8 метрики што секој регрутер треба да ги знае

од 24HR

Дали вашиот процес на регрутација е ефикасен? Овие 8 метрики ќе ви помогнат да го измерите, оптимизирате и унапредите целиот процес на регрутација и да бидете подобри регрутери утре!

Следењето на вистинските метрики за регрутација ќе ви помогне да поставите јасни цели, да го измерите напредокот и резултатите и да ги подобрите вашите идни стратегии за регрутирање на вистинските таленти.

Метриките, исто така, можат да ги поддржат вашите ставови, идеи и стратегии во салата за состаноци кога треба да ги одбраните и оправдате вашите акции пред надредените.

Подолу, ви претставуваме осум метрики кои ќе ви помогнат да го следите, оптимизирате и унапредите процесот на регрутација во вашата компанија:

1. Стапка на финализирани апликации

Стапката на финализирани апликации може да ви открие многу за тоа колку е едноставен или комплициран вашиот процес на аплицирање. Ниската стапка сугерира дека луѓето немаат време и трпеливост да ја пополнат вашата апликација, што значи дека целокупната процедура е можеби прекомплицирана.

Стапка на финализирани апликации = Број на финализирани апликации : Број на започнати апликации

Стапката на финализирани апликации можете да ја подобрите со симплифицирање на вашата апликација каде ќе се бараат само најпотребните информации. Ако е неопходен подолг образец за апликација, користете лента за прогрес или поделете ги прашањата по делови за да го направите процесот полесен за кандидатите.

Прочитајте > 5 HR метрики кои треба да ги следите – дури и без HR софтвер

2. Стапка на повратен повик од кандидатите

Ниската стапка на повратен повик од кандидатите е индикација дека кандидатите не ја сметаат вашата понуда за привлечна или убедлива.

Стапка на повратен повик од кандидатите = Број на кандидати кои ве контактирале: Број на кандидати од кои сте побарале да ве контактираат

Испробајте повеќе терени за регрутирање за да видите кое е најдоброто решение кое одговара за вас. Обидете се со алтернативни начини на комуникација како СМС, платформи за чет, LinkedIn или е-пошта – се што мислите дека може да функционира – за да видите дали одредени канали поттикнуваат повеќе одговори.

3. Број на интервјуа за едно вработување

Оваа метрика треба да биде колку што е можно пониска. Ако е висока, тоа значи дека одговорните лица за вработување трошат премногу време и ресурси за интервјуа отколку што е потребно.

Број на интервјуа за едно вработување = Вкупен број на кандидати интервјуирани за едно работно место

За да ја намалите оваа метрика, разгледајте ги очекувањата на одговорните лица за вработување и користете јасни описи на работните места кои ќе послужат како филтер уште во процесот на скрининг.

4. Време за едно вработување

Времето за вработување го мери временскиот период од моментот кога кандидатот за првпат е контактиран до моментот кога кандидатот ја прифаќа понудата за работа.

Време за едно вработување = Датум кога кандидатот е вработен – Датум кога огласот е отворен

5. Време за пополнување на работно место

Времето за пополнување на работното место го мери временскиот период кој му е потребен на работодавачот да пополни одредена работна позиција. Појдовна точка за оваа метрика може да биде моментот кога одговорното лице за вработување ќе одлучи дека е потребен нов вработен или кога компанијата за првпат го објавува огласот. Користете кој било метод што најмногу одговара за вашата организација.

Време за пополнување на работно место = Датум на прифаќање на понуда – Датум кога позицијата е отворена / огласувана

6. Трошок за вработување

Целта на следење на оваа метрика не е намалување на трошоците. Наместо тоа, вие ќе сакате да разберете како, кога и каде треба да ги оптимизирате вашите трошоци за да привлечете и вработите врвни таленти.

Трошок за вработување = (Вкупно интерни трошоци + Вкупно екстерни трошоци) : Вкупен број на вработени

Обрнете внимание на тоа кои извори ви носат висококвалитетни кандидати со оптимален трошок за вработување за подобро да ги алоцирате вашите ресурси и напори.

Прочитајте > 10 метрики за Employer Branding кои треба да ги следите во секое време

7. Стапка на конверзија

Моќта на целокупниот процес на регрутација можете да го измерите со следење на ефикасноста на секоја фаза од тој процес. Оваа метрика ќе ви помогне да забележите доколку постојат тесни грла и неефикасност во чекорите на вашиот процес на регрутација. Стапката на конверзија е всушност процентот на кандидати кои успешно ќе поминат одредена фаза на регрутација.

8. Стапка на прифатени понуди

Важно е да знаете колкав дел од кандидатите ги прифаќаат вашите понуди и зошто одреден дел од нив ги одбиваат. На пример, ако забележите дека голем дел од кандидатите ги одбиваат вашите понуди затоа што не се мотивирани за релокација, тогаш можеби треба да обмислите стратегија како вашата компанија да ги покрие тие трошоци или да понудите привлечен бонус кој ќе ви помогне да ги придобиете идните кандидати.

Стапка на прифатени понуди = (Вкупен број на прифатени понуди : Вкупен број на испратени понуди) x 100

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...