Employer Branding не почнува со хаштаг – туку со…

од 24HR

Колумна на м-р Ана Салтирова Давидовски-Основач на Кампања #ЛиченИЗБОР www.AnaSaltirova.mk, Автор, Член на УО на МАЧР, Искусен HR професионалец, NLP Тренер и Coach, Тренер за личен развој

Во време кога речиси секоја компанија има свој хаштаг, а секој вработен профил на LinkedIn или Instagram, вистинскиот бренд на работодавачот не се гради со совршени објави – туку почнува со едно „добар ден“, со прашањето „како си?“, со вистински разговор. Не треба сите вработени да бидат инфлуенсери – доволно е секој да биде автентичен глас на тоа што компанијата навистина е.

Јас не сум експерт за брендинг, туку за HR, и верувам дека токму од таму почнува автентичниот бренд. Да се запрашаме:

  • Како се чувствуваат луѓето кога доаѓаат на работа?
  • Како зборуваат за компанијата – кога никој од менаџментот не ги слуша?
  • Дали чувствуваат дека нивниот придонес е важен – или само се „број во систем“?
  • Што кажуваат на кафуле кога некој ќе ги праша: „Каде работиш“?
  • Дали се горди што името на компанијата стои на нивниот профил?
  • Што мислат кога ќе го видат логото на фирмата во слободно време?
  • Дали се чувствуваат В2С2 (видени, вреднувани и слушнати и сигурни)?

Employer brand не е логото. Тоа е културата.
Во дигиталната ера, вработените веќе не се само амбасадори во исто време се и сведоци на се што се случува. Ако не ја градиме свесно културата, ќе добиеме приказни што не сме ги режирале. Или уште полошо две приказни и тоа една која ја раскажува компанијата и една многу поразлична што ја живеат (т.е. раскажуваат) вработените.

Прашањето што јас сакам да си го поставам е:
Дали би сакала моето дете да работи во оваа компанија?

Ако одговорот не е „да“, тогаш има нешто што вреди да се преиспита и тоа значи покана за развој.

Во рамки на мојот пристап #КакоМОЖЕ, често ги користам картите #КакоМОЖЕ кои не даваат готови одговори, туку отвораат нови рамки за гледање на предизвиците – прашања што тераат да се размислува поинаку, повели направи искуство со некои од нив:

  1. Кое „така треба“ од оваа ситуација ќе го предизвикаш зошто мислиш дека може и поинаку?
  2. Ако ова беше игра, што ќе направеше за да поминеш на следното ниво?
  3. Наместо – ОВА не може! Запрашај се #КакоМОЖЕ ова?

Овие прашања можеме да ги користиме индивидуално но и на ниво на компанија. Зашто понекогаш не ни треба нова стратегија, туку нова перспектива. А вистинската перспектива често доаѓа преку добро поставено прашање, кое осветлува нов поглед.

Па да си го препрашаме брендот како ветување дава и да видиме дали во корпоративната култура има докази за даденото ветување (Brand = Ветување, Култура = Доказ).
И тој доказ, секој ден, живее преку вработените.

Но, како да се стигне до тој доказ?

Како HR професионалци, ние сме сценaристи на искуствата што ги доживуваат вработените. Секој прв работен ден е можност да испратиме порака: Добредојде – не само во компанијата, туку и во нашата приказна. Секој разговор на 1:1, секој мал гест, секое „благодарам што го направи ова“ – го гради брендот повеќе од најскапата кампања.

Брендирањето на работодавачот не е само во рацете на маркетинг тимот. Тоа е заедничка одговорност. Вработените не ги паметат само бенефитите и тим билдингите – туку начинот на кој се чувствувале во предизвици, во моменти кога им требала поддршка, како се чувствуваат во компанијата секој ден.

Затоа, ако сакаме да имаме бренд на кој вработените ќе бидат горди, не е доволно да се запрашаме „како изгледаме на социјалните мрежи“, туку да се запрашаме:

  • Кој е нашиот однос кога грешат?
  • Дали им даваме простор да растат?
  • Што зборуваат луѓето кога излегуваат од канцеларија?

На крајот на денот, најсилната објава не е таа од корпоративниот профил – туку таа од вработен што вели: „Горда сум што сум дел од оваа приказна.“

А кога тоа ќе се случи, знаеме дека не сме изградиле само бренд, туку сме изградиле култура.

Идејата за овој текст се роди од панелот на Кариера Days vol.2 „Брендирање на Работодавачот во дигиталната ера: Улогата на социјалните мрежи и вработените“, каде што отворивме навистина важни прашања. И независно од тоа дали сите компании располагаат со големи буџети за Employer Branding, магијата се случува во секојдневните мали гестови – во вредностите што не стојат само на ѕидовите, туку се чувствуваат во начинот на комуникација, во признавањето на трудот, во просторот за грешка, охрабрувањето за раст…

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...