Предностите на Online-регрутацијата како значаен дел од позитивните промени во ИТ-индустријата

од 24HR

Промените, како составен дел од човековиот развој се неизоставен дел од нашите животи и несомнено, претставуваат основата на која се темели функционирањето и во ИТ-индустријата.

Адаптибилноста како карактерна особина не е само дел од личниот сет-карактеристики на еден вработен, како никогаш досега, се чини дека е клучот во растот и развојот на професионалците, особено во ИТ-светот.  Континуираното прилагодување на промените, најпрво преку совладување на одредена технологија, соочувањето со условите во работниот процес, истовремено поседувајќи слобода, креативност и способност за перцепирање и инволвирање во истиот, подобувајќи го и придонесувајќи за негов постојан напредок, се основните состојки на кои се темели успехот на еден ИТ- професионалец.

Денес, како генерација сведочиме на една од најголемите промени со кои светот во кој живееме се соочил – заканата од КОВИД 19, чија опасност ги доведе на тест не само нашите животи, туку и најголемите светски индустрии со веќе докажани работни процеси и практики, врежани во нашите когнитивни шеми илјадници години наназад.

Кои се всушност промените на кои ИТ- светот се прилагоди на микро-ниво?

Работењето од дома не е новост за оваа индустрија. 
Вработените ја уживаа слободата да изберат да работат од дома или од канцеларија зависно од нивните потреби многу пред пандемијата и пред праксата да стане применета во останатите индустрии. Имајќи одговорност за постојаното справување со секојдневните проблеми на клиентите-компании лоцирани ширум светот и континуираното изнаоѓање ефикасни решенија, се основните алатки и „супер-моќта“ на професионалците од оваа област. Така што, локацијата од која ги извршуваат работните задачи, станува дискутабилна пред компетентноста и одговорноста на вработените во ИТ – индустријата.

Регрутацијата, како помошна гранка која ја живее својата експанзија главно во ИТ-светот, преживеа доста успешно минатата 2020 година, соочувајќи се истовремено со критични промени.

Изборот на најсоодветниот кандидат за одредена позиција, генерално не е одреден само од неговото образование или знаењето што го поседува. Огромен дел од одлуката за избор на соодветен кандидат ја носи личносниот-сет на вештини со кои кандидатот располага и  културната компатибилност со тимот во кој доаѓа. Тука стапуваат на сцена одговорноста и вештините на регрутерот кој треба да направи правилен избор селектирајќи група кандидати, најпрво само од информациите добиени од самиот кандидат во комбинација со психо-социолошката проценка за време на интервјуто.

И ако досега состаноците во живо беа идеални за добра личносна проценка, пандемијата и промените што минатата 2020-та ни’ ги наметна, доведоа до промени во самиот процес на интервјуирање, правејќи ги интернет-алатките со нивните предности и иновации повеќе од корисни и ефективни, преку подобрување на самиот процес на интервјуирање и регрутација, според што онлајн-интервјуата станаа апсолутен победник и вистинско решение!

Кои се предностите на Online – регрутацијата?

  • Освен што добиваме можност да ги заштитиме нашите вработени и апликантите, истовремено, со Online – интервјуирањето овозможуваме флексибилност како предност на самиот процес. Поканата на кандидатите за учество во Online-интервју кое не бара физичко присуство на одредена локација, е обично доста добро прифатен концепт и гест кој од друг аспект ќе ја направи попривлечна позицијата и компанијата која ја нуди истата.
  • Чувството на безбедност што го добива кандидатот за време на Online- интервјуто е една од првите психолошки придобивки од новиот процес, при што се добива слобода на изразување и следствено, повеќе информации што ќе помогнат во создавањето на реална слика за кандидатот.
  • Реалната самодоверба и удобноста што ја има кандидатот кога настапува од свој “терен” со можност да ги контролира условите е вистинската предност што дава поприближна на реалната и детална слика за неговиот „свет“, за кој интервјуерите секогаш сакаат да знаат повеќе.
  • Предност, од друга страна, има и во заштедата на ресурси, особено во скратувањето на времето потребно за остварување на личен контакт, што ја зголемува можноста да се видат повеќе кандидати за пократко време, а тоа го прави процесот на избор порелевантен и пообјективен.
  • Иако субјективноста е неизбежен и неопходен дел од работата со луѓе, Online- интервјуата ја зголемуваат објективноста дозволувајќи применливост и на брзи тестирања истовремено, остварливи симултано, со испраќање и истовремено решавање на задачите во реално време.
  • Проценката во психолошкиот дел се сведува на зголемената контрола и објективност на самите прашања, што обезбедува подобри можности за линеарно споредување на сите кандидати и секако, го подобрува увидот во психолошките инструменти.

Вистината е дека човечкиот фактор секогаш ја поттикнува креативноста и ги прави перцептивните и когнитивните способности на вработените поагилни, но во ситуација во која не’ стави новиот начин на живеење, среќни сме што како професионалци сме подготвени и имаме услови постојано да ги прилагодуваме и подобруваме работни процеси.

За авторот:

Биљана Талевска е Специјалист за Човекови ресурси и Регрутација во Аксапта Мастерс. Дипломиран психолог и тренер со искуство во регрутација на ИТ-профили во изминатите 5 години, како и претходно искуство во работа со медиуми и односи со јавност.

0 коментар
2

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...