Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија
Парите се чуден медиум. Во ера на масовна глобализација и верување во исти вредности помеѓу луѓето на сите континенти, веројатно односот кон парите ни останал колку-толку различен. Да си Македонец значи дека си одгледан со “Парите се отепувачка” на Ристо Крле, поговорките од типот “Дај му пари/власт, па ќе видиш колку вреди”, она библиското “Полесно камила ќе пројде низ иглени уши, отколку што богаташ ќе влезе во Рајот” и слични максими со наратив дека парите се извор на злото, дека го расипуваат човекот, дека “среќата со пари не се купува” и тн. Од друга страна, за успешни ги сметаме оние луѓе кои добро заработуваат, кои успеале да стекнат движен и недвижен имот; мерка за тоа колку некој “добро се снашол” ни е колку куќи изградил, колку станови им оставил на децата во наследство, колку често оди на патувања, каков автомобил вози, каде му се школуваат децата, каква облека носи… Не ни е баш најјасно, нели?
За економистите, парите, по дефиниција, се средство за размена. И, точка. Го разменуваме трудот што сме го вложиле (согласно нашите знаења, квалификации, можности) во одреден производ/услуга, за трудот што некој го вложил во друг производ/услуга што нам ни е потребна. Толку. Ако ми дозволите да вулгаризирам, парите се медиум на размена во кој менувате парче од својот живот за парче туѓ, бидејќи што е платата што ја добивате, ако не надомест за времето што го трошите во она што го работите?
Тука доаѓаме до стихот од една наша, свадбарска, што вели “среќата со пари не се купува”. Пак не ни е баш најјасно. Ако пет дена во Париз ни се дамнешна желба, нема ли да бидеме среќни кога ќе купиме авио-карти и ќе резервираме хотел? Нема ли да бидат тоа потрошени пари на име СРЕЌА? Велат, помалку тажно се плаче во Ламборџини отколку во Фиќо. Не знам, не сум плачела ни во едното, ни во другото. Поентата е во нешто друго. За да сфатите дека парите не ви купуваат среќа, треба да ги имате. Само оние кои ги имале доволно за да можат да си ги задоволат сите потреби, да си ги исполнат сите желби и соништа, можат да ви кажат дека парите не се сѐ, дека среќата е, сепак, во нешто друго.
Значи, можеме ли со пари да купиме среќа? Тим на психолози од Канада, САД и Холандија работеле на одговорот на ова прашање. Од учесниците во проектот било побарано во текот на првата недела, одреден износ на пари да потрошат на нешта, предмети што им носат задоволство. Втората недела, било побарано од истите тие луѓе, истиот износ на пари, да го потрошат на купување на време, т.е. да најмат луѓе кои одредени активности што не ги сакаат (чистење по дома, косење на трева и тн.) ќе ги завршат наместо нив, оставајќи им повеќе време за себе. Потоа, од учесниците било побарано, да го оценат задоволството во текот на тие две недели. Го претпоставувате одговорот, нели? Позадоволни, посреќни, биле во текот на втората недела, кога парите што ги потрошиле им купиле слободно време, за да ги прават нештата во кои уживаат, наместо нештата што не ги сакаат. Заклучокот бил дека со парите можеме да купиме среќа, само ако за нив купуваме време. Замислете, некој наместо вас ги одработува сите оние активности кои ги правите затоа што така треба, а вие уживате во денот со оние што ги сакате, или одмарате под сенката на некоја палма, или, едноставно, со шољичка какао, стуткани под ќебе, ја читате книгата што ја купивте на саем, или гледате филм, со мачката во скут. Сте купиле малку среќно време за себе, нели?
И, не секогаш се работи за пари. Терминот “купување време” кај нас има и поинакви значења. Велиме дека купува време тренерот кој ја смирува играта на тимот, како топката да не би паднала во рацете на противничкиот тим, а со цел одржување на резултатот до крајот на натпреварот. Велиме дека купува време оној кој го одложува одговорот на одредено прашање, свесен дека одговарањето на истото, ќе предизвика, не баш толку посакувани, промени. Купуваме време кога ја одложуваме одлуката, колку и да знаеме дека е неминовна, но ете, лебдењето во тој познат меѓупростор кога старото сѐ уште не исчезнало, а новото сѐ уште не дошло, е некако чудно смирувачко, комфорно..
Некогаш животот брза со такво темпо што, сакајќи да признаеме или не, сме принудени да носиме одлуки сега и веднаш. Имаме планови, желби, соништа, кои чекаат да бидат остварени, за кои денови (и уште повеќе ноќи) сме поминале во осмислување, планирање, организирање, за кои едвај чекаме да се случат, но, ете… некако, тоа просторче помеѓу денес и утре, тоа џепче време во кое старите фармерки, без обзир колку ветви , се некако, удобни, меки во своето постоење, а новите, без обзир колку модерни, убави, создаваат, некако, чувство на неудобност, како – ќе знаат ли тие така добро да легнат на кожата, ќе умеат ли тие да седат на клупите во паркот, ќе се снајдат ли на точак по градските улици, ќе сакаат ли без страв да се спружат опуштено на трева, сред пролетна ливада… и, знаеме дека ќе биде сето тоа, и уште подобро, дека штом еднаш ги облечеме и ги научиме на нашите тајни патеки, нема веќе никогаш да погледнеме назад, но, ете, ни треба тоа парченце време кога не мораме да одлучиме, кога можеме, уште малку, да живееме во комфорот на познатото, прилагоденото секојдневие..
Или, знаеме ние многу добро дека тоа што не функционира како што треба, еден ден ќе мора да се реши, дека колегата кој со години покажува средни резултати еден ден ќе биде заменет со нов, желен за работа и докажување, знаеме дека тоа што не е доволно лошо не значи дека е доволно добро, но ете, приоритетот е сега на некои други нешта, на некои поважни проекти, па немаме доволно енергија да се занимаваме и со тоа прашање, или, едноставно, не ни се влегува во авантура со нов вработен кого ќе мораме да обучуваме, прилагодуваме на тимот, да вложиме енергија во неговото учење и развој, за, на крај, да не знаеме каква енергија со себе ќе донесе, па одолговлекуваме, купуваме уште малку мир..
Може ли некој да ни земе за зло што сакаме да купиме време? Знаејќи дека времето е единственото нешто што не знаеме колку го имаме и кога ќе исчезне, единствен ресурс кој не можеме да го надоместиме, штом еднаш го потрошиме, нема љутиш. Купувајте време! Свесно, целно, намерно! Или, секогаш кога можете, украдете време! Од сите тие силни задачи, обврски, цели, рокови, од сите тие нешта што се очекуваат од вас како вработен, како родител, како син/ќерка/брат/сестра, како другар, колега и пријател, од сите тие улоги кои живот ви значат, украдете парче време за себе, затоа што само она време кое ќе го украдете од животот (тој стар крадец), е вистински ваше.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.