Колумна на Викторија Јордановска основач и мастер тренер во Vienna International Academy of NLP (VIANLP)
За да напредуваме и да водиме исполнет живот, верувам дека треба да ја негуваме најважната врска во нашиот живот – онаа што ја имаме со самите себе!
Половина од јули веќе помина, додека во Македонија е пеколно жешко, времето во Виена е нестабилно, баш како и настаните кои моментално се актуелни на светската сцена.
Да почнеме…
Пред неколку недели, работите се нагомилаа во мојот живот и сфатив дека сум загризала премногу. Знаев дека морам да приоритетизирам, но тоа не ми тргна лесно од рака. Сè беше итно и сè беше приоритет. А времето? Времето ограничено! Се почувствував како трчам како мува без глава, од една обврска, до следниот состанок, до следната задача. Во глава како расипана плоча ми верглаше високотоснки глас: „Немам доволно време! Немам доволно време! Немам доволно време!“, што само ми го зголемуваше чувството на забрзаност и паника.
Неколку дена потоа, додека пијевме кафе, пријателка ми рече: „Знаеш, колку повеќе работам, толку повеќе заработувам и толку повеќе трошиме. Никогаш не е доволно!“
Вчера, за време на сесија со клиент на лидерска позиција слушнав: „Чувствувам како да трчам на трака за трчање што постојано се забрзува. Без оглед колку брзо да одам, целта постојано ми се оддалечува – се чувствувам исцрпено, а сепак не можам да запрам.“
Оваа трака е присутна во салите за состаноци и спалните соби, во фидовите на социјалните мрежи и пријателствата, во личните стремежи и надворешните очекувања – постојано чувство на недоволност – без разлика дали на пари, статус, достигнување или исполнување. Следната цел – повисока позиција, поголем број следбеници, нов курс, нов телефон, нова земја – ветува исполнетост, но носи прилично краткотрајна сатисфакција.

Психологијата на недоволност
– не на надворешен недостаток, туку на внатрешна некомплетност.
Вкоренет во еволутивните инстинкти, социјалното условување, споредбите и модерните културни притисоци, менталитетот „никогаш доволно“ ги обликува однесувањата во професионалниот живот, личниот живот и глобалните системи. Психологот Роберт Емонс го нарекува „менталитет на недостиг“, каде што индивидуите ги перципираат ресурсите како на пример време, пари, љубов, можности итн., како постојано ограничени, што води до хронична незадоволност. Овој менталитет шепоти:
- Ќе бидеш доволен/на кога ќе бидеш побрз, попаметна, подобар, поуспешна.
- Ќе се одмориш кога сè ќе завршиш (спојлер: никогаш не завршуваш сѐ).
- Ќе бидеш достоен или вреднувана кога повторно ќе се докажеш.
Овој менталитет не живее само во нашите глави, туку се појавува:
- Во салите за состаноци и канцелариите, маскиран како големо постигнување и перфекционизам.
- Во календарите, исполнети до последна секунда за да ја оправдаме нашата важност и вредност.
- Во гардероберите, преполни со облека избрана за да импресионираме, а не да се изразиме.
- Во врските, каде што настапуваме наместо да се поврзуваме.
- Во меиловите, троструко проверени и преобјаснети, барајќи одобрување меѓу редовите.
- Во објавите на социјалните мрежи, курирани за да добиеме валидација наместо да ја кажеме вистината.
- Во родителството, каде децата се туркаат да бидат одлични како доказ за адекватноста на родителите.
- Во банкарските сметки, каде ниту една сума не се чувствува „доволно“ за да се опуштиме.
- Во огледалата, каде прво бараме недостатоци пред да ги видиме силата и убавината.
- Во лидерските одлуки, донесени за одржување на имиџот наместо за служење на визијата.
- Во тишината, каде си го гриземе јазикот наместо да ризикуваме да бидеме „премногу“.
- Во „да“ одговорите, кажани од обврска или страв од разочарување.
- Во книгите за самопомош, проголтани не за да растеме, туку за да го поправиме она што никогаш не било расипано.
- Во спиењето, жртвувано за продуктивност, како одморот да мора да се заработи.
Често мислиме дека притисокот доаѓа однадвор: премногу пораки, недоволно време, пазари кои премногу бараат, растечки трошоци, бескрајни KPI-и, притисок да се расте, да се испорача, натпреварува, да се биде совршена ќерка или син. Но, во повеќето случаи, овие надворешни барања не се изворот – тие се одразот.
Вистинскиот двигател на „никогаш доволно“ е внатрешен. Тоа е систем на верувања. Леќа преку која го гледаме животот и светот.
Според социјалниот психолог Леон Фестингер и неговата Теорија на когнитивна дисонанца, психолошки сме програмирани да бараме кохерентност меѓу нашиот внатрешен наратив и надворешниот свет. Значи, ако вашиот внатрешен свет вели: „Не сум доволен/доволна“ или „Треба да ја заработам мојата вредност“, или „Немам доволно“… несвесно ќе го обликувате и интерпретирате надворешниот свет во насока да одговара на таа внатрешна вистина. Тоа е како самоисполнувачко пророштво!
Ова се манифестира во:
- Преземање премногу обврски на себе – како светот да не може без вас.
- Стремеж кон недостижна перфекција.
- Чувство дека заостанувате, без разлика колку сте направиле.
- Поврзување на вашата вредност со продуктивност, перформанси или одобрување.
Не е само околината. Туку тоа е и внатрешниот филтер низ кој се обработува околината.

