Колумна на Трајанка Кимова-Специјалист за човечки ресурси
Кога ќе побараш сè, а не понудиш ништо – не е стандарден процес, туку нефер однос. Оваа колумна е за сите што се чувствувале како на аудиција, а не на интервју.
Секој кандидат што бил на разговор за работа барем еднаш во Македонија знае: сè почнува гламурозно – а завршува со реалност.
Совршено напишено CV, интервју на англиски јазик, барања како за интернационална позиција… а на крај – плата под просекот, нула можности за раст и очекување да се биде „пресреќен“ што си добил прилика.
Дали навистина сме подготвени за вистинска професионализација – или само глумиме западни стандарди без да ги применуваме суштински?
1. Американски барања – локални ресурси
Во последните неколку години, многу компании кај нас усвојуваат елементи од западните HR практики – што е добар чекор напред. Но проблемот е што често се преземаат само формата и барањата, без да се понуди соодветна содржина или вредност за кандидатот.
Сè почесто гледаме огласи кои бараат:
• Совршен англиски јазик (дори и за позиции кои не вклучуваат странски клиенти)
• 3-5 години искуство за почетна позиција
• Диплома, меѓународни сертификати и CV дизајниран како за Google
Во некои случаи, интервјуто се води целосно на англиски – и тоа е во ред, ако позицијата тоа го бара. Но реалноста е дека често станува збор за вештачко импресионирање, создавање слика за „интернационалност“ која не е поддржана со реална понуда.
Па каде се американските плати, ако веќе се бараат американски барања?
2. Што добива кандидатот – кога веќе се бара сè?
Младите кандидати денес инвестираат време и пари во себе:
• учат јазици
• се сертифицираат
• работат на проекти
• пишуваат мотивациски писма и дизајнираат професионални портфолија
Но што добиваат за возврат?
Ниска плата.
Немање менторство.
Работна култура каде се очекува „да молчиш и да бидеш среќен што си вработен“.
Ако навистина сакаме HR да се развива во вистинска насока, мора да се постави прашањето:
Кога ќе почнеме да вреднуваме реални вештини, а не само изглед и впечаток?
3. Кастинг менталитет наместо човечка селекција
Талентот не се проценува за 15 минути. А добар работник не се открива во една совршено изведена реплика на англиски.
Во многу компании, селекцискиот процес почнува да личи на аудиција. Се бара да „заблескаш“, да го „освоиш“ интервјуто, наместо да се утврди дали имаш вредности, став и капацитет за реална работа.
Разликата е очигледна:
• Во развиените земји – ако си способен, ќе те научат и ќе ти дадат шанса.
• Кај нас – мораш да бидеш совршен уште од старт, а ќе добиеш минимална поддршка.
4. Време е за рамнотежа
Професионализацијата на HR не значи да се копираат странски трендови без суштина.
Напротив – значи:
• да се гради култура на фер селекција
• да се вложува во луѓето
• да се создаде амбиент каде што и кандидатот, и работодавачот добиваат вредност
Дури тогаш ќе можеме со право да зборуваме за „високи стандарди“.
Сè друго е само козметика.
Заклучок: нови вредности за нова генерација
Денешните млади луѓе не сакаат само работа – сакаат смисла, простор, фер третман и можност да растат.
Ако HR сцената во Македонија навистина сака трансформација, треба да почне токму од тука.
Не од „американски барања“.
Туку од човечки пристап и вистинска рамнотежа меѓу очекувањата и понудата.
Авторка:
Трајнка Ќимова
HR ентузијастка која верува дека гласот на младите професионалци заслужува да биде слушнат.
Кавадарци , јули 2025
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.