Лекции за личен развој: Справување со промените

од 24HR

Прифаќањето на промените имплицира дека промената не ја гледате како негативен настан, туку како возбудлива можност да се подобрите себе си и да се впуштите во нови предизвици.

Секогаш кога се соочував со нова промена во изминативе неколку години, покрај тоа што се концентирав на индивидуалниот настан и внатрешните процеси, поминував и многу време размислувајќи за неколку генерални прашања:

  • Како можеме да ги контролираме промените врз кои имаме влијание?
  • Како можеме да се прилагодиме на промените кои се надвор од наша контрола?
  • Како можеме да се грижиме за себе за време на процесот на адаптација?

Со текот на времето научив да практикувам сè попродуктивен и поздрав став за неизвесноста и промените во животот. Покрај тоа запознав и многу други луѓе кои ја достигнале истата или уште подобра перспективна точка, па решив да споделам неколку идеи и со вас, надевајќи се дека можеби ќе придонесат кон подобрување и на вашиот поглед кон животната неконстантност.

„Кога веќе не сме во можност да ја промениме ситуацијата – предизвик ни е да се промениме себе си“- Виктор Франкл

Доколку се вратиме назад во времето, во саваната, тогаш и најмала ненадејна промена во непосредната околина можела да означува опасност од наближување на некое диво животно. Иако во 99% од случаевите причината за промената била само ненадејниот ветер, подобро било да се предвиди најлошото за да се превенираат ситуации во кои станува збор за живот или смрт. Затоа, и покрај фактот дека повеќето промени не се опасни по нашиот живот, ние често реагираме на нив како да навистина претставуваат некаква опасност и закана за нас. Подготвени сме за „борба или бегство“ секогаш кога сме вознемирени или под стрес и не секогаш одвојувавме време рационално да го процениме реалниот проблем.

Новите ситуации може да бидат стресни како во бизнисот така и во приватниот живот. Промената е природно непријатна, без разлика дали се работи за нов претпоставен на работа или некој близок кој се чини дека се однесува чудно. Голем дел од тоа се должи на фактот што го споделуваме истиот ДНК состав со оние поединци кои побегнале од саваната во потрага по подобар живот и нашиот мозок сè уште тврдокорно се сомнева во секоја промена со којашто се соочуваме. 

Како можеме да ја намалиме аверзијата од природните промени и нејзиниот негативен ефект врз нашите животи?

1. Дознајте со што точно се соочувате

Идентификувањето на она што се случува е првиот чекор во справувањето со промените. Честопати ние само се чувствуваме генерално загрижени или нервозни и се фокусираме само на тоа чувство наместо да се фокусираме на точната причина за таа загриженост. Следствено на ова – првиот чекор е јасен: идентификувајте го проблемот и осознајте ја вашата емоционална реакција на него. Справувањето со проблемот којшто го носи промената може да стане многу поедноставно доколку сте целосно свесни за она со коешто се соочувате.

2. Доколку имате влијание врз промената – преземете ја контролата

Промените може да се класифицираат во две категории: работи коишто можете да ги контролирате и оние коишто не можете. За жал, ние имаме мало влијание врз пандемијата којашто сè уште беснее по светот и ние сме тие кои моравме и сè уште мораме да се прилагодуваме на овој нов начин на живот. Но не е сè така црно затоа што, спротивно на тоа, постојат многу ситуации врз кои ние имаме одредено или целосно влијание.

На пример, да речеме дека односот со еден од вашите пријатели е на „стаклени нозе”. Во тој случај не треба само да прифатите дека е неизбежно да се разидете и секој да замине на своја страна. Наместо тоа може да иницирате суштествен и искрен дијалог, да ги откриете и решите вашите несогласувања, да ги разберете и прифатите различните гледишта кои ги имате и да одлучите да направите намерни обиди да останете дел од вашите лични кругови на најблиски луѓе.

3. Прифатете го она коешто не можете да го контролирате

Што ако сте фантастични во вашата работа, но вашиот претпоставен вработи некој во вашиот тим којшто е уште попаметен и поталентиран од вас? Природна реакција би била да се спротивставите и на оваа промена, тврдејќи дека истата е неправедна и дека вашата работа треба да се цени повеќе затоа што сте биле во компанијата подолго време. На овој начин дури и ќе почнете да развивате непотребно негативни чувства кон таа личност. Тоа е нормална реакција, но не и ефикасна. Добрата вест е што истата може да се подобри следниот пат кога ќе се соочите со таква ситуација. 

Компанијата донела одлука дека вработувањето на тој поединец е мудра инвестиција и веројатно нема да го смени своето мислење без оглед на вашиот став и желби. Прифаќањето на новонастанатата реалност и искрените обиди вистински да ја почитувате оваа личност и да го збогатите сопственото знаење преку меѓусебната соработка е најдобриот начин којшто можете да го изберете за справување со оваа промена.

4. Грижете се за себе

Справувањето со промените во работата и надвор од неа може да биде навистина заморно – затоа бидете љубезни кон себе си во текот на самиот процес. Запомнете дека треба да дадете приоритет на грижата за себе додека откривате како да се приспособите на промените и правите стратегии за тоа како искрено да ги прифатите новонастанатите средини и ситуации. Постојат многу начини за грижа како што се физичката активност, здравата храна, добриот сон, новите хобија и редовните освежувачки одмори за промена на секојдневието. Изберете што најмногу ви одговара според вашето претходно искуство и погрижете се да им пристапите на новите искуства со леснотија и мудра перспектива.

„Некои промени изгледаат навидум негативни, но наскоро ќе сфатите дека тие создаваат простор во вашиот живот за да се појави нешто ново”- Екхарт Тол

Како најефективно да се справите со промените? Со сигурност не борејќи се против нив, туку со користење на новите можности коишто тие ги создаваат. Еве да го земеме за пример интернетот. Појавата на интернетот предизвика огромни турбуленции во речиси секоја конвенционална индустрија, водејќи до изумирање на долгогодишни деловни структури кои претходно се чинеа незаменливи, но тоа доведе до позитивна промена на многу бизниси кои решија да го прифатат интернетот како опција за подобрување. Впрочем, интернетот ги доведе таквите бизниси до успеси од претходно незамисливи размери!

Животот ќе продолжи да се менува без разлика дали тоа нам ни се допаѓа или не, затоа мој предлог е да ја прифатите животната неконстантност и да почнете да гледате на неа како портал за нови можности и достигнување на вашиот вистински потенцијал. Само на тој начин ќе научите да ги доживувате промените сè подобро и подобро, секој пат кога ќе тропнат на вашата врата.

До следниот пат!

За авторот:

Катерина Ѓеровски е глобален HR експерт којашто моментално живее во Германија и работи за еден од најпосакуваните работодавци на ниво на Германија и Европа. Во моментот е одговорна за HR операциите во Европа, Среден Исток и Африка. Во текот на својата кариера има работено во големи глобални организации како Kromberg & Schubert и Van Hool, а исто така има и работено како интернационален кариерен советник за европскиот, американскиот и азискиот пазар. Покрај тоа, има и соработувано со 30+ компании ширум светот преку глобални freelance HR проекти.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...