75 проценти од лицата кои бараат работа го земаат предвид брендот на работодавачот пред да аплицираат на некој оглас за вработување, додека пак, 96 проценти од компаниите веруваат дека нивниот имиџ како работодавач може позитивно или негативно да се одрази на нивните приходи.
Имајќи ги предвид овие статистички податоци, голем број организации во моментов прават напори да го изградат или зајакнат својот бренд како работодавач. Прашањето е како тие можат да го мерат успехот на своите стратегии и програми за брендирање на работодавач?
Мерењето на успешноста кога станува збор за брендирањето на компанијата како работодавач (популарно наречено: Employer Branding) се сведува на следење на вистинските метрики. Ние денес ќе споделиме 10 најчесто користени метрики кои ќе ви помогнат да ја измерите ефективноста на вашите напори и јачината на брендот на вашата компанија како работодавач. Продолжете со читање за да дознаете зошто се важни и како се пресметуваат.
1. Квалитет на апликации
Ако сакате да привлечете висококвалитетни кандидати, тогаш треба да се запрашате како ви оди со тоа. Студиите покажуваат дека силниот бренд на работодавач води до 50% поквалитетни апликанти. Но, како работодавците можат да го измерат и да учат од квалитетот на апликациите?
Многу едноставно. Регрутерите треба да го пресметаат процентот на апликантите кои биле повикани на интервју, кој во просек изнесува 12%.
Доколку односот помеѓу кандидатите кои се повикани на интервју и вкупниот број на апликанти е повисок од 12%, тогаш веројатно привлекувате повеќе од доволно квалификувани кандидати во вашата компанија. Ако односот е помал од 12%, треба да размислите за начини за подобрување на квалитетот на кандидатите кои ги привлекува вашата компанија.
Квалитет на апликации = (Број на кандидати на интервју / Вкупен број на апликанти) x 100
2. Трошок за вработување
Трошоците за регрутација, евалуација пред вработување и огласување се издатоци кои го сочинуваат трошокот за вработување. Како што спомнавме претходно, силниот бренд на работодавач може значително да ги намали трошоците за вработување (во некои случаи дури и за 50 проценти).
Кога компанијата важи за топ работодавач, повеќето кандидати доаѓаат директно кај неа – а истите тие честопати се подобри за вклопување во организацијата бидејќи точно знаат кои се вредностите на компанијата. Со доаѓањето на поквалитетни кандидати, работодавците можат да трошат помалку ресурси во поглед на време и пари кога имаат потреба да пополнат некоја позиција.
Трошок за вработување = (Интерни + Екстерни трошоци за вработување) / Вкупен број на вработувања
3. Свесност за брендот
Со оглед на тоа што свесноста за брендот е малку поапстрактна метрика во однос на претходните две, многу е важно да имате некаква претстава за тоа колку луѓе ве препознаваат како работодавач. Колку е попозната и попосакувана вашата компанија, толку е поголема веројатноста дека ќе привлечете висококвалитетни кандидати при вработување, затоа што ќе бидете нивниот работодавач од прв избор.
Наместо да се пресмета со формула, свесноста за брендот може да се мери преку следење на вашата компанија на социјалните мрежи. Со набљудување на бројот на споменувања и интеракции на социјалните мрежи, може да развиете подобро разбирање за свесноста и чувството на луѓето за вашата компанија како работодавач.
Една студија покажа дека дури 86% од луѓето бараат работа преку социјалните мрежи. Затоа, пронаоѓањето на начини за да ја подигнете свесноста за вашата компанија како работодавач преку социјалните мрежи е клучно за зајакнување на целокупниот бренд на компанијата.
4. Извор за вработување
Од каде доаѓаат вашите вработени? Како дознаа за вас? Мерењето на изворот на вашите вработени ќе ви помогне да откриете кои се ефикасни и помалку ефикасни извори за вработување. За да го измерите изворот за вработување, утврдете од каде доаѓаат најголемиот дел од вашите вработени и проценете дали ефективно ги оптимизирате вашите средства.
Ако сфатите дека многу малку од вашите нови вработувања потекнуваат од поекономични извори, како на пример препораки од вработени, можеби ќе сакате да направите стратегија за зголемување на овие препораки. На пример, многу компании им нудат бонуси на своите вработени доколку препорачаат добар кандидат за некоја отворена позиција.
