Доколку аплицирате во Германија, САД, Канада или Обединетото Кралство и ставите фотографијата на вашето CV ќе биде сфатени дека сте несериозни или во најмала рака неупатени, бидејќи во овие земји Законите за труд и антидискриминација ги спречуваат работодавците да бараат многу лични информации, заради што, работодавачите таму не очекуваат фотографија како дел од апликација за работа, особено за професионални позиции.
Фотографија на CV во нашата држава и малку пошироко на овие простори е сосема вообичаена практиката, особено што повеќето кандидати за вработување ја користат Europass CV формата. Честопати и во самите огласи за вработување е нагласено дека е потребна фотографија, а особено не можам да се начудам кога ке видам оглас за вработување од јавни или државни институции каде што е истакнато тоа барање.
Барањето фотографија на CV го сметам за оправдано само ако се работи за оглас за манекени, актери или фотомодели, професии каде што изгледот е услов за работната позиција, ама според мене, оглас за администратор, сметководител, правник, хигиеничар, работник во кујна… на кој што стои: „потребна е фотографија”- е непристоен.
Фотографијата во CV може да води до дискриминација
Лично сум против фотографија на CV бидејќи тоа може да значи индиректна дискриминација. Личните фотографии откриваат многу карактеристики што потенцијалниот работодавач инаку не би смеел да ги постави како услов во јавен оглас – такви се: пол, возраст, етничка припадност, религија и физички карактеристики. Можеби некој помалку атрактивен нема да добие шанса ниту на интервју да биде повикан, заради некој кој на фотографијата изгледа поатрактивно. Обратно, може да ви се случи убавата фотографија некому да предизвика чувство на одбивност или љубомора, па токму да ви ги уништи шансите да покажете дека сте и стручни и способни исто така. Преку фотографијата можете да бидете дискриминирани и по основ на возраст. Некому ќе му изгледате премладо, некому престаро.
Внимавајте, доколку аплицирате во Германија, САД, Канада или Обединетото Кралство, и ставите фотографијата на вашето CV ќе биде сфатени дека сте несериозни или во најмала рака неупатени, бидејќи во овие земји Законите за труд и антидискриминација ги спречуваат работодавците да бараат многу лични информации, заради што, работодавачите таму не очекуваат фотографија како дел од апликација за работа, особено за професионални позиции.
Никогаш не можете да претпоставите со сигурност како менаџерот за човечки ресурси што го чита вашето CV ќе ја сфати вашата фотографија, дали таа ќе ви донесе бенифит или не. На пр. премногу привлечна фотографија може да одвлече внимание од останатите ваши вештини и достигнувања наведени во кратката биографија и тој да помисли дека вам тоа ви е целта.
Поддржувачите на фотографија на ЦВ го бранат својот став со следниве аргументи:
- Луѓето стануваат се повеќе визуелни;
- Фотографијата ја персонализира апликацијата, односно помага при конфузија на идентитет, кога има повеќе лица со исто име и презиме и
- Леснотијата на пристапност. Имено, огромното мнозинство луѓе се присутни на Фејсбук, Твитер, LinkedIn или на некои други социјални медиуми, така што регрутерите и менаџерите за човечки ресурси, доколку се заинтересирани за изгледот на кандидатот, во секој случај ќе го пронајдат.
Сметам дека е подобро да ја изоставите фотографијата во CV, но можете јасно да го назначите линкот на вашата професионална страница како што е LinkedIn на пример. Така ефикасно и ненаметливо му се дава на работодавачот можност за лесно прегледување на личната фотографија доколку тој тоа го сака. LinkedIn е деловна платформа и вклучува фотографија, така што пожелно е да се стави фотографија соодветна за вашата област.
Сепак ова е право, но доколку додадете фотографија на вашето CV, барем тоа нека биде портрет, што ги покажува само главата и рамената на што е можно понеутрална позадина и во пристојна облека. Ова го споменувам затоа што што сум имала прилика да видам секакви фотографии на апликациите за работа, целосна фигура на пример, некои дури и со провоцирачки став, разголени, сликани во огледало, фотографии со разубавувачки ефекти. Некои ми делувале невкусно, некои наивно, како и да е, но секако не придонесувале кон збогатување на професионалниот профил. И уште нешто, фотографијата нека биде реална, неодамнешна, тековна, за да не се случи луѓето да бидат изненадени кога ќе ве запознаат лично.
Најпосле, едно е сигурно. Менаџерите на човечки ресурси во компаниите кои сериозно трагаат по најдобриот кандидат сигурно нема својот избор да го базираат само на фотографијата, туку на неговите квалификации, способности и искуство и ќе му пружат шанса секому што ги исполнува условите за одредена работна позиција, но постојат и такви кои ќе вработат атрактивно лице, и без потребните квалификации и искуство. Прашањето е : Дали сакате да работите за таков работодавач?
Би сакала да го споделите и вашето мислење по ова прашање.
За авторот:
Билјана Чкламовска е Legal/HR/ Compliance Manager, одговорна за човечките ресурси на три компании на австриската интернационална компанија Novomatic AG во Македонија (ХТЛ Македонија, Мастербет и МА Гаминг) и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување за Новоматик компаниите во Македонија. Има 10 годишно искуство во јавна администрација на разни позиции во АВРМ, а хонорарно предава „Правни аспекти на човечките ресурси” на Академијата за човечки ресурси Clear View.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.