Колумна на Ана Стрезовска – дипломиран социјален работник, со 6 години искуство во областа на човечки ресурси, со фокус на регртурација, грижа за компаниската култура и ангажираност на вработените и професионален развој.
Пред 6 години кога бев на интервју за работната позиција која сега ја работам, ме прашаа што е најважно за некој да биде добар професионалец и одговорив дека тоа е да се биде човечен. Денес, после 6 години, се уште го мислам истото.
Сите сме луѓе, така? Но, што значи да бидеш човек во својата професија? Кога размислував за што да пишувам разгледував теми кои се тренд во индустријата. Како на пример примената на вештачка интелигенција во човечки ресурси, унапредување на процесите како регрутација, онбординг, учење и развој, менаџмент на перформанси и слично. Но, навистина сакав да заземам поинаков правец. Она што ќе го зборувам денес го размислувам подолго време и сакав да го споделам со вас. Можеби звучи преочигледно, но сметам дека е вредно да се истакне. И така, решив да зборувам што значи да се биде човек во човечки ресурси.
Веројатно, она што сите ќе помислите во овој момент, е да се има оној човечки однос во релациите, да бидеме љубезни, емпатични, полни со разбирање и слично. И тоа е во ред. Но, ајде да зборуваме за еден друг аспект – нашите маани и слабости како професионалци во областа на човечки ресурси. Најпрво, верувам ќе се сложите со мене, НИКОЈ НЕ Е СОВРШЕН. Можеби се обидуваме да бидеме, но на крајот од денот, не сме и како луѓе не треба да го игнорираме овој факт.
Со сигурност, дури и HR професионалците, како и сите индивидии се борат со предизвици кои не секогаш се поврзани со нивната професионална улога.
На пример, дали некогаш сте биле во ситуација каде сте биле во искушение да оцените некој кандидат со повисоки оценки само затоа што бил сличен на вас? Ова не води до првиот предизвик: пристрасност и предрасуда. HR професионалците, и покрај нивната улога да промовираат рамноправност, понекогаш може да бидат склони кон несвесна пристрасност или предрасуда. Тоа може да влијае на носењето на одлуки, како на пример во процесот на вработување да фаворизираат кандидати кои се слични на ним.
Дали можеби сте се нашле во ситуација каде што ви е тешко да работите со вработен затоа што лично не ви се допаѓа? На пример, на нивниот личен развој. Без разлика колку и да се трудите да останете професионални, имате некое горко чувство во градите дека искрено не ви се допаѓа вработениот на кој што треба да му помогнете?
Изоставањето себеси од изворите на помош и поддршка е исто така еден од предизвиците кои не е наивен кога се работи за било кој професионалец, особено за оние во полето на човечки ресурси. Многу HR професионалци се главниот извор на поддршка во компанијата. Тие се оние кои одржуваат коучинг сесии, групи за поддршка, велбиинг сесии, но најчесто самите се изоставаат од тој компаниски бенефит. Изоставањето на себе од изворите на помош и поддршка може да доведе до лош work-life balance, a, лошиот work-life balance може да доведе до запоставување на двете, личните и професионалните потреби и може негативно да влијае на здравјето.
Понатаму… Имаме лош ден. Мислам, кој нема лош ден, од време на време? Никој не работи со истиот интезитет, динамика, мотивација и фокус секој ден. Се чувствувате оптоварени во 9 наутро? Им се случува и на најдобрите меѓу нас. Во ваквите денови можеби не сакате да видите или да зборувате со никој, а сепак тоа е основата на вашата работа.
Има уште мнооогу вакви примери, но освен воочувањето, најважното од се е како да ги надминеме овие предизвици.
Најпрво, за да ги минимизраме грешките кога работиме со луѓе, клучно е да негуваме самосвесност. Немојте да бидете престроги да се запознаете себеси. Научете за себе, како реагирате во одредени ситуации и прифатете се, без разлика дали ви се допаѓа кои сте или не. Прифаќањето е првиот чекор кон подобрување. Штом ги прифатите вашите маани, тогаш можете да работите да станете подобра верзија од она што сте денес.
Пристрасни сте? Првиот чекор за ослободување на вашиот ум од пристрасност или предрасуди е препознавање на тоа однесување. Пробајте да се држите до структурирани процеси на интервју и евлуација и да се фокусирате на објективните критериуми за да го минимизирате импактот на пристрасност. Друго добро решение е доколку се сомнеевате дека можеби вашите одлуки се пристрасни, да побарате второ мислење.
Не ви е омилен колегата? – Пробајте да откриете што ви смета кај нив и зошто? Можеби рефлектирате некоја лична карактеристика што не си ја сакате или можеби таа личност ве потсеќа на некој што не ви се допаѓа во приватниот живот. Сепак, ако ова не функционира, обидете се да најдете нешто интересно и позитивно за оваа личност или на крајот од денот, ако верувате дека едноставно нема доволно добро да сработите, замолете друг колега да ја преземе задачата.
Ако станете свесни дека ви недостига грижата за себе, побарајте помош. Не се двоумете да побарате помош од компанијата, психотерапевт, семејството или пријателите. Дополнително, поставете граници. Особено за работните часови. И НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ ДА СЕ ДРЖИТЕ ДО ИСТИТЕ. Вие не сте тука само за да ги имплементирате well-being програмите на компаниско ниво, вие сте оние кои треба да ги промовирате со личен пример.
Кога имате лош ден или се чувствувате оптоварено, пробајте да го реорганизирате вашиот распоред. Презакажете ги важните состаноци за подоцна во текот на неделата и закажете си време за себе во календарот. Пробајте да избегнувате задачи кои ќе ве исцрпат емоционално и фокусирајте се на лесни административни задачи, за да се чувствувате продуктивни.
И на крај, можеби најважно од се, е да градите искрени релации со луѓето во компанијата. А за тие да бидат искрени, треба да бидат срдечни, отворени и чесни. Ова значи дека треба да бидете свесни за се она што го зборевме досега, да преземете мерки да се справите со предизвиците и само на тој начин ќе можете да изградите искрени релации дури и со луѓето за кои сте пристрасни, дури и со луѓето кои не ви се омилени, дури и кога не ви е баш денот.
И ова е дел од тоа да се биде човек во човечки ресурси.
За авторот:
Ана Стрезовска – дипломиран социјален работник, со 6 години искуство во областа на човечки ресурси, со фокус на регртурација, грижа за компаниската култура и ангажираност на вработените и професионален развој. Себеси се опишувам како tech savvy, full stack people professional, чиј главен фокус во компанијата е луѓето да бидат среќни 🙂
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.