Менталитетот на недостиг е длабоко проучуван во бихејвиоралната економија и психологија. Во книгата Недостиг: Зошто имањето премалку значи толку многу, Мулаинатан и Шафир покажуваат дека перципираниот недостиг – на време, пари, љубов или капацитет – го намалува нашиот когнитивен капацитет, намалувајќи ја способноста за донесување одлуки, креативност и емпатија. Нивните студии откриле дека недостигот го нарушува менталното функционирање исто како да сте изгубиле една ноќ спиење – околу 13 поени пад на IQ. Зошто се случува ова? Бидејќи кога чувствувате дека никогаш нема доволно:
- Се фокусирате на итното наместо на важното.
- Станувате реактивни наместо стратешки.
- Преземате премногу обврски и недоволно се опоравувате.
Во лидерството, ова може да изгледа како микроменаџирање, постојано гасење пожари или изедначување на само-вредноста со големината на продуктивноста на лидерот. Сето ова ја нарушува довербата, иновацијата и културата во една организација.
Некои можеби ќе тврдат дека овој менталитет води до извонредни достигнувања, и до некаде се согласувам – но, создава и деструктивни обрасци! Многу лидери работат со менталитет „никогаш доволно“. Знам многумина, и сигурно и вие познавате барем еден. Истражувањата од Journal of Organizational Behavior (2024) покажуваат дека овие лидери често промовираат работни средини кои се високо конкурентни и каде се работи под голем притисок; средини што се поврзани со перфекционизам или ориентација кон високи достигнувања. Олицетворение на таков лидер е Илон Маск, кој ги турка своите компании Тесла и СпејсЕкс до невидени височини преку немилосрдна амбиција. Наводните 120-часовни работни недели на Маск и неговите јавни изјави дека „никогаш нема запирање“ одразуваат верување дека моменталниот успех не е доволен. Иако ова може да поттикне иновации (многумина веруваат дека работат најдобро под притисок) – исто така ризикува исцрпеност и отуѓување на тимовите, како што се гледа во извештаите кои покажуваат колку често се менуваат вработените во Тесла.

Фотографија направена на настан на IFAMP
Овој лидерски стил може да ја зголеми краткорочната продуктивност, но води до отуѓување на вработените и неангажираност. Повеќе од половина од работниците во такви средини пријавуваат симптоми на исцрпеност. Друг познат пример е Џеф Безос, чија рана култура во Амазон стави акцент на немилосрден раст, наводно на сметка на благосостојбата на вработените, со приказни за работници кои плачеле на своите бироа поради недостижни цели за нивните перформанси.
Пред да продолжиме, неколку најави:
Во октомври годинава некои луѓе ќе го започнат своето уникатно патување за НЛП Практичар и ќе го трансформираат својот живот за да достигнат неверојатни височини, дали сте еден/една од нив?
Нудам две онлајн Q&A сесии, во четврток на 24 јули на македонски и следната недела на англиски. Регистрирајте се со кликнување на зборот што го претставува јазикот по ваш избор.
И,моментално има неверојатни понуди за рана регистрација -придружете ми се за да дознаете!

