Првиот впечаток е најважен. Брендот на работодавачот претставува рана можност – но и прва потенцијална бариера – за да ги пронајдете вистинските кандидати за вистинските работни места. Дали имате (правилна) Employer Branding стратегија во време на COVID-19?
Пандемијата на коронавирусот создаде наплив на проактивни кандидати кои се фокусирани повеќе од кога било на брендот и културата на работодавачот. Токму затоа е важно во секоја фаза јасно да демонстрирате зошто кандидатите треба да работат за вас.
Од комуникација со вистинскиот тон до тактики за истакнување на културата, порталот CareerBuilder издвои три чекори што треба да се преземат за промовирање на позитивен бренд на работодавач за време на COVID-19.
Бидете онлајн
Кога станува збор за градење бренд на работодавач, социјалните мрежи се клучен канал за комуникација со вашите потенцијални кандидати за вработување. Со други зборови, тие можат да бидат лицето, гласот и духот на компанијата. Социјалните мрежи овозможуваат флексибилност, агилност и автентичност, атрибути што другите маркетинг канали не можат секогаш да ги реплицираат.
Клучно е да се знае дека во време кога емпатијата и автентичноста се поважни од кога било, социјалните мрежи можат да ви помогнат да досегнете до потенцијални кандидати на начини кои ќе одекнат.
Затоа, не ги ограничувајте вашите социјални канали само на содржина за потрошувачи, туку промовирајте ги и вредностите на вашата организација. На пример, можете да ги промовирате силните страни на вашата култура со прикажување како вашите вработени комуницираат и работат од дома за време на COVID-19.
Исто така, можете да ја прикажете работата што тие ја извршуваат и, ако е можно, нагласете како тоа придонесува за благосостојбата на општеството во време на пандемија.
Специфични идеи за содржина можат да бидат персонализирани видео пораки од вработените до вашата публика, анкети со кои ги прашувате фановите како тие се справуваат со карантинот или споделете како вашата култура се прилагодува на брзото менување на трендовите во индустријата.
Бидете видливи
Искуството на кандидатите е кулминација на неколку интеракции кои тие ги имаат со вашата организација. Затоа, осигурајте се дека вашиот бренд на работодавач се одразува позитивно на сè што правите и комуницирате, користејќи ја секоја предност за натамошно промовирање на компанијата како посакуван работодавач.
За време на COVID-19, многу кандидати постапуваат разумно и разбирливо во процесот на барање работа, односно тие се дополнително охрабрени да аплицираат доколку работните задачи се поврзани со напорите за одговор на пандемијата. Затоа, покажете како приклучувањето во вашата компанија ќе им овозможи да направат вистински придонес во битката со пандемијата.
Па, како до поголема видливост? Промовирањето на информации за мисијата и вредностите на компанијата во вашите материјали за регрутација е одличен прв чекор, но гледајте да ја опфатите целата слика за компанијата, а не само една одделна позиција. Наведете примери како тоа вашата компанија се грижи и стратешки размислува за вработените (на пример: како ги слушате, поддржувате и им помагате да управуваат со кризата).
Овде може да ги пофалите вашите ИТ тимови за тоа како им овозможиле на останатите вработени да работат од дома или да покажете како вашите вработени и натаму ги прославуваат своите успеси, без оглед на вонредната ситуација.
Најважно од се е да го искористите секој момент, без оглед колку е тој мал и незначаен, за да се покажете како добар работодавач, а овие мали работи подоцна ќе се претворат во реални искуства на вработените.
Бидете респонзивни
Без разлика дали се свесни за тоа или не, компаниите ја започнуваат комуникацијата со кандидатите многу порано од нивната прва средба. Од првиот момент кога кандидатите се изложени на вашиот бренд, сè што прават е дел од нивното искуство со вашата компанија, вклучително и ако решат да не се пријават во вашата компанија.
Од вашиот пристап кон кандидатите или во јавните интеракции зависи дали вашите потенцијални кандидати ќе ве гледаат како организација водена од луѓе или уште една безлична компанија.
Кога брендот на работодавач е силен и јасен, компанијата демонстрира дека може брзо и лесно да се прилагоди на секоја следна промена. И со толку многу информации на кои сме изложени секојдневно, демонстрирањето на навремена реакција покажува колку сте ангажирани како компанија, но и колку ангажирано кандидатите би се чувствувале кога тие би работеле за вас.
Како да бидете пореспонзивни? Времето е оскуден ресурс. Но, доколку сте агилна организација можете да најдете начин за брзо да им одговорите на кандидатите. Ова е особено важно за време на вакви неизвесни ситуации кога брзината на пополнување на некое работно место може да биде од голема важност.
Потпрете се на партнерства, технологија и подобрување на комуникациските практики за да го поддржите вашиот одговор на COVID-19, додека во исто време градите најдобра можна перцепција за вашата компанија како работодавач. Бидете свесни дека само добар бренд ќе ги привлече најдобрите кандидати да дојдат и работат за вас.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.