Даниела Тодоровска Пепиќ дипломиран правник, моментално на магистерски студии по деловно право, со професионално искуство како административен асистент на извршен директор
Компанијата е работодавецот, иницијаторот кој ги поставува основните услови на работниот однос. Но, без својата работна сила, без вработените, таа останува само име, без суштинска вредност и реална продуктивност. Кога една компанија не умее да ги препознае, вреднува и задржи своите највредни човечки ресурси, се соочува со сериозни последици, како што се намалена ефикасност и ефективност, негативен имиџ, слабо искуство за вработените и, во крајна линија, пад во продажбата и намалена побарувачка на услугите или производите.
Истражувањата во секторот продажба и комерција укажуваат дека квалитетот на односот помеѓу компанијата и вработените е клучен фактор за задржување на кадарот. Конкретно, 32% од продажните претставници ја напуштаат работата поради лош однос со непосредниот менаџер, што го надминува дури и факторот на ниска плата (27%) и недостатокот на можности за напредување (21%). Недостатокот на признание и поддршка, микроменаџирањето и нејасната комуникација се меѓу главните причини за незадоволство кај вработените во продажба. Дополнително, 79% од вработените изјавуваат дека би ја напуштиле работата доколку не се чувствуваат ценети од страна на менаџментот. Овие податоци нагласуваат дека за компаниите е од суштинско значење да инвестираат во развој на менаџерски вештини, да промовираат култура на почит и отворена комуникација, како и да обезбедат јасни патеки за професионален раст. Таквиот пристап не само што го намалува одливот на кадар, туку и ја зголемува продуктивноста и лојалноста на вработените.
Истражувањата и практиката постојано покажуваат дека дури и минимално вложување во благосостојбата и задоволството на вработените може значително да ги подобри сите аспекти на работењето. Сепак, во реалноста, често гледаме како некои компании ги третираат вработените како алатки, а не како личности со индивидуални потреби, емоции и потенцијал. Во такви услови, заминувањето на квалитетни кадри е неминовно. Денешниот вработен не бара само плата — тој бара разбирање, простор за личен и професионален раст, почитување и јасно препознавање на неговиот придонес.
Токму затоа, современата улога на човечките ресурси (HR) значително се разликува од некогашното „кадрово“. Денес HR претставува глас на вработените, застапник на нивните интереси и мост помеѓу менаџментот и тимовите. Сѐ повеќе се препознава потребата за емпатичен пристап и стратегии кои ја негуваат компанијата како здрав екосистем.
Затоа, да се стремиме кон поголема емпатија и разбирање. Да ги гледаме вработените не само како извршители, туку како суштински дел од успехот на секоја компанија. Зад секој резултат стои човек — мотивиран или демотивиран, поддржан или игнориран. Изборот е на компанијата.
За авторот:

Даниела Тодоровска Пепиќ дипломиран правник, моментално на магистерски студии по деловно право, со професионално искуство како административен асистент на извршен директор, како и претходно искуство во продажба и комуникација во телекомуникацискиот сектор. Имам силен ентузијазам за развој на кариера во областа на човечките ресурси, со особен интерес за ангажирање и задржување на вработени, обука и развој. Се одликувам со одлични организациски и комуникациски вештини, проактивен пристап и постојана желба за учење и професионален напредок.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.