Флексибилен начин на работа: Новото „нормално“ по крајот на пандемијата?

од 24HR

Фејсбук и премиерката на Нов Зеланд се најновите поддржувачи на флексибилното работење додека остатокот од компаниите смислуваат стратегија за постепено враќање на работните места.

Во четвртокот, Фејсбук соопшти дека планира да се пренасочи кон работата на далечина како долгорочен тренд. Од друга страна, премиерката на Нов Зеланд, Јасинда Ардерн, минатата недела предложи четиридневна работна недела, делумно за зајакнување на туризмот во земјата.

Како што канцелариите постепено се отвораат по изолацијата која ја наметна коронавирусот, повеќето работодавци размислуваат за нови начини на работење.

Основачот и извршен директор на Фејсбук, Марк Цукерберг, на своите вработени им соопшти дека компанијата во јули планира „агресивно да се отвори кон далечинското вработување“. Тој очекува дека во текот на следните 10 години, половина од работната сила на компанијата ќе ги извршува своите работни задачи надвор од канцелариите на Менло Парк во Калифорнија.

Фејсбук не е единствен. Следат потези и на други технолошки компании во Силициумската долина, како што е Твитер, од каде објавија дека вработените ќе можат засекогаш да работат од дома доколку тоа им одговара.

Флексибилен начин на работа – сега е вистинското време

Политиката на флексибилно работење најмногу им одговара на вработените кои сè уште се загрижени да се вратат во своите канцеларии, но и на компаниите бидејќи во посткризниот период ќе треба да се придржуваат кон мерките за физичко растојание помеѓу вработените.

Од друга страна, премиерката Ардерн смета дека со четиридневната работна недела ќе се решат две важни прашања: закрепнување на економијата и балансирање на приватниот и професионалниот живот.

„Слушам многу луѓе како сугерираат дека треба да воведеме четиридневна работна недела. На крајот на краиштата, тоа е прашање кое зависи од вработените и работодавците. Но, како што кажав претходно, постојат толку многу работи кои ги научивме за Ковид-19, за флексибилноста на луѓето кои работат од дома и за продуктивноста која што може да се извлече од тоа“, рече Ардерн во обраќањето во живо на Фејсбук.

Технолошките гиганти се во водство

Гигантот Мајкрософт ја испроба четиридневната работна недела минатата година кога во своето претставништво во Јапонија воведе скратено работно време. Нивниот експеримент се покажа како успешен, пред сè, поради растот на продуктивноста и задоволството на вработените.

„Работата од дома останува да биде право на избор за повеќето вработени до крајот на октомври“, изјави портпаролот на Мајкрософт, додавајќи дека компанијата има „хибридна стратегија за реотворање на своите канцеларии“.

И работењето од дома и пократката работна недела наидоа на аплауз од експертите за човечки ресурси како одлична алтернатива за враќање назад во канцеларија.

„Тоа ќе придонесе за подобар баланс помеѓу животот и работата на луѓето на кои им е потребно тоа, како што се вонредните студенти, мајките и родителите кои имаат потреба да поминуваат повеќе време со своите деца или да се грижат за некој повозрасен член од своето семејство“, вели Алин Абрахам, претставничка на консултантска компанија со седиште во Сингапур.

Според неа, ако после Ковид-19 работодавците научат како да вработат и менаџираат флексибилни работници, тоа би било огромна победа за управувањето со човечките ресурси.

Преминот кон далечинско работење им овозможува на компаниите да го преиспитаат својот скап деловен простор.

Мастеркард објави дека во моментов размислува за консолидација на дел од своите канцеларии, додека Фејсбук најави отворање на работни хабови низ цела Америка.

Новото нормално

Долгата листа на компании кои размислуваат за работа од дома и пофлексибилни работни ангажмани дефинитивно ќе има импакт на тоа што во блиска иднина ќе се случува на пазарот на работна сила.

Сето тоа, потпомогнато од технологијата и платформите за видео состаноци како што се Zoom и Google Meet, ќе придонесат кон напуштање на традиционалниот начин на работа и адаптирање на новата реалност која ја диктира новото време.

Без оглед на тоа каде ќе бидеме за 3, 6 или 12 месеци од денес, едно е сигурно: Ковид-19 ги убеди компаниите дека е време да го напуштат традиционалниот начин на размислување според кој продуктивноста зависи од часовите поминати во канцеларија.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...