ГЕНЕРАЦИЈАТА Z НА РАБОТНОТО МЕСТО Предизвици и стратегии за HR професионалците

од 24HR

Сѐ повеќе професионалци за човечки ресурси и работодавци се соочуваат со предизвици при ангажирањето на генерацијата Z на работното место. Како прва генерација која пораснала со интернет, социјални мрежи и дигитални технологии, генерацијата Z носи свежа перспектива, но и поставува специфични предизвици во работните средини во прв ред за HR професионалците.

Пристапот на генерацијата Z кон работата е далеку  поразличен од оној на претходните генерации. Имено, претходните генерации меѓусебно можеле да се споредуваат и разликите не биле значителни во онаа мера во која е тоа случајот кога се споредува генерацијата Z со било која друга генерација. Ваквата значителна различност создава потреба за нови стратегии и прилагодувања во начинот на управување и ангажирање на овие млади професионалци. Разбирањето на нивните вредности, очекувања и начини на комуникација е клучно за успешно интегрирање на генерација Z во вашата работна сила.

Разлики меѓу генерациите

Генерацијата Z во која спаѓаат лицата родени помеѓу 1997 година и 2012 година значително се разликува од на пример: Милениумиците, познати и како генерација Y во која спаѓаат родените помеѓу 1981 година и 1996 година, генерацијата X во која спаѓаат родените помеѓу 1965 година и 1980 година и бејби бумерите во која спаѓаат родените помеѓу 1946 година и 1964 година. Додека Милениумиците се познати по својата флексибилност и ориентираност кон технологијата, припадниците на генерацијата Z се уште пофокусирани на дигиталните платформи и социјалните мрежи. Генерацијата X е позната по својата независност и прагматичност, додека бејби бумерите ја градат својата кариера врз основа на стабилност и лојалност кон работодавецот. Генерацијата Z, пак, бара значење и цел во својата работа и ја цени флексибилноста повеќе од било која друга генерација.

Разбирање на размислувањето на генерацијата Z

Генерацијата Z, познати и како Зумери (Zoomers), често се опишува како нетрпелива, без силна работна етика и несериозна. Овие стереотипи, сепак, не ја откриваат целосната приказна. Како и секоја генерација пред нив, генерација Z е обликувана од своите уникатни културни и економски контексти. Тие виделе како нивните родители губат и создаваат работни места, го доживеале подемот и падот на економијата, се соочиле со кредитни долгови – свои или на своите поблиски и енормните трошоци за живот.

Предизвици на работното место

Различните стилови на комуникација се една од позначајните карактеристики на припадниците на генерацијата Z. Зумерите пораснале комуницирајќи преку текстуални пораки и социјални мрежи, што честопати значително се разликува од традиционалните норми за комуникација на работното место кои се сосема нормални за бејби бумерите и припадниците на генерацијата X. Оваа генерација преферира брза, неформална комуникација пред формални е-пораки или средби лице в лице, што може да доведе до недоразбирања со постарите колеги, па дури и конфликтни ситуации во работните средини.

Очекувања за флексибилност

За разлика од бејби бумерите кои беа навикнати на строго работно време Зумерите високо ја ценат флексибилноста во работните аранжмани. Гледајќи ја можноста за работа на далечина за време на пандемијата КОВИД-19, генерација Z високо ја цени флексибилноста во работните аранжмани. Зумерите често се помалку спремни да се придржуваат до строгите правила за работно време, што може да биде во спротивност со традиционалните очекувања на работното место.

Барање за смисла и цел

Додека претходните генерации можеби биле задоволни со стабилна плата и безбедност, генерацијата Z бара повеќе од својата работа. Вработените од генерацијата Z бараат повеќе од само плата. Тие сакаат нивната работа да има смисла. Тие се водени од вредности и бараат компании кои се усогласени со нивните лични уверувања за социјална правда, одржливост и инклузивност. Ова може да биде предизвик за работодавачите кои можеби треба да ја прилагодат својата корпоративна култура за да ги привлечат и задржат овие млади работници.

Желба за итно признавање и повратна информација

Навикнати на итниот повратен циклус на социјалните мрежи, вработените од генерација Z често очекуваат моментално признавање и повратни информации за својата работа. Традиционалните годишни прегледи на перформансите на вработените можеби нема да ја задоволат нивната потреба за континуиран развој и признавања, а кои беа или се сѐ уште стандард за бејби бумерите и генерацијата X.

Недостаток на социјални вештини

Многу работодавачи пријавуваат дека на работниците од генерација Z често им недостасуваат соодветни социјални вештини како професионална комуникација, емоционална интелигенција и управување со времето. Овој јаз може да ја попречи работната атмосфера и продуктивноста.

СТРАТЕГИИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА ПРЕДИЗВИЦИТЕ

Комуникација

Поттикнувајте отворена и честа комуникација. Создадете култура каде што повратните информации се даваат редовно, и осигурајте се дека тоа е двонасочна улица. Користете различни алатки за комуникација кои се удобни за генерацијата Z, како што се платформите за инстант пораки (Viber, What’s up и сл.), за да воспоставите поефективни интеракции.

Флексибилност

Понудете флексибилни работни аранжмани во мера и обем колку што е можно почесто. Размислете за хибридни модели кои овозможуваат вработените да работат и на далечина и во канцеларија. Флексибилноста може да биде значаен фактор за задоволство од работата и задржување на вработените од генерација Z.

Усогласување на вредности

Промовирајте и демонстрирајте ја посветеноста на вашата компанија на социјалната одговорност, инклузивност и одржливост. Осигурајте се дека вашите организациски вредности не се само декларирани, туку и практикувани. Вклучете ги вработените од генерација Z во иницијативи за корпоративна социјална одговорност и дозволете им да придонесат со свои идеи и напори. Се смета дека припадниците на генерацијата Z се оној дел од работните колективи кои со „раширени раце“ ги прифаќаат токму иницијативите за копоративни маркетинг кампањи, корпоративна социјална одговорност и сл.

Повратни информации и признавање

Префрлете се од годишни прегледи на перформансите на почести проверки. Признајте ги постигнувањата, поздравете ги што поскоро и обезбедувајте конструктивни повратни информации редовно. Воведете менторски програми каде искусни вработени можат да ги водат помладите и да им помогнат да ги развијат своите вештини.

Социјални вештини

Со оглед на тоа што меѓу послабите страни на  генерацијата Z се социјалните вештини,  една од идеите да се надмине овој предизвик е да се инвестира во програми за обука кои се фокусираат на развивање на социјални вештини. Работилниците за професионална комуникација, емоционална интелигенција и управување со времето можат да помогнат да се премости јазот на вештините и да се подобри работната атмосфера.

И покрај предизвиците, интеграцијата на генерација Z во вашата работна сила носи бројни придобивки. Припадниците на оваа генерација се технолошки ориентирани, дури и супериорни во споредба со претходните генерации, адаптабилни и носат свежи перспективи кои можат да ја поттикнат иновацијата. Нивната удобност со дигиталните алатки може да ја зголеми продуктивноста и да ги оптимизира процесите во работните околини. Дополнително, нивната ориентираност кон вредности и смисла може да помогне во обликување на поодговорна и поинклузивна корпоративна култура.

Со разбирање на начинот на размислување на Зумерите и прилагодување на менаџерските стратегии за да се задоволат нивните потреби, работодавачите можат да го искористат потенцијалот на оваа динамична генерација.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...