Издржливост наспроти исцрпеност:Емоционалните предизвици во процесот на барање работа

од 24HR

Колумна на Јагода Србиновска, работи и живее во Нов Зеланд. Со повеќе од 15 години искуство во различни области на  администрација, во моментот го истражува и искусува пазарот во Нов Зеланд во областа на човечките ресурси и администрација.  

Лична приказна и практични совети за градење отпорност и ментална издржливост додека ја барате вистинската улога

               Секој што поминал низ процесот на барање работа знае дека емоционалната страна на овој пат е нешто што ретко се дискутира. Чувството на несигурност, стрес, па дури и сомнеж во сопствената вредност лесно се провлекуваат, особено кога секојдневно се соочуваме со тишина, одбивања или интерјуа што водат…никаде.

Но, како професионалци од областа на човечки ресурси, знаеме дека оваа фаза може да биде не само пресвртница, туку и клучна за долготрајниот професионален и личен раст. Во светот на конкуренцијата за позиции, важно е да не се изгуби отпорноста, а тоа не значи само да се преживее оваа фаза, туку и да се излезе од неа со посилен и похрабар дух.

Отпорноста е идентификувана како една од Топ 10 вештини за 2025 година од страна на  Forbes, [1] и претставува пренослива мека вештина поврзана со перформансите, развојот и успехот во кариерата. Пазарот на трудот е променлив – а додека вашиот процес на барање работа може да трае подолго од очекуваното, работите можат да се променат наеднаш. Сé што се случува во таа ‘’пауза’’, може да биде шанса за градење на вашата внатрешна сила.

Лична приказна: Ригидност и ригорозен систем на одбивања

Пред да преминам на советите, вреди да се потенцира дека зад секоја апликација и секое интервју стои човек – со надежи, стравови и истрајност што ретко се гледаат. Човек што вложува време, енергија и дел од себе, и покрај тоа што нема гаранција за исход. Го знам тоа од лично искуство, затоа што секоја испратена апликација за мене не беше само формулар, туку и тивка надеж дека некаде, некој ќе препознае вредност.

Мотивот да ја напишам оваа колумна произлегува од мое лично искуство, од перспектива  на некој што го поминал тој пат, водена од желбата да допрам до некој што во моментот се наоѓа на сличен пат. Да се најдеш во туѓа земја, со нула контакти и визен статус што го условува секој твој чекор, е предизвик што не се опишува лесно. Како имигрант, често се чувствуваш невидлив, ограничен, а понекогаш и недоволно вреднуван. Трудот, искуството и знаењето често изгледаат невидливи пред систем што ги преферира ‘’локалните’’ кандидати.

По стотици апликации, секојдневно ги добивав истите шаблонски одговори: ‘’ Ви благодариме за интересот, но не бевте избрани’’, или ‘’Одбравме кандидат чии вештини подобро одговараат на нашите тековни потреби’’. Со тек на време, тие пораки почнаа да звучат како ехо на истата реченица: ‘’не си доволно добра ‘’.

               Имаше периоди кога редовно добивав покани за интервјуа. На прв поглед, тоа изгледаше како напредок, како потврда дека нешто се движи. Но набргу сфатив дека не секое интервју претставува реална шанса. Многу од прашањата беа општи, нерелевантни за самата позиција, а понекогаш интервјуто го водеше член од тимот без многу искуство со селекциски процеси. Сепак, се трудев да се претставам најпрофесионално што можам. Но токму тогаш започна најтешкиот дел – тивкиот, внатрешниот. По секое интервју, си ги поставував истите прашања: ‘Дали  кажав премногу?’, ‘ Дали мојот одговор звучеше сигурно?’ ‘ Како изгледав додека зборував?’. Тоа преиспитување знаеше да биде поисцрпувачко од самото одбивање.

Кога ќе те повикаат во потесен круг, вложуваш повеќе – не само труд, туку и надеж. Затоа и разочарувањето, ако не бидеш избран, боли подлабоко. Не затоа што не си ја добил/а работата, туку затоа што си дал/а дел од себе и сé уште не е доволно.