ПРОЧИТАЈТЕ: Employer Branding во време на COVID-19
5. Број на отворени апликации
Иако голем број професионалци за човечки ресурси ја потценуваат оваа метрика, сепак, навистина е корисно да се следи бројот на кандидатите кои испраќаат отворени апликации. Со додавање на оваа опција на вашата кариерна страница, можете да бидете сигурни дека луѓето што испраќаат отворена апликација се многу добро запознаени со вашиот бренд на работодавач.
Следењето на бројот на овие апликации ќе ви помогне да разберете колку е видлива вашата компанија како работодавач. Ако се фокусирате на градење на силен бренд на работодавач и потоа забележувате пикови во бројот на отворените апликации кои ви пристигнуваат, тогаш веројатно се наоѓате на вистинскиот пат.
6. Стапка на прифаќање на понуда
Мерењето на стапката на прифаќање на понуда за вработување е корисно за работодавците поради голем број причини. Тоа, не само што ви помага да следите колку се успешни вашите напори за вработување, туку, исто така, укажува на бројот на кандидати кои ја одбиваат вашата понуда. Покрај тоа што ќе ја пресметате стапката на прифаќање, корисно е да ја надополните со истражување на причините за одбивањето. За да успеете во тоа, побарајте повратна информација од кандидатите и дознајте колку што е можно повеќе за тоа зошто вашата компанија не е работодавач од прв избор за апликантите кои ги одбиваат условите кои ги нудите.
Стапка на прифаќање на понуда = (Прифатени понуди / Вкупно понуди) x 100
7. Задоволство на менаџментот
Еден од најдобрите начини за интерно мерење на успехот на стратегијата за брендирање на работодавачот е преку поттикнување на повратни информации од менаџерите. Колку се задоволни тие од вашиот избор на кандидати?
Мерењето на нивното задоволство ќе ви помогне да одредите дали ги привлекувате кандидатите што ги посакувате и колку тие се вклопуваат во вашата компанија. Еден начин да го измерите ова задоволство е преку анкетирање на раководителите за да дознаете колку се тие задоволни од кандидатите што ги регрутирате.
8. Искуство на вработените
Главен аспект на брендирањето на компанијата како работодавач е одредувањето колку добро се совпаѓа искуството на вработениот со тоа што компанијата го ветува. Иако не постои формула за пресметување на нешто што се нарекува искуство на вработените, сè уште постојат начини преку кои можете да го измерите и да научите од тоа. Голем број компании спроведуваат истражувања во форма на мерење на задоволството на вработените и излезни интервјуа со цел да добијат корисни повратни информации директно од вработените.
Доколку потврдите дека искуството на вработените се разликува од она што се обидувате да го обезбедите како работодавач, можеби е време да го промените начинот на кој го градите и комуницирате вашиот бренд на работодавач.
9. Стапка на препораки
Едно истражување покажа дека препораките сочинуваат само 7% од апликантите, но тие сепак генерирале над 40% од новите вработувања. Веќе покажавме дека препораките помагаат да се намалат трошоците за вработување, а освен тоа, тие ја подобруваат и стапката на ретенција (задржување на вработени). Со увид во бројот на препораки, можете многу подобро да разберете колку ефикасно го комуницирате вашиот бренд внатрешно и надворешно.
10. Стапка на ретенција
Вработените секогаш ќе доаѓаат и ќе си одат, особено во денешниот динамичен пазар на труд. Голем број компании кои бараат начини да го намалат обртот на вработени и да го зголемат степенот на задржување се фокусираат на градење на бренд на работодавач.
Некои студии сугерираат дека стапката на ретенција е најчесто користената метрика за мерење на брендот на работодавачот, а тоа има смисла благодарение на фидбекот кој се обезбедува со помош на излезните интервјуа. Затоа, дознајте колку што е можно повеќе за искуството на вашите вработени кои си заминуваат и искористете го тоа знаење за да ги подобрите процесите на регрутирање и брендирање на вашата компанија како работодавач.
Заклучок
За да го измерите успехот на вашиот бренд како работодавач, најпрво треба да ја одредите вистинската комбинација на метрики кои ќе ви помогнат да ги оптимизирате вашите активности и да ги следите вашите цели со текот на времето. 10-те метрики за мерење на брендот на работодавачот кои денес ги споделивме се одличен избор за почеток. Сега, откако се запознавте со десетте најчести параметри кои ќе ви помогнат да станете посакуван работодавач, прочитајте и Како Unilever стана #1 работодавач во повеќе од 40 земји ширум светот.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.