Колумна на Александра Андоновска Танчевски – HR ентузијаст со повеќе од 7 годишно работно искуство со човечки ресурси во приватен и граѓански сектор со фокус на развој на ЧР.
Денес, една од најважните работи во човечките ресурси и вработувањето е создавање на позитивно искуство на вработените. Се повеќе и повеќе слушаме за важноста на тоа што го доживуваат вработените кога доаѓаат на работа и влијанието што тоа го има врз нивната среќа и продуктивност. Искуството на вработените е најавтентичниот показател за тоа колку добар employer branding има работодавачот.
Што е employer branding?
Во однос на привлечноста и вработувањето на кандидатите, брендот на работодавачот е сликата и културата што ја има компанијата. Репутацијата на компанијата, начинот на кој таа се однесува кон вработените и вредностите за кои се залага, сето тоа е дел од нејзиниот бренд. Потребен е напор и постојан мониторинг за да бидете свесни за тоа како се менува јавното расположение во и надвор од компанијата. Она што кандидатите или вработените го претставуваат за компанијата, особено преку социјалните мрежи, станува дел од брендот на работодавачот.
Исполнување на очекувањата
Ако вашиот бренд е силен, автентичен и искрен, тогаш тоа ќе послужи добро во привлекувањето на вистинскиот талент. Доколку постои неконзистентност помеѓу она што се нуди и она што вработените го наоѓаат кога ќе се вработат кај конкретниот работодавач, тогаш се наидува на проблеми – скоро 80% од стапката на обрт на вработени е резултат на лоши одлуки за вработување. Тоа доведува до незадоволително искуство на вработените.
Сметајте на брендот на работодавачот како реклама, истакнувајќи ги придобивките што вработените можат да ги очекуваат од работењето за компанијата.
Фокусирајте се на дефинирање на она што вработените го очекуваат како искуство во работата и осигурете се дека тоа ќе стане реалност за тие вработени еден ден.
Усогласеност меѓу очекуваното и вистинското
Треба да се создава усогласеност помеѓу очекуваното и вистинското искуство на вработените. Тоа се постигнува со планирани, доследни дејства во текот на целиот процес на вработување, почнувајќи од воведната обука, натамошниот напредок во кариерата во компанијата, поставување реални очекувања за тоа што значи да се работи за компанијата и како би било на дневно ниво.
Не можете да го игнорирате искуството на вработените, бидејќи никој друг нема. Социјалните медиуми имаат многу поголемо влијание отколку самиот бренд на работодавачот, комуникациите се секогаш „вклучени“, затоа е од посебно значење да се усогласи искуството на вработените со наведените вредности, мисија и визија на компанијата и понудата за вработување.
Фокусот на брендот на работодавачот е да влијае позитивно на сегашните и идните вработени за да привлече лојални и високо рангирани вработени. Employer branding се заснова на претпоставката дека човечкиот капитал додава вредност на организацијата, и колку поуникатен е брендот на работодавачот, толку е поголема е и вредноста на брендот.
Доброто искуство на вработените ги спречува негативните критики
Најдобра опција за задржување на вработените е организациски напор да се обезбеди секој апликант и вработен да го најде она што го бара на работното место. Тоа се припишува на културата, технологијата и работниот простор на една организација.
Многу менаџери веруваат дека искуството на вработените е само нус-производ на организирана компанија, но тоа не е точно. Може да имате ефективни компании каде што сите ги мразат своите работни места и непродуктивни компании со среќни вработени. Станува збор за воспоставување на таа рамнотежа помеѓу продуктивноста и ангажманот на вработените што им овозможува на бизнисите и на вработените подеднакво да цветаат. За ова е потребна голема посветеност секој вработен да се чувствува ценет и почитуван од првичната средба со вашата компанија (како кандидат) до првиот ден на работа и потоа додека напредува во кариерата.
Кандидатите денес се многу попаметни кога станува збор за истражување и проценка на компаниите каде што би сакале да аплицираат за работа од кога било досега. Тие поминуваат многу време истражувајќи за компаниите каде што би имале можности за кариера. Тоа е труд за градење на професионална биографија, труд за кариера и најдобра можна средина во која можат да растат и да се развиваат професионално.
