Колумна на Ивана Лекиќ, дел од LekicKa, тренер за професионален и личен развој
Како мала една од омилените песни на Queen ми беше “I want it all and I want it now”, што во превод би значело сакам се и сакам одма, сега, веднаш ако не и вчера. Најдолгата лична борба за надминување на овој став ми беше со средината во која растев, работев и ден денес постојам, која го форсираше и се уште го поддржува истиот тој став. Толку ни е навлезено во психата и однесувањето, што несвесно го имаме прифатено и како шега во секојдневниот говор.
Пример од работа: Се јавува клиент и бара некаков совет, па на прашањето за кога му треба, одговорот е најчесто – „Абе, знаеш кај нас како…се е за вчера!“ И кикири, какара, сите слатко ќе си се изнасмеете, а после ти си ја тупиш главата како овие десет проекти да ги завршиш до крајот на денот.
Како стигнавме до тука?
- 19-ти век: Конзервирана храна се користи уште во Наполеоновите војни, но првиот иновативен инстант производ е инстант кафето.
- Ран 20-ти век: Масовното производство и преработената храна, ни носат производи како што се млеко во прав, инстант пудинг и брзо подготвени житарици.
- По Втората Светска Војна: Во период од 1950-70-тите години, индустријализацијата и поголемото вклучување на жените во работната сила, доведуваат до експлозивен раст во светот на инстант производи (инстант нудли, микробрановите јадења и ладно сушеното кафе).
- Дигитална ера (1990-ти – денес): Со дигитализацијата, поимот „инстант“, добива поинаква димензија – во комуникацијата (инстант пораки), забавата (стриминг сервиси), финансиите (инстант плаќања и трансфери).
Предности?
Инстант производите првично биле создадени за поголема ефикасност и удобност. Да се користат како привремено решение во итни ситуации. Но, без јасна дефиниција за итност, сè стана итно.
Прашањето е што направивме со екстра времето што го добивме со оваа ултра ефикасност и продуктивност? Дали го користиме за да здивнеме, да се поврземе со себе, да се одмориме? Или само си додаваме уште едно „мора“ на листата?
Обврски на работа, дома, со пријатели, со роднини, со институции. А бидејќи велнес практиките велат дека ако сакаш сето ова да го постигнеш мора да си дадеш време и за себе, одеднаш добивме обврски и за забава, задоволство и одмор.
И така наместо инстант производите и инстант ставот да ни се најдат во инцидентни и итни ситуации, нам ни станаа секојдневие и норма.
Последици од инстант секојдневие
Си придонесовме за масовно ширење на метаболни пореметувања поради инстант и суперпроцесираната храна полна со исклучиво високо ниво на натриум, шеќери и конзерванси.
Со инстант обврските и се што треба да се заврши за вчера, здравите долги прошетки во природа, ги заменивме со 10 минутно трчање на лента како лабораториски заморчиња или протегање на нозете од бирото до кафематот и назад. А, со ова само си ја прошируваме листата на здравствени физички проблеми.
Но, тоа не е се. Со инстант барањата си дојдоа и инстант потребите. Потребата за инстант заработка, инстант резултати, инстант задоволство, инстант гратификација. И кога таа потреба не се задоволува инстантно, настанува глич во системот. Незадоволство, несамодоверба, фрустрација, губење контрола, страв, гнев, тага, депресија. Ти звучи познато?
Што поинаку?
Знаејќи колку е времето релативен концепт, ајде да не и дозволиме на илузијата за инстантот да не лаже дека се мора одма, сега, ако не и вчера.
Да им се вратиме на процесите. Тие детално, внимателно, плански, со пресметани ризици го водат растот и развојот на продуктот за кој постојат. Процесот овозможува да осознаеш како, да спознаеш зашто, да откриеш кога, да поврзеш кој.
Да им се вратиме на конекциите. На човечноста. На природата.
Полека, чекор по чекор, со замена на некорисните со корисни навики, со учење преку обиди и грешки, со труд и работа преку љубопитство и дисциплина. Со прифаќање на некомоција, нелагодност и свесно отворање на конфликти до нивно разрешување.
Како поинаку?
А) Наместо треба кажи сакам
Ако размислиш малку подлабоко, се што реално правиш, го правиш со некоја цел од која ќе имаш лична придобивка или придобивка за твојата околина, трагнувајќи од најблиското семејство па натаму. Па дури и работата што можеби не ја сакаш, ти дава финансиски средства, за да можеш да си дозволиш, купиш и искусиш нешта кои ги сакаш. И освен во екстремни ситуации, генерално никој не може да те натера да направиш нешто што не сакаш. Може да не ти е сосема комотно, може дури и да не ти се допаѓа, ама длабоко во себе знаеш која е причината зашто САКАШ да го направиш и токму затоа ЌЕ го направиш.
Б) Приоретизација – што е итно?
Вистинската ПРИОРЕТИЗАЦИЈА задира во прашањето – што е навистина ИТНО?
Иако прифаќам дека за секоја средина дефиницијата може да се доприлагоди, сепак мислам дека следново е добра основа од која можеме да тргнеме.
Итна состојба претставува секоја ситуација, услов или настан што бара веднаш внимание и дејствување поради непосреден ризик од сериозни негативни последици, особено по:
- Личното здравје или безбедност
- Здравјето или безбедноста на други лица
- Безбедноста на околината
- Одржливоста – лична и деловна
Значи, се што ја исполнува оваа дефиниција може да се смета за итно, затоа што одложената реакција може да значи влошување на состојбата до степен на неповрат.
Ова е важно за да се избегнат ситуации – пукнала главната одводна цевка, а ние бираме боја на пешкирчиња. Верувај ми, сум преживеала безброј состаноци да кажам дека претходната реченица – не е драматизирање.
В) Приоретизација – што е важно?
Ако не е итно, тогаш колку е ВАЖНО? Важните активности не се итни, но ти помагаат во остварување на долгорочните цели т.е. спречуваат состојбите да станат итни. За нив ќе ти треба добро разработен план за да ги искористиш најефикасно ресурсите кои ти се на располагање. Да направиш храбар избор – што ја заслужува твојата енергија, време и внимание, а што може да почека. Тоа не го прави помалку важно, само неважно сега.
Г) Приоретизација = вештина на делегирање
И сега главното прашање – Дали може некој друг да ја заврши таа активност? Со ова влегуваме во една доста болна тема, и во личниот и деловниот свет – вештината на делегирање.
Делегирањето значи доверба, јасна комуникација и пуштање на контролата без да ја пуштиш одговорноста. Значи да имаш храброст да признаеш дека:
- не си незаменлив/а,
- тотална контрола е илузија, и
- задачата не мора да биде завршена „совршено“ (по твоите стандарди), туку доволно добро за да има движење напред
Знам, звучи страшно – „Ама ако не го направам јас, нема да биде како што треба! Само јас можам да го сработам тоа најбрзо и најдобро“. Тоа е делумно точно. Ама има цена, нели?
Делегирањето е лидерство. Историски гледано делегирањето го користеле и најмоќните императори и војсководци – никој не освојувал царства сам. Денес, добар менаџер знае дека ако не делегира – самиот си е најголемиот проблем. Истото важи и во домот. Ако не ги поделиш обврските со партнерот, со децата, со системите за поддршка (тука вклучувам и повикај пријател) – инстант „брноут“.
Помисли за споделените концепти.
Придружи ми се во борбата против инстант феномент.
Да си го вратиме времето назад.
🔗 За конкретни примери и вежби: lekicka.com/mk/blog
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.