Колумна на Данче Азманова Мирчевска-контент креатор и основач на платформата Working Mom
Кога вашите колешки мајки ќе се вратат на работа по породувањето, дали знаете што зборуваат за вашата компанија?
На Working Mom, платформата што ја стартував за споделување искуства за кариерни предизвици, добив брдо пораки од ваши колешки мајки што немале друго место каде да си ги искажат маките.
Покрај сите правни и административни работи, клучната работа на HR секторот е да направи тимот да чувствува припадност и задоволство од работата, нели?
Замислете колку е тешко како HR сектор да смислувате бенефиции, различни награди и да вложувате пари во сето тоа, а со еден погрешен потег, се тоа паѓа во вода, ако не направите вашите колешки што се мајки да почувствуваат припадност во фирмата.
Реалноста е дека ниту една од бенефициите што ги добиваат, не може да ја надоместат штетата што се прави на долг рок со навидум невини грешки.
Прашањето е: Koи се дел од грешките?
Грешка #1: Непотребно реагираме на плачење/појавување на дете за време на онлајн состанок, правејќи мајката да се чувствува уште поужасно.
Неодамна, имав онлајн состанок каде што требаше да дадам свое мислење за нешто додека бебето ми врескаше во другата соба. Јас стоев парализирана бидејќи не знаев дали попрво да го слушам врескањето или да дадам високо интелигентен одговор.
Присутните ме гледаа со сожалувачки поглед што навистина ме навреди, како да правев нешто погрешно.
Решение #1: Да се разбере појавување/плачење на дете за време на онлајн состанок со опција за користење на таен знак кога ситуацијата ќе ескалира.
Сите знаеме дека во време на капитализам важна е професионалноста, можеби состанокот е доста битен и сериозен, но, да не заборавиме дека во последно време се повеќе се цени емпатијата при водењето на луѓето.
Најчесто не знаеме од кои причини мајката не може да го остави детето на чување.
Затоа, ајде да пробаме да го разбереме, дека додека имаме онлајн состаноци може да се појават врисоци во позадина, деца да трчаат наоколу, да прават фаци на камерата или пак, дека може да се случи да имаме потреба итно да станеме од состанокот.
Грешка #2: Веднаш штом се дознае дека е бремена, се организира состанок како да се замени нејзиното работно место.
Кога останав бремена, компанијата каде што работев итно свика таен состанок за да види како ќе ме замени.
Секако, јас дознав за тоа, па целата преубава слика што ја имав за нив како компанија, падна во вода. Од тогаш, никогаш повеќе не ја препорачав на мојата околина.
Решение #2: Да се вклучат идните мајки во заменувањето на нивното работно место, давајќи им до знаење дека штом се вратат на работа, позицијата ќе биде тука.
Не ги казнувајте жените затоа што ве известиле за бременоста. Наместо тоа, вклучете ги на тој фамозен состанок за нивно заменување. И секако, дајте им до знаење дека штом се вратат од породилно, нивното место ќе биде тука.
Грешка #3: Сите прашуваат за бебето, а никој за мајката.
Колку пати сте прашале новопечена мајка: “Како сте? Растете ли? Колку месеци наполни бебуш?” Зошто никој не ги прашува мајките како се тие?
Решение #3: Прашајте ја мајката: „Како си ти? Ама навистина како си?”
Фокусот на околината исклучиво кон нејзиното бебе, прави мајката да си ги крие своите емоции што уште толку ја влошуваат постпородилната депресија.
Затоа прашајте ја „Како си ти, ама навистина како си?” за да го извлечете искрениот, нефабрикуван одговор.
Грешка #4: Претпоставуваме дека мајката е спремна да се врати на работа штом заврши породилното.
Искрено, не сме баш спремни. Сме спиеле по 2-3 часа ноќе, сме го доеле бебето, детето ни качило температура, одбивало да јаде со саати, сме немале време да си ја исчешламе косата… Не може да очекувате да бидеме целосно спремни, ниту пак свежи на првиот работен ден или деновите потоа.
Решение #4: Организација на пост-породилен onboarding
Организирајте пост-породилен onboarding. Сигурно има многу работи, процеси или проекти што се промениле во рок во тие година дена. Вас тоа ќе ви заштеди време и енергија, ќе се намалат грешките при работата, а вработените ќе ви бидат благодарни.
Грешка #5: Нема посебна соба за молзење, туку се претпоставува дека тоа може да се прави во тоалетот.
Тоалетот е најнехигиенскиото место за измолзување. Потребна ни е мирна, чиста и опуштена атмосфера за оваа активност, а тоалетите не се баш тоа место.
Решение #5: Да се обезбеди посебна просторија за молзење.
Обезбедете барем една мала соба за молзење, со 1-2 столчиња, нешто налик собите за доење во моловите.
Поминувањето повеќе од 8 часа без молзење е ризик за појава на маститис, една од најголемите болки што може една жена да ги доживее.
Грешка #6: Се критикуваат мајките што порано си заминуваат од работа поради обврски со децата.
Колку пати сте приметиле дека некој ќе погледне колешка на криво што морала порано да си замине од работа или да заврши со состанок поради обврски со детето? Можеби и ја критикувале дека е непрофесионална.
Решение #6: Да се воведе флексибилно, наместо фиксно работно време.
За почеток, покажете емпатија. А потоа, воведете флексибилно, наместо фиксно работно време. Затоа што, ако мајките треба да бираат помеѓу работата и детето, секако дека ќе го одберат семејството.
Грешка #7: Недостаток на работилници или групи за поддршка за мајките
Нема работилници или групи за поддршка за теми како: полесен премин од породилно кон работа, стратегии за менаџирање време со дете, баланс кариера – родителство или едноставно размена на искуства, изнаоѓање решенија на предизвикувачки ситуации, итн.
Замислете колку многу мајки што се дел од вашата фирма, сметаат дека се сами во овој процес. Се појавува депресија, анксиозност, не се фокусирани на работата, а со тоа паѓа нивната продуктивност, и секако заработката на фирмата.
Решение #7: Да се организираат работилници или да се ангажираат консултанти на овие теми.
Организирајте работилници или ангажирајте надворешни консултанти што може да ги опфатат и обработат овие теми. На овој начин ќе им помогнете да ги надминат потешкотиите и да си ја повратат продуктивноста.
Ова се САМО дел од грешките што може да се поправат за вашиот тим да се чувствува ценето, прифатено, слушнато.
Колку далеку сте спремни да отидете за да го задржите Вашиот тим?
Сите знаеме дека моментално е доста тешко да се најде квалитетен кадар, а уште потешко лојален кадар. Сигурно сте се соочиле со проблем за задржување на кадар или нивна мотивација? Да бидеме свесни дека за 5 години уште потешко ќе биде.
Факт е дека кога луѓето стануваат родители, се менуваат приоритети. Финансиите се битни, но сигурноста и прифаќањето им се побитни. Ако го добијат ова кај вас, ниедна друга плата или бенефиција нема да ви ги земе луѓето.
П.С. Дур ви е свежо знаењето, ве предизвикувам во текот на денешниот ден, да примените барем една работа што ја научивте во изминативе неколку минути.
За авторот:
Данче Азманова Мирчевска е контент креатор и основач на платформата Working Mom (https://workingmom.mk/) каде што отворено зборува и споделува за кариерните предизвиците што ги носи бременоста, мајчинството и татковството. Таа е и ко-основач на креативната бизнис иницијатива TrixieBox (https://www.instagram.com/mytrixiebox/), која што им овозможува на луѓето да најдат уникатни подароци за специјални пригоди на едно место.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.