ПРВА КОУЧИНГ КОНФЕРЕНЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА:ИНТЕРВЈУ СО МАРИНА АНЧЕВСКА ЗА ТРЕНДОВИТЕ ШТО ЈА РЕДЕФИНИРААТ ПРОФЕСИЈАТА

од 24HR

Првата коучинг конференција во Македонија е настан кој на едно место ќе ги собере најистакнатите професионалци во областа на коучингот, лидерството и личниот развој, отворајќи платформа за дискусија, инспирација и нови идеи. Како дел од панелистите на оваа уникатна конференција, Марина Анчевска, системски мастер тренер и коуч, ќе го сподели своето длабоко познавање и визија за влијанието на коучингот врз ефективноста во водењето на луѓе и процеси. Со долгогодишно искуство и иновативни пристапи, таа ќе открие како коучингот може да го трансформира начинот на кој професионалците управуваат со предизвиците и развојот на тимовите.

Во разговорот со неа се осврнуваме на значењето на коучингот како основен инструмент за личен и професионален напредок, како и на современите трендови што ја редефинираат оваа професија. Ќе ги истражиме и предизвиците со кои се соочуваат професионалците и организациите при воведувањето на коучингот како методологија, како и придобивките што ги носи учеството на оваа конференција, која отвора нови хоризонти за сите кои сакаат да го надградат своето знаење и лидерски вештини. Во ова интервју, разговараме со Марина за нејзиното искуство, најновите трендови во коучингот и како оваа конференција ќе отвори нови перспективи за сите учесници.

Какво е значењето на коучингот денес, и што ве инспирираше и мотивираше да организирате ваква конференција во Македонија?

Лидерството на 21 век бара холистички пристап, не е хиерархиско и е насочено кон развој. Покрај вештините за водење на процеси, потребни се и вештини за водење на луѓето кои се дел од процесот.

Затоа коучингот е најпотребна вештина на секој оној кој управува со процеси и луѓе.

Мојата професионална коучинг кариера започна пред повеќе од 20 години кога во Холандија станав меѓународно сертифициран коуч. Идејата за организирање на коучинг конференција произлезе како резултат на моето долгогодишно работење како професионален коуч, а воедно да се задоволи и потребата коучингот како професија да го добие своето заслужено признание.

Кои се главните предизвици со кои се соочуваат професионалците во областа на коучингот денес, особено во корпоративниот сектор?

Една од причините поради која ја организираме коучинг конференцијата е потребата да се разграничи што е професионален коучинг, како се станува професионален коуч и која е разликата помеѓу оние кои практикуваат напамет научени  и прочитани коучинг техники со оние кои поминале низ многу лични процеси, ги живеат вредностите на професионален коуч и пред сѐ се свесни за своите системски заплети.

Во корпоративното опкружување во Македонија, коучингот сѐ повеќе се прифаќа и полека но сигурно го зазема своето заслужено место. Сѐ уште ни претстои долг процес бидејќи кај нас за жал коучинг професијата се злоупотребува и многу лесно луѓето ја додаваат како вештина во своето портфолио.

Каква улога игра системскиот коучинг во професионалниот и личниот развој? Можете ли да објасните како го применувате во вашата работа?

Системскиот коучинг тргнува од целината. Секој систем е воден од скриени мотивирачки сили кои се невидливи, меѓутоа ефектите од нив ги гледаме преку реакциите и однесувањата на оние кои припаѓаат во системот.

Системскиот коучинг се фокусира на тоа што е индивидуата во системот, односно на позицијата што ја зазема во системот, што таа прави несвесно за системот и во какви заплети е несвесно навлезена.

Работејќи само на личноста може да се отстрани симптомот, но динамиката т.е. образецот кој припаѓа на ниво на систем, едноставно повторно ќе се појави и ќе биде изразена во друг контекст.

Независно дали се работи за индивидуален, семеен, тимски или организациски коучинг основно правило од кое тргнувам е дека прашањето не е никогаш прашањето. Во позадина на однесувањето, дејствувањето, мотивацијата, одлучувањето, како и сите други секојдневни лични и професионални процеси, се испреплетени сите динамики на семејните системи од каде доаѓаме. Ние постоиме поради релациите.

