Интервју со Дина Аџиќ, бизнис партнер за регрутација во Endava.
Континуираниот подем на IT индустријата и различните работни позиции кои произлегуваат од неа, налагаат посветена работа во поглед на развивањето на интерперсоналните, кариерните и техничките вештини на секој вработен во IT секторот. HR специјалистите во IT секторот ги следат трендовите во индустријата и ги применуваат во служба на раст и развој на вработените, нивна адаптација на промените и константен раст и развој. Разговаравме со експерт во оваа област, Дина Аџиќ, бизнис партнер за регрутација во Endava.
Здраво Дина. Како Бизнис партнер за регрутација во Endava, со искуство на полето на човечки ресурси и предавач на Академијата за HR во IT сектор во Семос Едукација, можеш ли да ни кажеш кои се трендовите за 2022 во оваа индустрија?
Здраво и ви благодарам на поканата за интервју. Како долгогодишен професионалец во IT индустријата, можам да кажам дека трендовите се динамични и фокусирани на адаптација на брзото движење на технологијата и светот. Во 2022, актуелен тренд е хибридниот начин на работа, што е резултат на пандемијата со која се соочуваме. Иако се навикнавме на дигитализирана работа од дома, сепак останува потребата за социјални и колегијални врски кои ги градиме во канцеларија. Така, IT светот се прилагодува кон хибридниот модел, овозможувајќи им на вработените избор и поголема слобода во организирање на своето време и простор.
Други сè поприсутни трендови се компаниската еколошка свесност и одржливост, како и грижата за менталното здравје и добросостојбата на вработените. Компаниите почнуваат да нудат сè поголема поддршка и донации на надворешни партнери во борбата за заштита на луѓето, околината, социјално загрозените случаи, итн.
Ендава веќе долг период работи на своите CSR практики (корпоративна социјална одговорност).
Кои квалификации/вештини/талент се потребни за еден HR да биде успешен во својата работа?
HR професионалците работат со луѓе, а тоа значи голема свесност и разбирање на различните искуства и контексти. Комуникативност, емпатија и внимателно слушање, се според мене клучни карактеристики, како и општа љубопитност и желба да се запознае секоја индивидуа. Образованието е многу важно бидејќи ни нуди алатки и теорија, но не е секогаш пресудно за практичниот субјективен пристап. Многу често гледаме како личности со едукативна позадина во хуманистички науки и јазици се заинтересирани за понатамошна кариера во HR, баш поради таа љубов за работа со луѓе. Професионалците во HR секторот генерално се пристапливи, отворени за разговор, и вистински се грижат за луѓето кои работат во компанијата. Работната етика е највисок приоритет во секој сегмент, од регрутација, администрација, до директна работа со вработени.
Од каде потребата за издвојување на HR во IT како специфично поле на работа?
HR како поле на работа е потребно во секоја компанија и индустрија, бидејќи е сектор кој се грижи за раст и развој на компанијата, како и кариерниот пат и добросостојбата на вработените.
Конкретно во IT индустријата, се соочуваме со голем недостаток на професионалци, како на локално, така на глобално ниво. Предизвик на компаниите е да се адаптираат на брзиот чекор на технологијата, а HR тимот има голем дел од таа одговорност: привлекување кандидати, одржување компаниска култура, напредок на вработените, следење на пазарот, итн. Овој тим е голема поддршка и е директно поврзан со задоволството на вработените од работната средина, користењето на потенцијалот, како и со присуството на самата компанија во IT заедницата.
Кој е најчестиот проблем на компаниите при управување со човечките ресурси во IT индустријата?
Секоја компанија си има свои предизвици, меѓутоа чест проблем кој се провлекува во IT индустријата е неприлагодување на новитетите и променливоста. Оние компании кои не одржуваат чекор со динамичниот пазар (голема флексибилност, транспарентност, можност за учење и напредок, бенефиции, работни услови) се соочуваат со губење на вработените.
За успешно управување на човечките ресурси, треба да се овозможи личен и професионален раст во пријатни работни услови.
Академијата за HR во IT сектор започнува на 14-ти март. Дали може да ни споделиш повеќе информации околу обуката и за тоа како ќе им помогне на студентите да ги совладаат вештините потребни за работа во оваа специфична област?
Следејќи ја оваа академија, студентите пред сè ќе се запознаат со работните процеси и структура на една IT организација, како и со општата слика на македонскиот IT пазар – компании, технологии, профили. Понатаму, студентите подетално ќе навлезат во начинот на функционирање на HR секторот, преку разгледување на практиките за: регрутација и селекција, градење и одржување компаниска култура, раст и развој. Во мојот модул, со студентите ќе го погледнеме целокупниот процес на аквизиција на таленти, а тоа опфаќа препознавање, барање и привлекување кандидати, сорсинг, интервјуа, и водење на целиот регрутациски циклус. Академијата ќе овозможи теориска позадина, примери, споделување искуства и различни техники кои понатаму ќе бидат основа за почеток на кариера во HR во IT.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.