Градење на успешна работна сила преку ментално здрави генерации

од 24HR

Колумна на Соња Смилевска-Mагистер по Eвропска и Регионална Политика на Вработување,работи како ХР Менаџер во софтверска компанија Екс Гејт (X Gate).

Во изминатите неколку децении, прашањето за менталното здравје во корпортативниот свет не е повеќе табу, туку станува приоритет.Постојат бројни истражувања и примери кои покажуваат дека компаниите кои водат грижа за менталното здравје на своите вработени-мислам подеднакво на вработените и менаџерите, имаат подобри резултати и одржлив раст на организацијата. Затоа денес сè повеќе компании инвестираат во менталното здравје на своите вработени.

Но, работејќи во сферата на човечките ресурси, често размислувам за овие прашања:Зошто да се инвестира во менталното здравје? Зошто сите ние како вработени не смевеќе готов производ? Дали е возможно колективно ментално здравје да стане одржлива константа низ генерации? Зошто доброто ментално здравје не биде универзален стандард, врежан во „кодот“ на секој вработен? Има ли начин?

Неодамна дознав за постоењето на една работилница која ме поттикна јасно да ја видам и продлабочам врската која сметам дека е во суштината на одговорите од наведените прашања.Станува збор за врската помеѓу менталното здравје на поединецот во неговото рано детство и неговото ментално здравје како зрел, возрасен професионалец.

Да објаснам. Во неколку основни училишта, меѓу кои и Општинското Основно училиште„Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје, во тек е реализација на програмата „Родителство за целоживотно здравје“. Програмата ја спроведува Институтот Алтернатива во соработка со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ.Се работи за бесплатни работилници наменети за учениците-адолесценти и нивните родители. Програмата е насочена кон поставување на цврсти темели за ментално здравје во рамките на семејството и развивање вештини за негово одржување и подобрување. Во оваа насока, семејствата учествуваат во активности кои на крајот резултираат со градење на позитивни односи, справување со емоции и чувствителни теми, справување со стресот и воспоставување на правила и рутини, решавање на проблеми и односи со врсници и меѓусебна поддршка и тн.

Како личност со длабок интерес во областа на менталното здравје, бев исклучително воодушевена дека оваа позитивна иницијатива започнува таму каде што е најважно и најпотребно – со децата. Несомнено, сите значајни општествени промени треба да започнат со нив, бидејќи токму тие се градители на иднината и ја претставуваат идната работната сила во едно општество.

Цврсто верувам дека постои длабока врската помеѓу менталното здравје кај децата и нивната способност да станат успешни професионалци. Секако, клучна улога во овој процес има семејната поддршка.Кога родителите активно учествуваат во животот и психолошкиот развој на своите деца,тие ги поставуваат темелите, вкоренуваат вредности како емпатија, почит, одговорност,истрајност и тн., и на тој начин ги „вооружуваат“ децата со потребните вештини за животните предизвици.

Децата кои растат во семејства во кои се поддржани и во кои се зборува отворено заважноста на менталното здравје се развиваат во возрасни со висока емоционална интелигенција. Тие се способни да се справуваат со стресот и промените, креативни се во решавање на предизвици и поседуваат силни комуникациски вештини. Дополнително, ваквите личности се подготвени за тимска соработка, умеат да управуваат со конфликти и имаат капацитет за градење позитивни односи. Сите овие карактеристики се одлика на вработени со добро ментално здравје. Тие се посреќни, поангажирани и мотивирани вработени и придонеусваат кон поздрава работна средина.

Бидејќи овие вредности ќе бидат втемелени од најрана возраст, за новите генерации ќе биде сосема природно таа култура на стабилност, поддршка и инклузивност многу лесно да ја пренесат од семејствотот во своите работни средини.Бидејќи станува збор за универзално позитивни вредности и вештини, тие ќе бидат секогаш од суштинско значење во секоја област, без оглед на тоа која ќе биде идната професија на децата-лекари, лидери, програмери, наставници, политичари итн.

Но, да се вратам на програмата – особено ме радува сознанието дека интересот за учество е значителен, како од страна на родителите, така и од нивните деца. Ова за мене претставува јасен показател дека оваа генерација не е само свесна за важноста на менталното здравје, туку и доволно зрела и подготвена сериозно и посветено да работи на негово унапредување.

Да го искористиме овој прогресивен мајндсет на новата генерација и нека оваа иницијатива послужи како инспирација за сите нас.

Ако компаниите се стремат да демонстрираат вистинска општествена одговорност,инвестирањето во програми за развој на менталното здравје кај децата претставува еден од најзначајните начини да го сторат тоа. По принципот „подобро е да се спречи отколку да се лечи,“ средствата вложени денес во вакви програми ќе помогнат денешните деца да прераснат во идни вработени со стабилно и добро ментално здравје.

Така, компаниите во иднина нема да имаат потреба да вложуваат значителни ресурси во одржување на менталното здравје, туку ќе можат да ги насочат кон иновации, професионален развој и други иницијативи кои ќе го подобрат квалитетот на животот на нивните вработени.

Во меѓувреме, ваквите програми ќе имаат уште едно непроценливо влијание – ќе им овозможат на децата да уживаат во своето детство и адолесценција со позитивен и здрав ментален склоп.

На долг рок, ова ќе резултира со создавање на општество составено од ментално здрава и продуктивна младина и професионалци. Токму таквите генерации ќе бидат столбот на идните работни средини и општествени структури, носејќи позитивни промени за сите.

Веројатно ова звучи само како теоретски возможно и донекаде утописка идеја, но да се потсетиме дека во 1943 година Томас Ватсон, претседателот на IBM, изјави дека на светскиот пазар има простор можеби само за пет компјутери. Историјата ни покажа понаку.

Да, за големи промени и значаен општествен импакт е потребно широко и силно движење. Но, тоа е наша заедничка одговорност – да се стремиме кон создавање на реалност каде што менталното здравје и благосостојбата на децата се поставени како врвен приоритет. Време е да преземеме иницијативи и дејствуваме за да изградиме следна генерација на ментално здрава, успешна и продуктивна работна сила.

0 коментар
3

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...