Запознајте ја Василика Калајџиска: експерт во областите на човечките ресурси и менаџмент со луѓе, со долгогодишно искуство во работење со национални и меѓународни компании.
Со својата стручност и страст за работа со луѓе, Василика има воспоставено високи стандарди во регрутацијата, развојот на таленти и креирањето на организациска култура. Нејзината кариера е пример за тоа како професионалците во HR можат да влијаат на успехот на компаниите преку иновативни пристапи и стратегиски визии.
Во ова интервју разговараме за предизвиците и можностите што ги носи современото управување со таленти, како и за нејзиниот личен пристап кон создавање на продуктивни и задоволни тимови. Василика ќе ни открие како технологијата, културата и лидерството играат клучна улога во создавањето на успешни компании.
Вашето професионално искуство опфаќа многу аспекти на човечките ресурси. Што ве инспирира најмногу во оваа професија?
Во оваа професија, најмногу ме инспирира можноста да влијаам врз создавање на успешни тимови и да помагам во растот на поединците. Уживам во процесот на откривање на таленти и нивната интеграција во компании, како и во создавањето на позитивни работни средини кои ги мотивираат вработените да достигнуваат максимален потенцијал. Секогаш ме исполнува кога гледам како луѓето растат во своите кариери и се развиваат како професионалци.
Со оглед на промените на пазарот на труд, кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во регрутацијата и развојот на таленти?
Пазарот на труд постојано се менува, а глобализацијата и дигитализацијата постојано носат нови предизвици, како што се потребата совладување на нови вештини и способноста за справување со промени. Тешко е да се најдат кандидати кои ќе ги исполнат специфичните барања на компаниите, особено во ИТ светот, каде постои огромен раст на побарувачката. Овој предизвик ми дава дополнителна мотивација да се ориентирам на иновативни пристапи во регрутирањето и да работам со нови методи за привлекување таленти.
Како гледате на улогата на технологијата во управувањето со човечките ресурси и како ги користите дигиталните алатки за подобрување на процесите?
Технологијата е клучна во оптимизацијата на HR процесите, како и процесите при фазата на регрутирање. За регрутирање, користам алатки за автоматизација, платформи за процена на кандидати и системи за управување со работни позиции кои го прават процесот побрз и поефикасен. Кога истражувам користам дата бази и различни избори на податоци, со цел доаѓање до релевантни заклучоци на одредени теми. Јас лично уживам во користењето на новите технологији, бидејќи тие ми овозможуваат да работам поефикасно и да се придржувам до поставената стратегија и цели.
Организациската култура често се наведува како еден од клучните фактори за задоволство на вработените. Како ја градите и одржувате позитивната култура преку вашата работа?
Како HR професионалец, создавањето на позитивна култура започнува со јасна комуникација и ориентација на вредности кои ја поддржуваат визијата на компанијата. Сметам дека се потребни иницијативи кои го нагласуваат тимскиот дух, инклузивноста и континуираното учење, но и постојана двострана комуникација, бидејќи културата во една организација е жив и активен елемент кој постојано треба да се развива. За мене, создавањето на култура е не само професионален, туку и личен процес на градење доверба и вредности во тимот.
Кои се клучните карактеристики што ги барате кај кандидатите кога регрутирате за клучни позиции?
При регрутирање за стратешки позиции потребно е да се постават јасни цели во врска со профилот на вработен кој се бара и да се нагласат способности кои се клучни за конкретното работно место. Првенствено кандидатите мора да ги поседуваат и демонстрираат соодветните технички вештини, но тука играат важна улога и нивото на емоционална интелигенција, способност за работа во тим и адаптибилноста на кандидатите.Лично, верувам дека самодовербата и способноста да се работи со различни луѓе се едни од најголемите квалитети што може да ги поседува еден кандидат.
Кога регрутирате кандидати, што ви е поважно: силните технички вештини или способноста за брза адаптација и учење и зошто?
Секако постојат разлики во процесот и во барањата при регрутација за технички или пак за оперативни позиции, но од општа гледна точка за мене, најважна е способноста за брза адаптација и учење. Силните технички вештини можат да се научат, но ако кандидатот има способност да се прилагоди на нови ситуации и да се развива, веднаш се забележува долгoрoчен потенцијал. Во динамичното работно опкружување, оваа способност е пресудна. Лично, верувам дека ова е она што создава успешни професионалци, кои можат да се справат со секојдневните и технолошките промени.
Како HR професионалец со искуство во различни индустрии, кои универзални совети би ги споделиле со компаниите за да го подобрат задоволството и продуктивноста на своите вработени?
Најважно е да се обезбеди добро дефинирана комуникација и јасни очекувања. Мотивацијата на вработените расте кога се чувствуваат вреднувани и имаат можност за личен и професионален раст. Компаниите треба да инвестираат во континуирано образование и унапредување на вештините на своите вработени. Сметам дека континуитет во инвестирањето за развојот на вработените е неизбежен во екот на постојани технолошки промени и издигнувања.
Што мислите дека е иднината на човечките ресурси во следните 5 години, и кои промени лично најмногу би сакале да ги видите?
Во следните 5 години, човечките ресурси ќе се трансформираат преку се поголемата употреба на вештачка интелигенција и автоматизација за подобрување на процесите за регрутирање, управување со таленти и анализа на податоци. Исто така, очекувам поголем фокус на создавање персонализирани програми за професионален развој и зголемување на емоционалната интелигенција кај лидерите. Лично, би сакала да видам поголема транспарентност во одлуките базирани на податоци и подобрување на пристапот при справување со технолошките и економските промени. Ова се области каде што се гледам себеси како дел од иднината, со активен придонес во примената на овие иновации.
Кој совет би им го дале на младите професионалци кои штотуку ја започнуваат својата кариера во областа на човечките ресурси?
Младите професионалци би ги советувала да се фокусираат на развој на нивните комуникациски вештини, да бидат отворени за учење и да ја изградат својата мрежа на професионални контакти. HR е поле кое постојано се менува, па важно е да се остане во тек со новите трендови и иновации во индустријата. За мене, секој нов чекор во оваа професија е можност за личен и професионален раст, и тоа го прави ова поле толку возбудливо.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.