ИНТЕРВЈУ СО ДАНИЕЛА ТОДОРОВСКА ПЕПИЌ:КАРИЕРА НА ПРЕСЕКОТ МЕЃУ ТРУДОВОТО ПРАВО И ЧОВЕЧКИТЕ РЕСУРСИ

од 24HR

Некои луѓе природно знаат како да ги поврзат различните страни на еден бизнис – законот, луѓето и организацијата. Даниела Тодоровска Пепиќ е токму таков пример. Со правна позадина и HR искуство низ неколку сектори – од телекомуникации до градежништво и индустрија – таа денес работи како Legal and HR Associate во Промет Стил Холдинг, каде секојдневно ја комбинира регулативата со човечкиот пристап.

Таа е и магистрант по деловно право на Јустинијан Први, со фокус на тоа како организациите можат да бидат правно усогласени, но истовремено и средини во кои вработените се чувствуваат вреднувани, слушнати и мотивирани.

Во ова интервју разговараме за правото и луѓето, за новите генерации HR професионалци, и за тоа што навистина значи да се гради работна средина со интегритет и визија.

Твојата моментална позиција ги комбинира човечките ресурси и правото. Како изгледа еден твој просечен ден, и како двете области се надополнуваат?

Иако сум релативно нова на позицијата и во самата компанија, мојот работен ден е исполнет и разновиден, со активности кои опфаќаат и правни и HR обврски. Дел од времето го посветувам на правната поддршка – вклучувајќи преглед и подготовка на договори, следење на законски измени и нивна имплементација, анализа на потенцијални правни ситуации и континуирана комуникација со надворешните правни соработници. Паралелно, активно учествувам во процесите поврзани со управување со човечки ресурси – од секојдневна комуникација со вработените и различните тимови, до подготовка на интерни акти и административна поддршка (на пример, решенија за годишен одмор, пријави и одјави во институциите). Достапна сум за сите прашања што се однесуваат на мојата област и, по потреба, се вклучувам и во процеси на селекција и регрутација.

Работам проактивно, со фокус на прецизност и навремена поддршка, со цел да обезбедам стабилна и ефикасна основа за функционирање на компанијата и нејзините вработени.

Често велиме дека трудовото право е „основата“ на HR. Колку е важно HR професионалците да имаат правна писменост, особено во контекст на македонското законодавство?

Според мое мислење, правната писменост претставува клучна компонента во работата на секој HR професионалец, особено во контекст на нашата држава, каде што трудовото законодавство е сложено и често подложно на измени. Познавањето на правата и обврските не е само форма на професионална одговорност, туку и начин на заштита – како на вработените, така и на работодавачот. Само со темелно разбирање на законските одредби можеме да превенираме злоупотреби и да реагираме соодветно во комплексни ситуации.

Правната писменост овозможува носење на информирани, правично утврдени одлуки, минимизирање на правните ризици и придонесува за создавање на работна средина во која преовладува доверба, транспарентност и правичност. Тоа е темел врз кој се гради стабилна и професионална организациска култура.

Промет Стил Холдинг работи во повеќе индустрии. Како се прилагодува HR пристапот во различни сектори како градежништво, угостителство и тешка индустрија?

Секоја индустрија носи свои специфични предизвици и бара поинаков пристап кон управувањето со човечки ресурси – од типот и структурата на работната сила, до организациската култура и регулативата што ја уредува. На пример, во тешката индустрија фокусот е поставен на безбедноста на работното место и усогласеноста со законските прописи; во угостителството предизвикот е да се одржи високо ниво на флексибилност, ангажираност и ротација на кадар; додека пак во градежништвото од клучна важност се координацијата, почитувањето на временски рокови и прецизна организација на човечкиот и техничкиот капацитет.

