Празни канцеларии, одложени состаноци, автоматски-одговори по е-пошта – сето тоа дава впечаток дека во лето работата мирува. Но под површината, некои состојби не мируваат. Заморот, исцрпеноста, дури и скриениот отпор кон работата, сите тие остануваат, само затскриени.
Во тие недели кога сè изгледа полесно, HR може да види нешто што обично останува незабележано. Може да го препознае burnout-от кај вработените, не во драма-ситуации, туку во тишината.
Кога тишината кажува доволно
Во лето burnout не изгледа како излив на фрустрација или нагло заминување. Повеќе наликува на повлекување, на отсутност во комуникацијата, на одложување на задачи што инаку би биле завршени без проблем. Понекогаш, тоа се луѓето што први доаѓаат на работа, но веќе не прашуваат ништо. Или оние што немаат „голем проблем“, но сè поретко се вклучени.
Gallup во своето истражување за состојбата со работната ангажираност забележува дека дури и во т.н. „време за одмор“, висок е процентот на вработени кои се чувствуваат емоционално исцрпени. Причината? Одморот не ги решава системските притисоци.
Што може HR да направи веднаш и без ресурси
Она што секогаш е достапно, а често се прескокнува, е слушањето. Но не обичното: „Како си?“ туку вистинското, каде што се поставуваат прашања што бараат размислување. Како: „Што ти одзема најмногу енергија?“ или „Што би сменил/-а, ако можеш само едно нешто да промениш во секојдневието?“
Понекогаш решенијата не се во нови бенефиции, туку во просторот за одмор, за флексибилен распоред, за неколку дена без состаноци, итн.
Некои компании, како LinkedIn, воведуваат „slowdown недели“, односно периоди без состаноци, кога сите имаат право да го забават темпото. Тоа може да биде и само една недела со попладневна пауза или кратко скратено работно време во петок.
Не е сè во политиките нешто е и во присуството
Затоа летото може и треба да се искористи како време кога HR не само што планира, туку и слуша подлабоко. Токму тогаш, кога дел од тимот е на пауза, се отвора можност да се препознаат знаците што обично поминуваат незабележано: заморот, преоптовареноста, тивката демотивација.
HR не мора да има одговор на сè. Но треба да биде таму каде што се „пожарите“ во организацијата, дури и кога уште не избувнале. Да биде лице што ќе го препознае уморот додека другите гледаат само резултати. И што ќе го постави вистинското прашање, во вистинскиот момент: „Што ти треба сега, не за следниот квартал, туку за да продолжиш утре?“
Заморот не се лекува со документи. Се ублажува со човечко присуство, со разбирање, и со мали, навремени потези што прават голема разлика.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.