Employer Branding – предност во војната за таленти

од 24HR

Пишува Стефан Јовановски, Раководител на човечки ресурси во А1 Македонија и еден од предавачите на Академијата за Employer Branding на ВИТА Институт.

Ајде на момент да се присетиме на последниот пат кога менувавте работно место. Дали во тој момент чувствувавте вознемиреност и страв или во тој процес влеговте со сигурност дека ја носите најдобрата одлука во тој момент? Овие чувства во најголема мера произлегуваат од фактот дали новата компанија ви ја пренесе својата приказна точно, автентично и постојано и дали тоа беше приказната во која вие поверувавте. 

Впрочем, во идеалниот свет, секој од нас има во главата идентификувано 5-10 компании за кои идеално би прифатил да работи заради тоа што знае точно кои се, како работат, како ги решаваат проблемите, како ги мотивираат и наградуваат вработените. Кандидатот кон понудата за работа од некоја од овие компании реагира со самодоверба и мотивација дека го направил вистинскиот избор и верува дека новата врска ќе продуцира вредност на двете страни. 

Без оглед на конечниот исход, овие трансфери се секогаш набиени со емоции и адреналин и секој од нас ги помни сите чекори и ги евалуира своите постапки и постапките на другата страна. Понекогаш, за жал, нерадо се сеќаваме на текот на таа постапка. Причините за тоа лежат во фактот  да тоа што давало резултат пред десет, петнаесет години, како процес на регрутација, сеуште се практикува во некои компании, затоа што “тоа го прават отсекогаш така и ништо не му фали“. Собирање на стотина апликации за секое работно место, чекањето со недели пред да се воспостави првиот контакт, праќањето на масовни “жал ми е, ви благодарам” мејлови со месеци подоцна, недавање на фидбек по направените интервјуа, вечната потрага по “пурпурната верверичка”, се се тоа практики кои идните генерации на нашите вработени нема да ги прифатат. Не само што нема да ги прифатат туку нема ни да ги толерираат.

Денес, ситуацијата се има сменето.  Побарувачката за таленти во одредени сегменти на пазарот на труд ја надминува понудата. Логиката е следнава: тоа што порано функционираше, денес нема да ги даде посакуваните резултати. Тоа што е денес потребно е промена на состојбата на умот во насока да се биде во можност да се види дека поголемата слика ја сочинува нешто повеќе од само регрутација или управување со талентите.

Што е тоа талент? Веројатно има многу дефиниции, но во основата на сите се наоѓа механизмот на проценка на еден кандидат (неговото искуство, вештини, образование, ставови, дарба, личност, сертификати, вмреженост итн.) во однос на друг кандидат. Важно е да се разбере дека денешниот талент точно знае колку вреди во очите на компаниите. Поминати се деновите кога наоѓавме неизбрусени дијаманти, кандидати кои не беа свесни за својата вредност, се појавуваа одеднаш во фокусот на компаниите и ги плаќавме далеку под нивната вредност.  Денешниве таленти знаат дека имаат нешто екстра да понудат и ако не ја платите вистинската цена, некој друг ќе го направи тоа. 

Најдобрите од најдобрите меѓу нив, не само што ќе исполнат се што се очекува од нив, туку и ќе излезат од рамките на нивната функција за да создадат деловни можности кои не ни постоеле претходно. Тие се спремни да ги поместат границите, да преземат ризици и да испробаат нешто ново. Фактот дека се најталентирани ги прави и најпосакувани но често и недостапни.

Исто така, најдобрите од најдобрите не сакаат да аплицираат. Тие сакаат да градат односи со компаниите (и луѓето во нив) за да разберат што нуди одредениот бренд. Овој процес, од перспектива на кандидатот, ќе потрае некое време. Никој не сака да го брзаат кога носи животна одлука. Регрутерите, привилегирани и во позиција да го разберат брендот во целост, најчесто се поставуваат како идеална конекција помеѓу кандидатот и брендот.

Од перспектива на компанијата, регрутерот има големо влијание на одлуката кај талентот, но тоа што кандидатот првенствено го гледа е брендот и впечатокот што го остава на пазарот на труд.  Таа одговорност можеме да ја лоцираме кај сите сегменти на компанијата. Секој еден дел од компанијата има некакво влијание на процесот за вработување но ако продолжиме да го стискаме копчето “регрутер” секогаш кога ни треба талентот, никогаш нема да го решиме проблемот. 

Ако во денешно време сеуште имаме компании кои сметаат дека нивниот бренд не е важен кај кандидатите за работа, главната причина за тоа е што ни самите не го разбираат. 

Од перспективата на талентите, брендингот е перцепцијата што живее во умот на поединецот за тоа како би било да работи за вас. Таа се создава со помош на безброј информации и искуства, кои го оформуваат конечниот став на кандидатот за тоа “дали воопшто сакам да работам за…“ 

Од сето наведено до сега, јасно е дека натпреварот во војната за таленти го добиваат само компаниите кои вложуваат во развој на брендингот.

Уписите за новата група на Академијата за Employer Branding сме во тек! Искористи ја можноста за рана пријава дo 25.09.2021 (линк за пријава: https://bit.ly/3zhS4in )!!

Доколку сакате подетално да се запознаете со програмата и предавачите на Академијата, поканети сте на Информативен настан на 20.09.2021, од 16:30 часот во Public Room (линк за регистрација: https://bit.ly/3kbXUgS )!!

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...