Скршени нешта

од 24HR

Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Им се чудиме на новите генерации што не се ни трудат да го поправат скршениот држач за мобилен, само купуваат нов. Не се загрижуваат околу скршената играчка на нивното малечко – светот и онака има премногу играчки кои чекаат да бидат купени. Со гордост нагласуваме дека нашата генерација (Х) умееше подобро да ги чува предметите, да се грижи за нештата, да работи постојано на нивно поправање, одржување… Им замеруваме дека се површни, дека не ја ценат вредноста на предметите, парите што за нив ги трошат и, на крај, дека на сличен начин се однесуваат и со врските (деловни и приватни) што ги имаат во животот. Па тука ќе ставиме слика од насмеани дедо и баба, убаво облечени, на прошетка во парк, и ќе напишеме (со гордост, нели) “Ние сме од времето кога нештата се поправаа, не се фрлаа” и, као, ова е нашиот последен аргумент во расправијата и после ова, глупаво би било некој да додаде нешто.

Ајде да ги погледнеме нештатата од друга перспектива.

Новите генерации имаат, во просек, подобро образование од сите претходни генерации. Ако нашата генерација имаше 29% луѓе што завршиле додипломски или постдипломски студии, нивната има 39%. Ако ние имавме околу 13% луѓе со основно образование, тие имаат само 8% и тн. Научиле ли, можеби, нешто што ние сме го пропуштиле?

Неодамнешниот извештај на Галуп за милениумската генерација открива дека 21% од милениумците велат дека ги смениле работните места во изминатата година, што е трипати повеќе од бројот на немилениумци кои го пријавиле истото.

Милениумците, исто така, покажуваат помала подготвеност да останат на нивните сегашни работни места. Половина од милениумците – во споредба со 60% од немилениумците – силно се согласуваат дека планираат да работат во нивната компанија за една година од сега. За бизнисите, ова сугерира дека половина од нивната млада работна сила не гледа иднина со нив.

Бидејќи многу милениумци не планираат да останат на своите работни места, логично е дека тие се активно присутни на пазарот на труд, во потрага по ново вработување. Галуп тврди дека 60% од милениумците велат дека се отворени за различни можности за работа – 15% повеќе од процентот на работници кои не се милениумци и го велат истото. Милениумците исто така се најподготвени да реагираат доколку им се понудат подобри можности: 36% изјавуваат дека ќе бараат работа во друга организација во следните 12 месеци доколку се подобри пазарот на труд, во споредба со 21% од немилениумците кои го тврдат истото.

Ахааа.. ќе речете, па тоа е она што го тврдевме на почетокот – нелојални се, не се трудат да ги поправат нештата на постојното работно место, не се ангажираат доволно за да добијат подобра позиција и бенефиции во постојната компанија, само бараат ново и ново и ново… Пак ќе ве прашам – знаат ли нешто повеќе од нас?

Една од модерните психо-спиритуални теории тврди дека вистинските нешта се трајни. Она што бара постојано одржување, поправање, грижа… не е вистинско. Оставено на забот на времето, само од себе ќе се распадне. Вистинските нешта нема да се распаднат, никогаш, под никакви околности. И, тука, помислувам на златниот прстен со килибар на баба ми и прстенчињата што ги купуваме од Али експрес. Првиот, ќе се носи генерации, вторите, недела-две, додека не потемнат.

Има ли логика постојаното поправање? Трудот, времето, материјалите што ќе ги вложиш за прстенот од Али да трае година-две се, на крај, залудно потрошени.

Ме разбирате ли?

Како луѓе од HR професијата, многу лесно ќе се сетиме на нашето последно лошо вработување. Да, да, знам, кандидатот имаше одлично CV, беше добар на сите спроведени интервјуа, имаше препораки за чиста петка, изгледаше и звучеше како совршено решение за позицијата за која ни беше потребен, арно ама… И, нели, имавме некакво чудно чувство во стомакот веќе после 3-4 месеци, кога воведниот дел помина и кандидатот започна да работи со полн капацитет, но, “Еј!”, си велевме, “Претеруваш! Па кој е совршен? Ќе научи!” па започнавме со него секојдневни еден-на-еден разговори, му најдовме совршени тренинзи на кои треба да оди, бидејќи, нели, добар е тој, само треба да му се даде шанса.

Поминаа шест месеци, кандидатот го доби својот прв официјален фидбек од претпоставениот, а ние се понадевавме дека, ете, ова е точката после која ќе биде подобар, ќе се среди, ќе се научи поефикасно да комуницира, да се држи до процедурите, да биде вреден за довербата што сме ја дале.

Поминаа уште шест. Дојде на ред и годишниот фидбек. “Аха, ова некако тешко оди”, помисливме и додадовме и coaching, “Сега мора да биде добар, едноставно, мора!” си велевме..

Знаете на каде оди приказната, нели? Ниедна од мерките што ги презедовме не создадоа од кандидатот она што беше потребно за работната позиција, па, на крај, распишавме оглас и тргнавме во потрага по друг. Времето и средствата што во овој процес ги потрошивме, се ненадоместливи. И, што е најлошо, повторно сме на стартната линија, започнувајќи го одново истиот процес. A “mogla je biti prosta prica”, еднаш одамна пееше Дугме, ако не бевме заглавени во мајндсет на давање на шанси, подобрување, корегирање, вложување..

Ова се однесува и на врските што ги градиме во нашите приватни животи. Некогаш, се држиме за нефункционални пријателски, љубовни и какви се не врски, па се нешто поправаме, коригираме, вложуваме, заборавајќи на очигледната вистина – тоа што е вистинско, е едноставно, трајно и убаво. Се друго бара постојан напор, кој, на крај, не се исплаќа.

Сакам да кажам, скршените нешта се поправаат, само ако се од злато. Останатите, жалам, не.

Сакам да кажам, драги наши миленијалци, Z генерацијо и сите што доаѓаат после вас, благодариме на лекциите што ни ги давате! На нас е да создадеме компании и работни места кои ќе бидат вистинско решение за вас, па не ќе морате веќе да трчате по нови, нови и нови; компании во кои ќе сфатите дека припаѓате, па ќе се вложите себеси, знаењето и креативноста што ги носите, бидејќи, сметаме на вас!

За авторот:

Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...