Иселување на висококвалификуваниот кадар – како може HR заедницата да помогне?

од 24HR

Билјана Митева-менаџер за човечки ресурси во Меѓународно училиште Нова Скопје

Колку често слушаме дека е тешко да се задоволат потребите на вработените? Се чини дека колку и да се трудиме да ги подобриме условите за работа луѓето се се помалку задоволни. Стапката на благосостојба (wellbeing) на вработените на светско ниво се повеќе опаѓа, а се повеќе луѓе пријавуваат дека е зголемена стапката на преживеани дневни негативни емоции.

Изгледа дека ангажираноста на вработените на работното место е се помала. Оваа констатација се покажа како точна и според последното истражување на Gallup презентирана во најновото истражување State of the Global Workplace 2024 Report каде повторно се повторуваат ниските проценти на ангажираност на вработените на светско ниво. Од вкупниот број на вработени само 23% се ангажирани (engaged) на работното место. Останатите се декларирале како не ангажирани (not engaged) 62% од вкупната работна сила и 15% се изјасниле дека се активно неангажирани (actively disengaged). Процентите се повторуваат од минатата 2023 година и ја чинат светската економија околу 9% од светскиот БДП. И оваа година Европа е на последното 10-то место по процентот на ангажираност, со само 13% од ангажирани вработени. Македонија се наоѓа на 4-то место во Европа, што е пониско за 2 места од претходната 2023 година, кога се наоѓаше на второто место.

И пред да започнеме да се радуваме на овој успех, треба да ја видиме и другата страна на паричката.

Македонците според индексот на среќа презентирани во World Happiness Report 2024, подготвен од Gallup се наоѓаат на 84-то место на светско ниво.

Нова поразувачка статистика е дека Македонија се наоѓа во групата на топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство (Меѓународна организација за миграција за 2020 година), а сме петта држава во Европа според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy. Исто така, Светската банка проценува дека речиси 40% од високообразованиот кадар ја има напуштено државата. Овој одлив на мозоци ја чинат македонската економија вкупна загуба од 8,34% од БДП, според извештајот на Државниот завод за ревизија, а бројот на високообразовани кадри кои ја напуштиле државата се проценува на околу 2.500 лица годишно во периодот од 2013-2021 година.

Се повеќе размислувам дека не можеме да очекуваме да имаме повеќе ангажирани и среќни вработени на работното место, ако притоа не обрнеме внимание на задоволување на нивните основни потреби.

Тука ми се надоврзува и теоремата на Абрахам Маслов, врз основа на која е создадена Пирамидата на човековите потреби. Тој човековите потреби ги категоризира во 5 категории:

-физиолошки потреби кои што се најосновните потреби за човековото преживување, како што се воздух, храна, вода, облека, топлина, сон, дом и слично. 

-потреба за сигурност како што е отсуство од војна, природни катастрофи (безбедно окружување), безбедност на работното место, сигурна работа, финансиска сигурност, отсуство од домашно насилство, емоционална сигурност и друго.

-социјални потреби потреба од семејство, друштво, пријатели, припадност кон нешто/некоја група, интимност, доверба, прифаќање.

-потреба за почит ги опфаќа самодовербата, постигнувањата, почитта од другите и кон другите, и потребата да се биде уникатна индивидуа.

-самореализација е највисоката форма на потреби претставени на Масловата пирамида и го опфаќа развојот на целокупниот потенцијал на индивидуата, насоченост кон личен раст и доживување на уникатни искуства.

Со други зборови кажано, основните потреби на луѓето, како што се физиолошките потреби, потребата за сигурност и социјалните потреби, мора да бидат задоволени за да бидат мотивирани да ги постигнат повисоките цели како што е самореализацијата.

Масловата пирамида на потребите на луѓето ни дава можен одговор на прашањето за иселувањето на македонскиот висококвалификуван кадар од нашата земја. На кое ниво на Масловата пирамида се наоѓаме ние?

Погрешните политики кои што се спроведуваа во минатото како што се непотизмот, корупцијата, отсуството од инвестиции во креирање на подобри услови за вработените, непокажувањето на почит и благодарност кон вработените, сега го наплаќаат својот данок.

Што можеме ние како HR професионалци да направиме во овој случај и како ние како адвокати на нашите вработени можеме да влијаеме за да ги промениме овие услови?

Да бидеме гласни и едуцирани! Добрата страна во моментов е што континуирано расне свесноста за значењето на човечкиот капитал и вредноста која што ја додава на организациите. Следењето на светските трендови во HR светот и насоченоста кон нивна примена и имплементација во нашите работни организации може значително да ги промени работните услови и да влијае на зголемување на стапките на задоволство помеѓу вработените. Познавањето на анализата на податоците и начините на нивна презентација може да доведе до носење на информирани и аргументирани одлуки кои што ќе имаат за крајна цел подобрување на работната атмосфера и задржување на квалитетниот кадар во организациите. Инсистирање за дигитализација на HR процесите како би можеле да се фокусираме на развојот на нашите вработени. Предлозите се бројни, а времето за реализација е кратко.

На нас останува да одлучиме дали ќе бидеме само неми следачи на егзодусот што ни се случува во моментов или ќе станеме активни двигатели на промените.

За авторот:

Билјана Митева-менаџер за човечки ресурси во Меѓународно училиште Нова Скопје,
магистрант по MBA in Strategic Human Resources Management на Економскиот факултет Скопје/Kelley Business School Indiana University магистер по економски науки,NLP practitioner

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...