Она што го сметам за суштинско е свесноста дека еден пристап не одговара за сите. Затоа практикувам адаптивен HR стил – базиран на активно слушање, разбирање на контекстот и соработка со менаџерите и другите клучни чинители во организацијата. Само преку ваков пристап можам да креирам практични, реални и ефективни решенија кои се усогласени со специфичните потреби на одделите и вработените.

За мене, работата во вакви динамични и предизвикувачки индустрии претставува повик – можност постојано да учам, да се приспособувам на комплексни средини и да развивам решенија дури и во непредвидливи околности. Верувам дека вистинската вредност на еден HR професионалец се мери токму според способноста да се снајде, да биде проактивен и да донесе структура и поддршка таму каде што најмногу недостасуваат.

Активна си на LinkedIn, каде редовно споделуваш содржини поврзани со мотивација, законски теми и развој. Колку е важна јавната професионална репутација за еден млад HR професионалец?

Во денешно време, особено во професиите како човечките ресурси, репутацијата игра клучна улога. Таа не е само резултат на нашето професионално искуство, туку и на тоа како се претставуваме, како комуницираме и што вреднуваме. За мене, LinkedIn не е само платформа за вмрежување – тоа е алатка за учење, размена на знаења и градење смислени професионални релации.

Верувам дека градењето на јавна репутација не треба да се гледа исклучиво како лична придобивка, туку и како начин да се придонесе кон пошироката HR заедница и општеството во целина. Преку споделување искуства, идеи, добри практики и предизвици, можеме да инспирираме, да помогнеме и да учиме едни од други.

Особено за млад HR професионалец, како мене, оваа отвореност носи бројни придобивки – од видливост и кредибилитет, до можности за професионален раст, вмрежување и активно учество во важни теми. Секогаш сум отворена за нови можности, бидејќи токму тоа ме води – желбата за напредок, личен развој и надминување на сопствените граници. Не се чувствувам комфорно во „комфорт зона“, затоа што кога нема предизвик, нема ниту вистински напредок.

Сепак, со целата таа амбиција, верувам дека е исклучително важно да останеме одговорни и автентични во сè што споделуваме. Само така можеме да изградиме репутација што има смисла и вредност – не само за нас, туку и за оние што не следат, соработуваат или учат од нас.

Како гледаш на транзицијата од административна поддршка и асистенција до стратешки HR улоги и што беше клучно за твојот напредок?

Транзицијата од административна поддршка кон стратешки улоги во областа на човечките ресурси ја гледам како логичен, но не секогаш лесен процес. Административната работа е суштински темел – преку неа се гради разбирање за процедурите, се стекнува прецизност во водење документација и се гради комуникација со вработените на различни нивоа. Оваа фаза ми овозможи да ја запознаам организацијата „одвнатре“ и да изградиме доверба со колегите.

Сепак, преминот кон стратешка HR улога бара повеќе – пред сè иницијатива, аналитичко размислување, вештина за согледување на пошироката слика и способност да се разберат и поддржат деловните цели. Тоа значи активно учество во процеси кои имаат долгорочно влијание врз компанијата – од организациски развој, преку развој на таленти, до култура и ангажираност.

Мојата амбиција е токму во таа насока – постепено и свесно да преминам од оперативна функција кон стратешка улога преку континуирано учење, менторство, дополнителна едукација и активно вклучување во проекти што имаат пошироко влијание врз луѓето и бизнисот.

Верувам дека ваквиот пристап не само што го подигнува квалитетот на HR функцијата, туку и обезбедува вистинска додадена вредност за организацијата.

Младите често влегуваат во HR преку позиции како регрутери или административна поддршка. Што би им препорачала за да се развиваат и напредуваат кон хиерархиски повисоки HR функции?

До секој што има амбиција да напредува кон повисока функција – мојата порака е: бидете проактивни. Не чекајте можностите да ви дојдат – побарајте ги. Прифаќајте задачи кои излегуваат надвор од тесниот опис на вашето работно место, затоа што токму тие се најдобрата шанса за учење, раст и докажување.