Влијанието врз компаниите е дека тие мора повеќе да се обидат да се издвојат од другите компании со нивниот бренд на работодавач. Ова може да значи не само да се понуди позитивно опкружување за работа, туку и да се додадат поволности – можности за учење, рамнотежа помеѓу приватниот живот и животот на работа на вработените, разновидност и вклученост. Маркетингот за вработување станува сличен со клиентскиот маркетинг со тоа што се работи за примарен напор да се поврзете со вистинските луѓе и да го привлечете нивното внимание.
Вашите сегашни вработени се ваши неформални регрутери
Вработените имаат далеку повеќе конекции отколку компанијата како работодавач. Вашата слика за брендот е постојано присутна на Интернет бидејќи вашите вработени се „инфлуенсери“ на социјалните мрежи и промотори на брендот. Инвестирањето во подобрување на искуството на вашите вработени е стратегија која носи долгорочни приноси исто како што вмрежувањето носи за секој бизнис. Искуството што го создавате за вашите вработени денес, ќе ја гради репутацијата на вашата компанија на подолг рок.
Има доволно емпириски докази за да се докаже дека искуството на вработените е најважен критериум за успех на брендот на вашиот работодавач. Значи, иако можат да се распоредат неколку стратегии за брендирање и маркетинг за да се добијат нови вработени, само веродостојното искуство споделено од страна на вашите вработени ќе ви помогне успешно да го одржите вашиот бренд.
Промени во стратегијата за вработување
Деновиве, компаниите треба да размислат над нивната просечна стратегија за вработување за да ги привлечат најдобрите кандидати од мнозинството.
Дигиталната трансформација и другите технологии доведоа до огромна празнина во односот побарувачка и понуда на вештини потребни на индустријата. Компаниите се откажуваат од традиционалните методи на вработување, бараат повеќе иновативни начини да го привлечат вистинскиот талент. Да се има силен employer branding е едно од најважните работи за вработувањето денес. Тоа е и клучно за успехот на стратегијата за вработување на една компанија. Поголема е веројатноста активните баратели да аплицираат за работа во компанија што има активен и привлечен employer branding.
Додека негативните критики можат да наштетат на брендот на вашиот работодавач, позитивните оценки од страна на вработените можат да ви го освојат најдобриот талент на пазарот на трудот. Вработените се под огромно влијание на она што сегашните или поранешните вработени имаат да кажат за нивниот работодавач, менаџментот, политиките и процедурите, распонот на плати, итн. Според истражувањата, 83% од испитаниците се согласиле дека оценките за компаниите влијаат врз нивната одлука за тоа каде да аплицираат. Вашите вработени можат да ви обезбедат толку широк опсег на позитивен employer branding и можат да ви помогнат да привлечете одлични нови вработени со тоа што ќе ве промовираат како одличен работодавач.
Стратегија за вработување ќе се заснова на односот работодавач-вработен и ќе се стреми да се разликува од конкуренцијата. Добриот employer branding привлекува повеќе апликанти за работа, но исто така, ги намалува трошоците за вработување по лице за 50%. Employer branding е многу важен за интегритетот на бизнисот, и секако, да се привлечат вистинските кандидати за правилните работни места.
Да се разликувате и да бидете сигурни дека сте автентични за тоа какво е искуството на вашите вработени и за брендирањето на вашиот работодавец, е клучно.
Вработените се вашите лобисти за брендот, и со самото тоа што ќе бидат повеќе вклучени во иницијативи, ќе бидат и попродуктивни, ќе соработуваат за имплементација на нови идеи, ќе поттикнуваат иновации и ќе понудат супериорна услуга за клиентите.
Повеќето компании ќе создадат работно опкружување каде што вработените сакаат да доаѓаат на работа, а не само место каде што треба да дојдат на работа. Ќе го направат забавно работното место, ќе создадат можности за личен и професионален раст и ќе создадат култура на искреност, транспарентност и вклученост – сите клучни елементи на привлечно и позитивно работно место.
“Your employees are your greatest competitive advantage. They’re the ones making the magic happen—so long as their needs are being met.” – Richard Branson
За авторот:
Александра Андоновска Танчевски е HR ентузијаст со повеќе од 7 годишно работно искуство со човечки ресурси во приватен и граѓански сектор, со фокус на развој на ЧР. Според нејзиното искуство, одделот за ЧР треба да служи како инспирација за вработените – разговор со вработените со знаење на правник и комуникација со нив како учител.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.