Авторот на бестселерот „Почни со зошто“ објаснува зошто автентичноста е многу важна во време на криза.
Симон Синек е еден од најбараните мотивациски говорници во светот. Неговиот настап на видеоплатформата Тед е третиот најгледан на сите времиња, со над 50 милиони прегледи. Неговата книга „Започни со зошто“ стана глобален бестселер со неверојатна моќ што успеа да го промени начинот на кој лидерите му пристапуваат на бизнисот.
Меѓутоа, лидерите кои успешно го идентификуваа своето „зошто“, односно суштинската, крајна цел на бизнисот, денес се соочуваат со кризата наметната од глобалната пандемија која го стави истото тоа „зошто“ под голем знак прашалник.
Ако ова е „новото нормално“ и ако тие повеќе не можат да се идентификуваат со својата вистинска цел, дали лидерите погрешно го идентификувале своето „зошто“ или пак е сосема нормално кризата да го разниша чувството на самодоверба?
Според Синек, „зошто“ и натаму останува да биде она што ние навистина сме, нашата фундаментална приказна. Секоја компанија има свое „зошто“, а истото важи и за секоја индивидуа. Ние сме резултат на начинот на кој сме израснати и воспитани и остатокот од нашиот живот ќе го поминеме носејќи одлуки кои се најдобри за нас – тоа го нарекуваме автентичност. Тоа значи дека се што ќе кажеме или направиме е одраз на нашето убедување.
Сосема е нормално кризата да нè оддалечи од курсот, да направи да се чувствуваме под стрес, несигурно или испаничено, но тоа не значи дека нашето „зошто“ е променето, туку дека ние сме почнале да се фокусираме на него. Ова е резултат на тоа што стануваме опседнати со нашите акции, наместо да се вратиме еден чекор назад и да размислиме зошто се случило тоа.
Терминот „зошто“ Синек го поистоветува со темелот на куќата. Во случај на земјотрес, ѕидовите се нишаат, но темелот е тој што ја гарантира стабилноста. Истото важи и за компаниите со јасна цел – неизвеснота може да предизвика краткорочни флуктуации, но на долг рок компанијата е сигурна.
Тој го сподели и искуството на неговата компанија чија мисија (зошто) е да ги инспирира луѓето да го направат тоа што ги инспирира нив. Како одговор на пандемијата, неговата компанија никогаш не го напушти своето „зошто“, туку го промени начинот на кој го постигнува тоа.
На овој начин, Синек вели дека целта на компаниите не треба да биде да го заштитат својот производ дури и по цена на своето „зошто“, туку да го променат својот производ или услуга заштитувајќи ја својата крајна цел.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.