Улогата на HR-от во промовирање на здрава компаниска култура

од 24HR

Во денешно време не е доволна само позицијата, високата плата или атрактивната локација за да ги задржите врвните таленти. Се разбира, вклучувањето на сите овие работи може да помогне, но има и други аспекти што навистина можат да ги подобрат вашите стапки на ретенција, а еден од нив е здравата компаниска култура.

Позитивната култура во компанијата може да создаде чуда во секој аспект од вашата деловна активност. Од привлекување на врвен талент до максимизирање на потенцијалот на вашиот тим. Тоа е нешто што навистина може да направи разлика за бизнисот.

Но, како може да создадете компаниска култура од која вработените и потенцијалните кандидати ќе сакаат да станат дел? Без оглед на тоа дали сте почетник или експерт во областа на човечките ресурси, овие универзално корисни совети ќе ви помогнат да ја изградите или одржите здравата компаниска култура во вашата организација.

Подобрете го искуството на кандидатите

Ако сакате да ја подобрите вашата компаниска култура, мора да започнете од првиот момент кога вашите интервјуери се среќаваат со апликантите. На пазарот на трудот, каде конците ги влечат работобарателите, невложувањето напор за обезбедување на одлично кандидатско искуство може да ја влоши перцепцијата за вашата компанија како работодавач.

Доколку не комуницирате добро или не сте јасни во вашите упатства уште од првиот ден, природно е да се очекува дека кандидатите нема да имаат високо мислење за вас или вашата компанија. Меѓутоа, ако индивидуата се чувствува ценето од самиот почеток, тоа може да биде и првиот позитивен чекор кон градење и одржување на добра култура.

На крајот на краиштата, ако кандидатите имаат добро искуство во текот на процесот на вработување, поголема е и веројатноста да ја прифатат вашата понуда и да му се приклучат на вашиот тим полни со ентузијазам и решителност за успех.

Креирајте onboarding програма за новите вработени

Каква е вашата onboarding процедура или првпат слушате за тоа? Можеби сте му дале на вашиот нов вработен перфектно кандидатско искуство за време на интервјуто и фазите на регрутација, но што е со неговиот прв ден или месец на работа?

Ако не подготвите агенда за новите вработени, тие нема да се чувствуваат добредојдени во вашиот тим.

За среќа, постојат неколку начини за да ја етаблирате или подобрите вашата onboarding процедура. На пример, можеби ќе сакате да организирате заеднички ручек каде ќе го запознаете новиот вработен со целиот тим или пак ќе побарате од неговиот менаџер да подготви двонеделна агенда за новиот вработен преку која постепено ќе навлегува во работата.

Како HR професионалец, исто така е добра идеја да закажете периодични состаноци со новиот вработен со цел да му понудите поддршка во првите две, четири, шест или осум недели работа во новата компанија.

Сето ова ќе придонесе вашиот нов вработен да се чувствува како дел од тимот, а вие се промовирате како компанија со здрава култура која ги почитува и се грижи за новите вработени.

Ставете акцент на балансот помеѓу животот и работата

Рамнотежата помеѓу приватниот и професионалниот живот е од суштинско значење за вработените. Ако работата ја носат дома, често работат прекувремено и немаат социјален живот, тие нема да останат во вашата компанија за долго.

Затоа, важно е да ги охрабрите вашите вработени секој пат кога нивната работа ќе започне да се натрупува, да му пристапат на својот менаџер или претставник во одделот за човечки ресурси со цел да се интервенира и да се прераспределат задачите рамномерно како би се осигурало дека никој не е под стрес.

Ова промовира заедништво и колаборативна работна околина за вашите вработени, што е една од главните карактеристики на здравата компаниска култура.

Покрај тоа, можеби ќе сакате да понудите и флексибилен модел на работа. Бидејќи се работи за многу атрактивен бенефит помеѓу вработените, давањето слобода ќе ја поттикне лојалноста и довербата на работното место. Дополнително, на овој начин ќе создадете флексибилна и продуктивна култура.

Одржувајте отворена комуникација

Ако вработените не знаат каде да се обратат во случај на проблем или имаат чувство дека не им верувате, нереално е да очекувате дека тие ќе сакаат да останат во вашата компанија.

Охрабрувајќи ги менаџерите да одржуваат редовни тимски состаноци со своите тимови, ќе и помогнете на компанијата да изгради култура на отвореност и чесност. Од друга страна, ова ќе им овозможи на менаџерите да внимаваат на продуктивноста на нивниот тим и навремено да интервенираат кога нивниот обем на работа станува голем.

Запомнете дека луѓето сакаат да работат во организации каде што се слуша нивниот глас и каде што е важно нивното мислење.

Ценете ги вработените за тие да ја промовираат културата

Најдобриот начин за создавање и градење на силна култура е да го вреднувате придонесот на вашиот персонал и да се грижите за него. Како професионалец за човечки ресурси, ќе бидете во постојан контакт со вработените за време на целата деловна активност, и ако не ги следите овие совети, малку е веројатно дека културата во вашата компанија ќе се подобри.

Сепак, важно е да запомните дека овие промени нема да се случат преку ноќ. За да се покажат првите резултати ќе помине некое време, но знајте дека секој направен чекор во вистинскиот правец дефинитивно вреди.

Кандидатското искуство и onboarding програмата дефинитивно ќе ви дадат добра основа за работа. Потоа, можете да ја подобрите културата со тоа што ќе ги земате предвид потребите на вашите вработени и на тој начин ќе ги мотивирате да се чувствуваат ценето. Сè што треба да направите е да размислувате емпатично и да откриете што е тоа што вработените го очекуваат од својата компанија за возврат на својата лојалност, ангажираност и посветеност.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...