Учете од поискусните – не само преку формално менторство, туку и преку секојдневна набљудувачка практика. Поставувајте прашања, барајте фидбек и секогаш вклучувајте се во нови иницијативи, дури и кога на прв поглед не изгледаат како ваша зона на комфор или надлежност.

Никогаш не престанувајте да учите – формално преку обуки и едукации, но и неформално, преку книги, подкасти, разговори, искуства. Напредокот не е секогаш линеарен, но мрежата на поддршка, посветеноста на личниот развој и способноста за постојана адаптација се патоказите што водат кон успех.

И најважното – верувајте во себе. Амбицијата без самодоверба е половична. Вистинската сила доаѓа кога ќе почнете да си верувате доволно за да се изложите, да преземете одговорност и да се стремите кон улоги што носат поголемо влијание.

Што според тебе значи „здрава работна средина“ и кои се првите знаци дека една компанија има или нема таква средина?

Здрава работна средина, според мене, се препознава по неколку суштински елементи: отворена и искрена комуникација, чувство на психолошка безбедност, јасно дефинирани очекувања и препознавање и вреднување на вложениот труд. Во такви средини, луѓето се задоволни, мотивирани, имаат енергија и свесно ја разбираат и прифаќаат својата улога во организацијата.

Од друга страна, постојат и многу јасни индикатори за токсична работна средина: висока флуктуација на кадар, избегнување на одговорности, тишина и пасивност на состаноци, како и култура во која преовладува страв, вина и обвинување. Таквите средини не само што ја нарушуваат ефикасноста, туку долгорочно влијаат и врз менталното здравје на вработените.

Имав можност да искусам и двете страни – да бидам дел од компанија со здрави, поддржувачки вредности и јасна визија, но и од организација каде што тие вредности беа отсутни. Тоа искуство ми помогна подобро да ја разберам важноста на културата во една компанија и уште повеќе ме охрабри да се залагам за средина каде што луѓето се чувствуваат ценети и сигурни.

Верувам дека основата за здрава работна средина започнува со самопочит и лична одговорност. Ако не се цениме и не се почитуваме себеси доволно, несвесно оставаме простор и други да не го прават тоа. Културата на една организација се гради со секојдневни мали чекори, а промената започнува од секој од нас.

На што најмногу си горда досега во твојата кариера и што следно би сакала да постигнеш?

Горда сум, пред сè, на себе – на тоа што како млада мајка и борбена личност успеав да се соочам со бројни предизвици, да останам посветена, да завршам академија, наскоро и магистерски студии, и паралелно со тоа, постојано да напредувам во мојата професионална кариера. Тоа не беше лесен пат, но секој чекор ме обликуваше – и како личност, и како професионалец.

Она што ме радува најмногу е чувството дека мојата работа има реално, опипливо влијание – било преку подобрување на процес, било преку насмевка на вработен кој се почувствувал слушнат, разбран или поддржан. Токму таквите моменти ми даваат поттик да продолжам понатаму.

Следниот чекор што го посакувам во мојот развој е да водам HR тим – не само како менаџер, туку и како активен глас за создавање здрави, инклузивни и правично уредени работни средини. Сакам да бидам промотор на култура каде што луѓето се вреднувани и охрабрени да го дадат својот полн потенцијал.

Покрај тоа, сè повеќе ме привлекува коучингот – како алатка за личен и професионален раст. Верувам дека многу луѓе едноставно се „загубиле“ или никогаш не добиле вистинска поддршка. Токму затоа, сакам да вложам време и енергија во тоа – да им помогнам да се препознаат, да го откријат својот потенцијал и да блеснат.

Секој нов вработен, според мене, треба да биде пречекан со структурирано менторство и обука. Од првиот ден треба да почувствува дека е важен дел од тимот. А кога ќе му дадеш поддршка и доверба, времето ќе покаже – таа личност може да се претвори во вистинска ѕвезда.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...