Токму во тие моменти на тишина и преиспитување почнав да учам што значи вистинска отпорност – не како концепт од книга, туку како внатрешен глас што те тера да не се откажеш. Среќна сум што денес можам да споделам неколку тактики и корисни совети за тоа како да се справите со одбивањето, да вежбате трпение и да ја изградите вашата издржливост, додека ја барате вашата следна улога:

  1. Дефинирајте што за вас значи успех

Во моментите на неизвесност, лесно е да го поврземе успехот исклучиво со добивање на конкретна понуда за работа. Но, вистинската отпорност почнува кога ќе го прошириме тој концепт. Запрашајте се: Дали успех е само крајната дестинација – или и самото ваше истрајување во процесот, искуството од секое интервју, рефлексијата по секоја одбиена апликација, и вложениот труд да се подобрите ден по ден? Ако го редефинирате успехот како континуирано вложување во себе, одеднаш и поразите добиваат нова вредност. 

  • Променете ја перспективата за тоа што значи да сте продуктивни

Во процесот на барање работа,  многумина чувствуваат дека се во стагнација, или дека не постигнуваат нешто значајно, бидејќи нема видливи резултати. Но продуктивноста во овој контекст изгледа поинаку. Аплицирањето, прилагодувањето на резимето, учењето нови алатки или развој на вештини, сето тоа е дел од процесот и вреди да се препознае како значаен напредок.  Важно е да се охрабриме да го гледаме овој период не како застој, туку како фаза на подготовка и личен раст. Наместо да се фокусираме на недостигот на резултати, да го вреднуваме трудот што го вложуваме зад сцената.  Токму тој труд е темелот на идниот успех.

  • Фокусирајте се на целта,  не на секој оглас што ќе го видите

Една грешка што ја правев на почетокот беше што се обидував да се вклопам во што било, само за да најдам работа. Но со тек на време сфатив дека вистинските можности не доаѓаат кога се прилагодуваме по секој цена, туку кога остануваме верни на сопствените цели и вредности. Наместо да аплицирам насекаде и да го чувствувам тоа како молба, почнав да го гледам како процес на откривање каде припаѓам и така почнав свесно да го креирам својот пат. И токму тогаш почнаа да се појавуваат и вистинските прилики.

  • Развијте рутина што ќе ја одржува вашата ментална хигиена

Потрагата по работа често знае да биде исцрпувачка. Долги часови пред компјутер, неизвесност и емоционални подеми и падови. Во таков амбиент, лесно е да се изгуби мотивацијата и да се почувствува ментален замор. Затоа е клучно да изградите дневна рутина што не вклучува само аплицирање и подготвување за интервју, туку и активности што ве полнат со енергија: физичка активност, медитација, креативно хоби или време со блиски луѓе. На тој начин ќе останете постојани но и стабилни, што е од суштинско значење во процесот што бара и трпение и истрајност.

  • Одбивањето не ве дефинира – тоа ве насочува

Одбивањето, колку и да е тешко за прифаќање, не е потврда дека не сте доволно добри. Повеќето одлуки за вработување се водени од комбинација на различни фактори т.е секоја организација има свои моментални потреби, динамика во тимот, различни стратегии и специфични критериуми кои не секогаш се очигледни. Тоа што не сте биле избрани не значи дека не сте компетентни или доволно добри, туку можеби само дека таа улога не била вистинската за вас.

Вреди да се запомни дека дури и кога некој исход не е позитивен, вашиот пристап, комуникација и став може да ги импресионира тие што ве интервјуирале. И токму тие луѓе можат подоцна да ве препорачаат, да ви понудат фидбек или да ви помогнат во иднина на начин што во моментот не го очекувате.

Клучот е во тоа да не го сфатите одбивањето лично, туку како дел од процесот на усогласување помеѓу вашите вештини, вредности и културата на организацијата што навистина ви одговара. Отпорноста се гради токму тогаш – кога одбивањето не ве сопира, туку ве кани за следниот, подобар чекор.

  • Барајте повратна информација – и прифатете ја конструктивно

Не секогаш ќе добиете јасен одговор зошто не сте биле избрани, но кога ќе се отвори простор за повратна информација, вреди да се искористи. Јас лично научив колку е моќно да се побара мислење. После некои интервјуа кога ми соопштуваа дека не сум избраниот кандидат, љубезно замолував за мислење каде да се подобрам или каде не сум се совпаѓала со нивните очекувања.