Дополнително, со задоволство ве поканувам на бесплатна онлајн сесија, организирана од Меѓународниот центар за менторство на 31 јули 2025 во 16:00 часот по средноевропско време, каде што ќе зборувам на тема: „Што посакував да знаев порано во мојата кариера“. Можете да се регистрирате овде. Настанот ќе биде одржан на англиски јазик.

И, ве канам да ми се придружите на следната групна коучинг сесија The Self Expedition Cafѐ, каде ќе зборуваме за успех. Ако имате прашање, подгответе го. Земете си кафе/чај/ручек и ќе поминеме еден час заедно. Регистрирај се овде, учествотo е бесплатно.
Продолжуваме сега…
Надворешните промени се случуваат само кога ќе се смени внатрешноста
Кога ќе го излечите внатрешното „никогаш доволно“, престанувате да барате надворешна валидација и наоѓате исполнување и задоволство внатре во себе. Кога ќе го направите овој пресврт кон приземјено чувство на доволност, сè се менува. Вашите постапки и однесувања помалку се фокусираат на докажување и повеќе на изразување на вашата автентичност. Одлуките се донесуваат од јасност, не од реактивност. Приоритетите се усогласуваат со целта, не со притисокот.
Кога лидерите се внатрешно усогласени, односно кога нивните вредности, постапки и само-концепт се во синхронизација, тие водат со поголема самодоверба, присуство и влијание. Оваа внатрешна конгруентност поттикнува доверба, ги намалува конфликтите и создава култура каде другите исто така се чувствуваат безбедно да се покажат како цели, способни и доволни. Бидејќи најмоќното лидерство не доаѓа од стремеж – доаѓа од усогласеност.
Лидер кој верува дека е доволен создава простор и другите да веруваат во тоа.
Вистинскиот недостиг не е во времето, парите или талентот – туку во верувањето дека не сме доволни такви какви што сме, дека не сме комплетни – дека мора постојано да го оправдуваме тоа што сме.
Но, штом тоа верување се доведе во прашање, се омекне и се замени со доволност и самодоверба, надворешната трака за трчање забавува. Јасноста се враќа. Целта престанува да бега.
Поставете си ги овие прашања:
- Каде во мојот живот чувствувам дека сум „никогаш доволен/доволна“?
- Што во мојот живот е „никогаш доволно“?
- Што се обидувам да докажам – и кому?
- Што би се сменило кога би поверувал/а дека тоа што сум сега е веќе доволно?
- Дали создавам простор за другите да се чувствуваат безбедно, видени и доволни околу мене?
- Како мојата сопствена само-перцепција го обликува она што го проектирам врз мојата околина?
- Кои верувања за успехот и вредноста ги моделирам за другите?
Вистината е кога внатрешно се чувствувате доволно, кога ќе сфатите дека ги имате сите ресурси што ви требаат во вас – почнувате да живеете и делувате од позиција на внатрешна усогласеност со надворешниот свет – тоа е конгруентност!

Да завршиме,
Мојата порака за јули е:
Доволно си! Вдиши го тоа чувство сега.
Сугестии за понатамошно читање:
Самопочит и комуникација – претходна едиција на Внатрешна експедиција
Извори на инспирација и информација:
Читам и слушам:
- Spiritual Herbalism, целосно сум вљубена во оваа книга на Karen M. Rose
- How the Busiest People Find Joy – статија од HBR на Leslie A. Perlow, Sari Mentser и Salvatore J. Affinito
- How Nature & Other Physical Environments Impact Your Focus, Cognition & Health – Dr. Marc Berman, PhD, на поткастот Тhe Hubermann Lab
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.