„Секој професионалец кој раководи со организации и луѓе треба континуирано да се развива и унапредува за да може да го даде својот максимум во лидерската улога.“
Во нашиот развој како држава на патот кон Европската унија, со крајна цел да бидеме напредно општество, потребно ни е силно лидерство во организациите во приватниот и во јавниот сектор и голема поддршка за оние кои завземаат менаџерски и лидерски функции да одговорат на предизвиците прераснувајќи во врвни лидери кои ќе ја овозможат и водат трансформацијата на организациите.
Првата претпоставка која ќе ја земам за голема вистина и постулат на мојот текст е дека секој професионалец кој раководи со организации и луѓе треба континуирано да се развива и унапредува за да може да го даде својот максимум во лидерската улога!
Ќе зборувам за бизнис коучингот како најефективна метода за развој на лидери бидејќи во неговата основа е постигнување на состојба на свесно лидерство. Преку освестување на состојбите, целите и интересите кај менаџерите и менаџерскиот тим, до поголема објективност во работењето и донесувањето на одлуките за иднината на организацијата.
Пред неколку години учествував на едукација за менаџмент во Федералните Резерви на Њуjорк. Ни беше презентирана целокупната развојна програма за сите нивоа на менаџмент, каде за дел од средниот и највисокиот менаџмент ни беше презентиран коучингот како единствена методологија за поддршка. За таа цел, ангажирани се тројца познати бизнис коучеви од Менхетен со кои имаат рамковна соработка и секој од топ менаџерите е обврзан да одбере еден од овие коучеви за да работи на својот развој на менаџерски и лидерски компетенции.
На многу едноставен начин, беше објаснето значењето на бизнис коучингот како погодна методологија за мобилизирање на постоечките ресурси на менаџерот бидејќи динамиката на менаџерските позиции не остава многу време за дополнителна едукација. Со самото назначување на менаџерот тој е потребно веднаш да ги усогласи личниот стил, мисија и цели, вредности и однесувања со насоките дадени од компанијата. И на овие теми менаџерот работи со својот коуч како нешто сосема секојдневно во неговата менаџерска кариера.
Коучингот е директно поврзан со тековните деловни проблеми и реалности со кои се соочуваат менаџерите и менаџерските тимови, како и усогласеност со конкретните развојни области кои се нивни релевантни потреби и ги поврзува со корпоративните вредности и приоритети.
Бизнис коучингот се покажа како најделотворна метода за успешно управување со промените:
- За усогласување на членовите на менаџеркиот тим со визијата, мисијата и поставените цели.
- Дефинирање на улогите и распределба на одговорности за остварување на зацртаните цели.
- Планирање и спроведување на поголеми структурни промени во компанијата.
- При воведување на нови бизнис стратегии.
- За подготовка и развој на менаџерите за успешен процес на наследување на менаџерските позиции и развој на новоназначени менаџери.
- Подобрување на функционирањето и зајакнување на врските во менаџерскиот тим.
- Друго.
Во наведените случаи најчесто се комбинира тимскиот коучинг за менаџерскиот тим и индивидуален коучинг процес за менџерите за да се постигне посакуваниот трансформативен процес.
Разликата помеѓу коучингот и консултанството е во пристапот кој не е фокусиран на пренос на нови знаења, туку откривање и мобилизирање на потенцијалите на клиентите и градење на нови верувања и вредности кои им се неопходни во процесот на постигнување поголема менаџерка зрелост и отвореност за учење на нови знаења и вештини за исполнување на зацртаните цели.
Тимскиот коучинг има за цел цврсто поврзување на членовите на менаџерскиот тим околу заедничката визија, идентитет и вредности на тимот и компанијата. Коучот ја обезбедува објективноста и непристрасноста на процесот и затоа неговата улога е клучна.
Преку индивидуален бизнис коучинг менаџерите се водени низ процес на само-откривање и само-свесност, осознавање на своите предности и јаки страни и нивно ставање во функција на остварување на личните и организациските цели, како и идентификување на нивните послаби точки кои е потребно да ги развиваат. Коучингот позитивно делува на развој на емоционалната интелигенција и повисоко ниво на свесност за себе и околината.
Менаџерот и коучот развиваат специфичен партнерски однос кој се заснива на доверба и доверливост. Индивидуалниот коучинг може да се реализира и онлајн, додека за тимскиот коучинг се потребни услови за работа во живо.
За авторот:
М-р Христина Лозаноска е бизнис и персонален коуч, оснивач на ВИТА ИНСТИТУТ, www.vitainstitut.com, консултантска куќа која испорачува бизнис коучинг за менаџери на компании во повеќе сектори и индустрии. Поседува два сертификати за коучинг: Erickson Professional Coach сертификација акредитирана од International Coaching Federationи Capital C Coach, сертификација призната од American board of NLP,ANLP. Има повеќегодишно работно искуство во развој на организиции и лидери. Таа е оснивач и поранешен претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси (2012-2018)
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.