Системскиот коучинг има практичен пристап. Секогаш кога работам со клиент, тим или цела организација тргнувам од симптомите кои се видливи преку однесувањето, зборовите, телото и несвесната улога што секој индивидуалец ја практикува. Преку примена на разни коучинг техники и системски констелации заедно ги откриваме стратегиите на справување предизвикани од системските динамики и заплети.

На конференцијата ќе се зборува за трендовите во коучингот. Кои трендови сметате дека се највлијателни моментално?

Постојат голем број на коучинг правци како на пример: Life coaching, executive coaching, wellness coaching, parenting coaching и уште многу други.

Како што напоменав погоре, системскиот коучинг тргнува од целината.

Индивидуата е дел од еден поголем систем од секаков вид: партнерство, семејство, тим, организација, општество. Затоа овој системски пристап ги идентификува процесите на комуникација и однесување во системот, базирани на вредностите и убедувањата на групата т.е. на системот. Доколку не ја знаеме минатата структура и не ја погледнеме индивидуата од една поширока системска димензија, тогаш никогаш нема да разбереме што е тоа што пробуваме да го смениме. 

Вештачката интелигенција има големо влијание на многу професии, вклучително и коучингот. Како гледате на нејзината интеграција во коучингот и како може да го промени начинот на работа?

Вештачката интелигенција не може да ја замени најважната компонента од системскиот коучинг – Морфогенетското поле на телото и умот т.е. магнетното поле. Магнетните полиња на сите социјални групи – птици, животни и луѓе имаат вградена меморија со свои обрасци и навики. Секое магнетно поле има своја динамика која се менува во зависност од позицијата и движењето на оние коишто се во полето. Сѐ е поврзано и едното влијае на другото.
Јас со моите клиенти практикувам работа во живо, со физичко присуство токму поради размената на енергија со клиентот, следење на сигналите кои ги дава неговото тело и осознавање за тоа како неговите зборови се поврзани со магнетното поле на системот во кој припаѓа.  Системскиот коучинг има комплексен метод на работа и опфаќа многу дисциплини поврзани со менталното поле, полето на телото, емоционалното и енергетското поле и полето на душата. Вештачката интелигенција не може да го замени овој комплексен холистички пристап.

Што можат да очекуваат учесниците од конференцијата? Кои предавачи и теми ќе бидат дел од конференцијата?

Пред сѐ конференцијата ќе биде интерактивна бидејќи коучингот е интерактивен релациски процес. Коучинг конференцијата ќе собере професионални коучеви, инспиративни лидери и експерти од различни области на едно место, со цел да ја истакнеме поврзаноста на лидерството и коучингот, да ги приближиме најновите трендови од областа на коучингот и преку вмрежувањето да поттикнеме трансформација.

На панел дискусијата поканивме врвни експерти со долгогодишно искуство во коучингот, лидерството и личниот развој. Нашите панелисти на учесниците ќе им понудат исклучителни увиди и практични совети за тоа како со помош на коучингот ќе можат поефикасно да водат луѓе и процеси.

 Вториот ден е наменет за три интерактивни коучинг работилници со реномирани коучинг експерти кои имаат за цел кај секој од учесниците да поттикнат прашања, да ја прошират нивната рамка на размислување, да им овозможат нови увиди за тоа како поедноставно да се водат себе си, нивната работа, семејството, тимот или организацијата.

Како коучингот може да придонесе за подобрување на лидерските вештини кај професионалците од различни индустрии?

Луѓето не сакаат да бидат менаџирани!

Луѓето сакаат да бидат видени, препознаени и почитувани за тоа што се, за да можат да се чувствуваат безбедно.

Во свет каде лидерството е повеќе од управување, професионалниот коучинг игра клучна улога. Лидерот на 21 век применува холистички и системски пристап, поставувајќи прашања кои водат кон решенија, наместо изговори.

За да може лидерот да води луѓе, процеси и луѓе во процеси, пожелно е да има соодветно познавање на коучинг техники.

