Колумна на Ивана Јорданова – Сениор Талент Партнер во Slice.
Низ ходниците на ЧР одделите, маркетинг и менаџментот се почесто одекнува новиот тренд “искуството на кандидатот со компанијата” попознато како “the candidate experience” кој мислам, на нашите простори не добива доволно внимание. Станува збор за насочување на вниманието на кандидатот и неговото искуство низ процесот на интервјуа во една компанија. Позитивното искуство би резултирало со стабилен и ефикасен раст додека негативниот го оштетува брендот и можноста за раст. Без оглед на исходот, вработување или не, треба да се стремиме секој кандидат да излезе со насмевка низ вратата на компанијата.
“Искуството на кандидатот” како нов тренд доаѓа од потребата да се создаде врска или однос со кандидатот основана на доверба и отворена комуникација. Талент партнерите во Slice, меѓу другото, се насочени кон подобрување на искуството како важен дел од стратегијата за раст.”
Како регрутери понекогаш ги занемаруваме времето и енергијата кои кандидатите ги вложуваат за да го средат резимето, да се подготват и да учествуваат во процесот на интервјуа. Преплавени сме од апликации кои честопати не се она што бараме а и многумина од нас работат без алатки како АТС. Сепак без оглед на предизвиците не смееме да заборавиме дека зад секоја апликација не стои апликант туку личност. И тие личности аплицирале со цел да добијат одговор. Може да биде едноставна автоматска порака, мејл или пак индивидуален пристап како телефонски повик дека апликацијата е примена (и дека ќе биде разгледана).
Прагматично гледано, пораката треба да ги содржи основните информации како временска рамка, наредни чекори па дури и директни контакт детали. Секако, денес се повеќе се стремиме и ова искуство да биде помалку роботско. Ваквите пораки обично се користат пред кандидатот да го започне процесот на интервјуа бидејќи во наредните фази од клучно значење е директната и непосредна комуникација.
Отворената комуникацијата и разбирањето е клучен елемент во создавање позитивно искуство. Тоа подразбира давање редовните фидбеци после секое интервју, поставување јасни очекувања од двете страни, кандидатот и компанијата и почитување на процесот. Дури и кога процесот треба да се адаптира да не биде само по потребата на компанијата. Кандидатот би требало да го има чувството дека е во самиот центар на случувањата, бидејќи така и е.
Уште една специфична карактеристика за мене и за Slice е начинот на водење интервјуа. Најчесто е на кафе во неформална опуштена атмосфера. Ретко го користам зборот интервју бидејќи потсвесно им прави блокади и стрес на кандидатите. Јас разговарам со нив, одговарам на прашања, се обидувам да создадам однос и доверба, бидејќи треба да ми веруваат дека заедно можеме да ја подобриме нивната кариера. Дури и кога двајцата знаеме дека не би продолжиле понатаму, сме добиле уште еден познаник кој во нашиот мал пазар на труд игра важна улога. Јас дури и ретко запишувам информации за време на интервјуто, се трудам да сум целосно присутна и посветена на разговорот. Исто така, нема да ме видите со лаптоп пред мене, освен ако не е онлајн интервјуто. Ги имам тргнато сите пречки помеѓу мене и кандидатот, сакам да го имаат чувството дека го имаат моето непрекинато внимание.
Секако, на крајот на процесот без разлика од исходот, ние во Slice користиме анкета за мерење на искуството на кандидатите од која преку метрики и анализи носиме заклучоци за идни подобрувања. Ниеден процес не е совршен ниту регутерите и интервјуерите се, но ако сме отворени за промени и не го изоставаме искуството на кандидатот несомено ќе постигнеме успех!
За авторот:
Ивана Јорданова е Сениор Талент Партнер во Slice со долгогодишно искуство во ИТ регрутација во интернационални компании како Endava и H4.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.