Колумна на Проф. д-р Даниела Карадаков – професор на БАС Високата школа во наставната област Менаџмент на човечки ресурси.
Интернетот направи голема трансформација во многу сегменти од работењето на организациите. Следењето на промените и развојот на технологијата станува услов за секоја организација.
Дејствувајќи во свет каде што технологијата е во пораст и се подобрува треба да се земе предвид дека потрагата по човечки ресурси и процесот на регрутирање на човечки ресурси треба да стане се повеќе дигитален, а се помалку личен, но интерактивен. Меѓу современите трендови во оваа област е е-регрутирањето кое подразбира користење на интернет технологијата за подобрување на ефикасноста и ефективноста во процесот на регрутирање на човечките ресурси. Дополнителен прогрес во овој дел направи и пандемијата предизвикана од вирусот Covid-19.
Зошто технологијата и интернетот станува толку моќна алатка и во делот на регрутирање на човечките ресурси? За ова јасно говорат податоците кои ги прикажува HootSuite, од кои што може да се забележи дека во светот, во јануари 2021 година, регистрирани се вкупно 4.66 милијарди корисници на интернет, 4.20 милијарди активни корисници на социјални медиуми, а исто така регистрирани се и 5.22 милијарди корисници на мобилни телефони. Конкретно во Р. С. Македонија, регистрирани се 1.71 милиони корисници на интернет, 1.20 милиони активни корисници на социјални медиуми и 2.10 милиони мобилни конекции. Може да се заклучи дека голем дел од популацијата е достапна на интернет, а тоа покажува дека е неопходно организациите да направат трансформација и дигитализација и на процесот на регрутирање на човечките ресурси.
Подолу давам приказ на дел од современите извори за е-регрутирање на човечките ресурси кои наоѓаат поголема примена во пракса.
Интернет страница на организацијата
Секоја организација во рамките на својата интернет страница може да пласира информации за својата потреба од човечки ресурси и преку неа да дејствува во процесот на регрутирање на човечките ресурси. Преку интернет страницата, покрај тоа што организацијата може да обезбеди информации за своето работење, може да оддели простор и за споделување на информации и за слободните и достапните работни места. Поголем број на организации, во рамките на својата интернет страница, имаат посебен дел за кариера, преку кој потенцијалните кандидати може да добијат информации за вработување, може да достават свои информации, односно да достават работна биографија – CV, може да се поврзат со организацијата, може да аплицираат и сл.
Специјализирани интернет страници за вработување
На глобалната интернет мрежа, како на национално, така и на интернационално ниво, може да се најдат бројни специјализирани страници за вработување кои ја следат и објавуваат понудата и побарувачката на работна сила на овој пазар на труд. Овој извор, со тоа што е глобален, може да опфати и повеќе кандидати кои бараат работа и повеќе организации кои нудат работа. Овие интернет страници креираат и поседуваат големи бази на податоци соодветно сегментирани и можат многу лесно да понудат соодветни кандидати за вработување согласно потребите на организацијата или пак да понудат соодветни работни места согласно предиспозициите на кандидатот. Постојат интернет страници кои дејствуваат локално, регионално, национално или интернационално, така што обемот на можности е голем.
Социјални медиуми
Овој извор на регрутирање добива се поголема популарност. Целта е преку социјалните медиуми да се дојде до конкретни кандидати за вработување, но и можност организациите да се поврзат, комуницираат, презентираат информации, а истовремено да го развиваат и својот личен и корпоративен бренд. Најпозната професионална социјална мрежа што функционира во овој домен е LinkedIn. Но, тука не се исклучени и останатите популарни социјални мрежи, како што се Facebook, Instagram, Twitter и многу други.
Во вториот дел од оваа статија ќе може да прочитате повеќе информации за користењето на електронската пошта, мобилните телефони, мобилните апликации и виртуелните саеми за вработување кои исто така претставуваат современи извори за е-регрутирање на човечки ресурси.
За авторот:
Проф. д-р Даниела Карадаков е професор на БАС Високата школа во наставната област Менаџмент на човечки ресурси. Таа бележи богато наставно, обучувачко, и менаџерско искуство. Активна е како професор, обучувач, консултант и истражувач во полето на менаџментот на човечки ресурси, личниот менаџмент, организациското однесување и комуницирање, интерперсоналните односи, организирањето на настани и сл. Од 2012 до 2021 година беше директор на БАС Високата школа, каде за нејзината успешна работа сведочат две посебни признанија: Признание за оживотворување на мисијата на БАС, добиено во 2015 година од страна на основачите на БАС, и Признание за жена менаџер во 2018 година, добиено од страна на Агенцијата Марили. Во текот на својата кариера има објавено бројни стручни и научни трудови, научни трудови со импакт фактор, а исто така активно учествува и на домашни и меѓународни стручни и научни собири.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.