 Истите овомзожуваат отклучување на потенцијалот на секој поединец со цел да се зголемат  одговорноста, продуктивноста и перформансите и воедно поединецот да се насочи кон континуиран раст и развој.


Развивање на холистички начин на размислување во организацијата создава организациска структура која вибрира на високо ниво на свесност.
Со свесноста доаѓа одговорноста, која води кон посветеност, а посветеноста кон припадност. Навидум едноставен процес меѓутоа и многу комплексен, кој не може да се поттикне и да се развива преку когнитивни тренинзи, преку оценување и откривање на типови на личност.

 Организациската структура е многу повеќе од тоа што е договорено, каква е хиерархиската поставеност според договорот,  кој што треба да работи и на кого  треба да му рапортира. Релациската мрежа е таа што ги движи вработените и организацијата.  
Многу е поважно како луѓето го прават тоа што го прават отколку што треба да прават. Луѓето се поврзауваат или се избегнуваат водени од стратегиите на справување со промени, предизвици и конфликти. Лидерот кој поседува коучинг вештини, со почит и внимание без навлегување во приватноста на колегата може да поттикне промена и со тоа да го поддржи во процесот на движење од сегашната кон посакуваната состојба. 

Лидер кој практикува коучинг вештини при водењето на процеси и проекти, на секој вработен кој е дел од проектот му овозможува простор да земе активно учество во остварувањето на целта, го води и поттикнува да учи и да се развива со цел да ги секој поединец да може да ги развива своите лидерските способности.  

Дали можете да споделите некој конкретен пример од вашата пракса каде коучингот направил значајна разлика во развојот на поединец или тим?

Низ овие 20-тина години искуство како професионален мастер тренер и коуч има многу примери кои би можела да ги споделам.

 Заедничкото на сите нив независно дали се работи за поединец или тим и независно од проблематиката на која сакаат да работат најважно е како истата ја доживуваат.
Ние постоиме пради релациите. Релацијата со сам себе, со другите, со процесот во кој се наоѓаме, како и релацијата со околината и опкружувањето.

Така, еден мој клиент, директор на сектор во една меѓународна корпорација дојде на коучинг поради состојба на прегорување – burnout. Таа состојба е само симптом на неговата стратегија на справување. Тој е разумен човек кој ги исклучува своите емоции и емоциите на другите со цел да може да контролира и да биде лидер на сите процеси. Секако дека токму поради таа негова несвесна улога на превземање на одговорност за водење на луѓе и процеси, го довела до позицијата директор. Меѓутоа цената за тоа е burnout. 
Преку системска коучинг констелација ја откривме позитивната намера на неговата несвесна улога – разумен и контролор. На негова 12 годишна возраст се соочува со семејна трагедија и за да може да се носи со истата ги исклучува емоциите. За да им помогне и на другите членови од семејството превзема одговорност, ги контролира и ги води сите семејни процеси.

 Проблемот не е тоа што клиентот е разумен и контролира туку што тој сеуште несвесно е во процес на преживување. Матрицата на размислување е дека ако не сум разумен и не контролирам нема да преживеам!

Во процес на коучингот за мене најважно е да ја освестиме стратегијата на справување, која најчесто е несвесна и несоодветна за контекстот во кој дејствува поединецот. Освестувањето на истата ја ослободува можноста на избор на однесување кое е адекватно на контекстот.

Тоа менува сѐ! Таа стратегија секако дека има и позитивна намера меѓутоа во одреден контекст наместо ресурс станува пречка.

Многу е важно како поединецот и пристапува на ситуацијата, на проблематиката или на целта.
Дали се самокритикува или ја критикува ситуацијата, другите, организацијата? Дали е во улога на жртва и мисли дека се зависи од него, никој не му помага и сѐ мора да прави сам? Дали има потреба да контролира и да биде во право? Дали во сѐ влегува емотивно и има потреба да биде виден, слушнат и признаен? Дали  предизвиците ги игнорира или им ја намалува вредноста за да не се соочува со последиците?  Дали има потреба да ги балансира сите процеси поврзани со причините и последиците на проблематиката? 

