и пред Ковид-19, разликата помеѓу тоа од каде ја вршиме и како ја вршиме работата се зголемуваше. Организациите сега стануваат свесни дека работата може да се извршува од каде било. Всушност, неодамнешната статија на Harvard Business Review покажа дека работната сила базирана на знаење била попродуктивна дома за време на пандемијата затоа што вработените биле во можност „да се фокусираат на она што навистина е важно“.
Уште едно истражување, овојпат спроведено од Wakefield Research, покажа дека 87% од вработените го сметаат новиот начин на работа за подобрување.
Имајќи го ова предвид, сигурно е да се каже дека работата од далечина е тука за да остане. Но, што значи сето ова за компаниите и што ги очекува организациите и нивните работни средини на долг рок?
Вработените одлучуваат од каде ќе работат
Со одвојување на „каде“ да се работи од „како“ да се работи, компаниите можат да ги поттикнат вработените да изберат каде ќе ја извршат својата најефикасна работа.
Компаниите и работниците имаат корист кога менаџерите им веруваат на вработените во однос на изборот на работно опкружување кое ним најдобро им одговара. За пример може да го земеме истражувањето на Owl Labs кое покажа дека вработените кои работат од далечина имаат тенденција да бидат посреќни на своите работни места отколку вработените кои никогаш не ја напуштаат канцеларијата (22%). Тие, исто така, имаат повеќе работни часови, работејќи над 40 часа неделно или за 43% повеќе од вработените во канцеларија.
Во исто време, вработените кои ја губат слободата да работат од каде што сакаат можат да го изгубат ентузијазмот за својата работа. Анкетата на ServiceNow од 2017 година покажа дека 47% од вработените би размислиле да заминат доколку нивната компанија не обезбеди опции за работа од далечина. Тој процент денес со сигурност е уште поголем.
За да им овозможат на вработените да бидат продуктивни и задоволни, организациите ќе мора да понудата одредено ниво на избор и флексибилност за тоа од каде може да се работи.
Работното место станува хибридно
Работата може да се извршува од каде било кога е дигитализирана и поврзана. Но, дури и организациите чија работа мора да се заврши на лице место, како што е лабораторија за истражувања или фабрика за производство, можат да дигитализираат одредени процеси и работни текови за да ја зголемат ефикасноста, да ги подобрат операциите и да го оптимизираат резултатот.
Прочитајте > Дали HR-от е подготвен за хибриден модел на работа?
Како што начинот на работа станува пофлуиден, хибридната работна средина ќе го започне својот подем. Работното место на иднината ќе поддржува пофлексибилни аранжмани, заменувајќи ги наменските работни станици со хотелски простори и ресурси што можат да се резервираат или да се користат во лет. Постигнувањето на оваа визија ќе бара од нас да ги преиспитаме сите начини на кои вработените комуницираат со работното место, како и начинот на кој лидерите работат со своите вработени за да ја завршат работата.
Лидерите мора да го променат пристапот
Во градењето на хибридното работно место на иднината, лидерите мора да го земат предвид секој аспект од искуството – од моментот кога вработениот ќе се приклучи на компанијата до моментот кога ќе ја напушти. Направете го ова правилно и вработените ќе бидат успешни. Погрешете и вашиот бизнис ќе страда. Според Роберт Тид, заменик директор на платформата за дигитализација на работни процеси ServiceNow, ова се четирите критични области на кои треба лидерите да се фокусираат:
Негувајте ја својата култура
Седењето во иста зграда не ја создава културата. Со дистрибуирана работна сила, лидерите мора свесно да ја внесат културата во искуството на вработените низ различни работни поставки. Тие треба да се фокусираат на тоа како се покажуваат вредностите на нивната компанија преку поширок спектар на механизми и канали. Ова бара изнаоѓање нови начини за да ги задржите вработените одговорни и ангажирани, така што сè што прават ќе ја усогласи и гради културата.
Поставете јасни очекувања
Најдобрите лидери отсекогаш биле во можност да постават визија и да ги инспирираат луѓето да работат заедно за да ја постигнат таа визија. Ова останува точно во ерата на поврзаното работно место, но малку е потешко кога менаџерите ги немаат на видик сите вработени. Довербата, отчетноста и јасноста на целта стануваат многу поважни. Лидерите мора да најдат начини за ефективно комуницирање на целите и очекувањата и корегирање на курсот кога е неопходно.
Управувајте со перформансите
Да се биде во канцеларија никогаш не значело исто што и да се биде продуктивен. Пренасочувањето кон средина насочена кон резултати им овозможува на лидерите да се фокусираат на она што е важно. Користејќи јасно дефинирани метрики и испораки како репери, менаџерите можат да го следат напредокот и рано да решаваат проблеми за да ги подобрат вкупните перформанси.
Поттикнувајте иновации
Видовме дека далечинските вработени можат да бидат продуктивни. Дали тие, исто така, можат да бидат и иновативни? Според митологијата за иновации, вработените треба да бидат во канцеларија, да налетуваат едни на други или да се состануваат лице в лице за да дојдат до нови идеи. Реалноста е дека инспирацијата може да дојде од каде било. Лидерите едноставно ќе мора да најдат начини да создадат можности за иновации меѓу луѓето и тимовите кои можеби никогаш нема да бидат во иста просторија.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.