Не само што добив конкретни насоки за унапредување, сугестии и охрабрување,  туку преку тие разговори научив да градам подобри меѓучовечки односи, да откривам различни пристапи и да ја гледам потрагата по работа како можност за личен раст.

Најголема вредност по секој негативен одговор е способноста да ја прифатите повратната информација не како критика, туку како отворена врата кон следната, подобрена верзија од себе.

  • Изградете мрежа што ве поддржува – не само професионално, туку и емоционално


Во многу случаи, кандидатите избегнуваат да го споделат процесот на барање работа или се срамат од фактот што се наоѓаат во оваа фаза. Но важно е да се создаде простор за искрени и отворени дискусии за потешкотиите во процесот, наместо да дозволиме стереотипи за ‘неуспех’.

Поврзете се со други луѓе што се во слична ситуација. Придружете се на групи за поддршка или настани каде што можете да разменувате искуства, да слушнете други перспективи и можеби најважно – да се потсетите дека не сте сами. Понекогаш, едноставен разговор со некој што разбира низ што поминувате, носи повеќе олеснување од каква било мотивациска книга.

За среќа, јас ја имав мојата пријателка од Индија, која поминуваше низ слично имигрантско искуство, па долгите прошетки со неа ми беа мелем на душата.  Преку поддршка и споделување искуства, ќе се чувствувате помалку изолирани и пооптимистични.

  • Поставете си мали, мерливи цели – и славете ги

Не секој ден ќе имате интервју, но секој ден може да постигнете нешто значајно. Поставете си цели кои не зависат од никој друг, туку само од вас самите. На пример: ‘’ќе аплицирам на три позиции денес’’, ‘’ќе ажурирам дел од моето портфолио’’, или ‘’ќе научам нешто ново од мојата област преку курс, видеа и слично’’.

Дури и кога нема видлив резултат, аплицирањето, адаптирањето на резимето и учењето нови вештини се продуктивност. Секој мал чекор е дел од напредокот.

  • Верувајте дека процесот ве обликува не само како професионалец, туку и како личност

Она што денес изгледа како застој, утре ќе биде точката каде што ќе се навратите и ќе кажете: ‘’Тука ја научив најважната лекција’’. Процесот на барање работа е и пат кон самоспознание, издржливост и изградба на карактер. Секоја одбиена апликација, секој неуспешен обид, ви гради ‘’мускули’’ што ќе ви требаат кога конечно ќе ја добиете вистинската можност.

  1. Славете ги малите победи и напредокот

Големите победи, како добивањето на посакуваната работа, понекогаш бараат време. Но токму малите, ‘’невидливи’’ победи се тие што го трасираат патот до таму. Дали сте испратиле апликација на која навистина сте горди?  Дали сте добиле повик за интервју по долго време? Тоа се значајни моменти кои вреди да се препознаат и одбележат.

Охрабрувајќи ги кандидатите да го ценат секој напредок, без оглед колку мал им изгледа, ја одржуваме нивната мотивација и ја јакнеме нивната самодоверба. Секој чекор е дел од поголемата слика, а препознавањето на тие чекори го прават патот поподнослив, а успехот поостварлив.

Заклучок:

Отпорноста не подразбира отсутност на разочарувања или страв. Напротив, таа се изразува преку способноста да продолжите напред и покрај тие чувства. Важно е да знаете кога да направите пауза, кога да побарате поддршка, и кога да си кажете себеси: ‘’Јас вредам, и мојата шанса доаѓа’’.

Процесот на барање нова работа можеби е тежок, но вие сте посилни од секоја пречка на патот. Таму некаде ве чека позиција која не само што ќе ги искористи вашите вештини, туку ќе го препознае и вашиот вистински потенцијал. Во мојот случај, таа можност се појави кога најмалку очекував. Добив работа во Министерството за бизнис, иновации и вработување, нешто што некогаш ми се чинеше недостижно како имигрант.

Понекогаш исходот може да биде дури и подобар од очекуваното. Затоа, додека ја чекате вашата шанса – продолжете да учите, да се подобрувате и да блеснете.

И не заборавајте: отпорноста не е цел, туку вашиот таен сојузник на патот до целта.

И кога ќе стигнете таму, ќе знаете дека не било случајно.  


[1] https://www.forbes.com/sites/rachelwells/2025/01/23/top-10-skills-to-include-in-your-resume/

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...