Сите ние сме водени од несвесни улоги кои сме ги формирале низ текот на животот и ни служеле во ситуации кои за нас биле предизвик. Истите ни помогнале да се заштитиме и да се чувствуваме безбедно. Но, дали во секоја ситуација треба да мериме дали сме безбедни и сигурни? Секако дека не, но тоа е нашиот механизам на преживување.

Истото се однесува и за тимови и организации. Секој тим има своја скриена динамика. Често пати има недоразбирања помеѓу тимовите, некои тимови  не соработуваат меѓусебе, се исклучуваат едни од други и прават се за да функционираат самостојно, несакајќи да прифатат дека припаѓаат во ист организациски систем.

Секој тим има тимска стратегија на справување со предизвици и промени и истата е настаната како резултат на минати нерешени или непризнаени заплети.
Во една компанија правевме тимски коучинг поради конфликт меѓу два тима. За мене е многу поважно да разберам што прават вработените за тимот и која позиција ја заземаат? Колку и да е деструктивно, еден од тимовите иако беше во улога на заштитник, истиот има позитивна намера во тоа што го критикуваат или исклучуваат другиот тим. Прашањето не е зошто го прават тоа, туку што не е израмнето, што и кој треба да биде заштитен, од што и од кого?

Според вас, какви вештини и пристапи се најважни за професионалците кои сакаат да бидат успешни коучеви?

Патот до професионален коуч пред сѐ е личен процес.  Секој може да научи коучинг техники и вежби. Но, само когнитивно коучинг знаење не е доволно.

 Освестување на личните несвесни процеси кои влијаат на однесувањето и предизвикуваат одредени резултати е првиот чекор кон патот до професионален коуч.

Низ годините имам поминато многу меѓународни програми, тренинзи, едукации, ретрити и работилници од различни области за личен и професионален развој.
Ретко која програма опфаќа целокупен холистички пристап.

Токму поради тоа и водена од моето долгогодишно искуство како меѓународно сертифициран и акредитиран НЛП Мастер тренер, Системски Коуч, Јога учител и Холистички терапевт почувствував потреба да создадам сеопфатна Професионална Системска коучинг програма. Воедно истата помина низ долг процес на валидација и пред 2 години доби  меѓународно признаен и акредитиран сертификат, како единствена Системска коучинг програма во регионот.

 Мојата мисија како професионален системски коуч е да поттикнам трансформација, а не само промена кај поединецот или организацијата.  Водена од моето искуство, верувам дека професионалниот коуч мора да има високо ниво на развиена емоционална, соматска, когнитивна, енергетска, системска и духовна интелигенција.  Професионалниот системски коуч како лидер на процесот, покрај се друго исто така мора да има информираност,  знаење и искуство во однос на влијанието на трауматичните искуства врз однесувањето, способностите и убедувањата   на поединецот.

 Бидејќи во иднината, минатото е секогаш присутно, ние живееме нанапред, меѓутоа разбираме наназад. За да може коучот да го води својот клиент низ процесот на трансформација, потребно е да ја разбере и прифати позитивната намера на неговата стратегија на преживување и справување, да го потенцира резултатот од истата и на тој начин да му помогне да се одврзе од емоционалното наследство, а да се поврзе со своите внатрешни ресурси со цел да го заживее својот уникатен потенцијал.

Кои се вашите очекувања од оваа конференција, и какви промени се надевате дека ќе донесе за коучинг заедницата во Македонија?

Коучингот како професија припаѓа во неформалното образование и неговото значење сеуште не е признаено и валидирано на начин на кој го заслужува.

Целта на коучинг конференцијата е да го доближиме коучингот и бенефитите од истиот  до сите индивидуалци, лидери, тимови, компании и до оние кои се стремат кон личен и професионален развој.

Мисијата на коучинг конференцијата е преку спојувањето на лидерството и коучингот да поттикнеме колективни промени кои се за општо добро. Преку примена на коучингот во корпоративното опкружување многу полесно ќе создаваме уште повеќе свесни лидери. Нивната цел не е задоволување на индивидуални потреби, туку нивната главна цел е да поддржат балансирање и усогласување на егото и душата, на амбицијата и мисијата. Пред сѐ, свесните лидери се стремат кон усогласување на индивидуалните и колективните цели.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...