Како да се справиме со стресот на работното место:Практични стратегии за управување со стресот

од 24HR

Колумна на Јагода Србиновска-Министерството за здравство на Нов Зеланд – Подрачно одделение во Кантербури како HR Specialist и истражувач од областа на родовата еднаквост. 

Стресот на работното место се случува во секоја организација, без разлика за каков вид на работна средина станува збор. Како што не е возможно да се избегне стресот во секојдневниот живот надвор од организациите, исто така невозможно е да се избегне и во организациите каде што индивидуата е вработена. Професионалниот стрес е всушност, стрес кој вработените го доживуваат на своето работно место како резултат на неусогласеност на карактеристиките на работата со можностите, способностите и потребите на вработените, поради што настануваат низа на штетни последици по физичкото и психичкото здравје на вработените. [1]

Професионалниот стрес не е проблем само на вработениот каде тој самиот треба да се соочи. Тој е проблем и на организацијата која ги чувствува негативните ефекти од стресот предизвикан на работното место. За вработениот негативни ефекти од професионалниот стрес се: зголемени проблеми со физичкото здравје, психолошка болка, промени во однесувањето. За организацијата негативните ефекти доведуваат до намалена продуктивност, зголемен број на отсуства од работа, боледувања, намалена професионалност. Имајќи го предвид фактот дека ова треба да се третира како заеднички проблем, владите во повеќе држави преземаат сериозни мерки за заштита на менталното здравје на вработените низ организирање превентивни служби за заштита при работа и специјализирани перманентни активности за намалување на стресот предизвикан од работа.

Карактеристична состојба предизвикана од продолженото влијание на стресни фактори на кои е изложен работникот извршувајќи ги своите секојдневни работни задачи, се појавите на професионален стрес и професионално согорување. Како поими, најпрвин станаа актуелни во областа на секторите за човечки ресурси во индустријата, а особено во услужните сервиси и кај помагателните професии (социјални работници, психолози, медицински сестри, педагози итн.)

Справување со стресот на работа

Надминувањето на стресот е процес на соочување и справување со барањата од надворешната или внатрешната средина кои индивидуата ги проценила како опасни, напорни или оптоварувачки за своите потенцијали. Присутноста на стресот на работното место ја нарушува рамнотежата како на вработениот при извршување на неговите работни задачи, така и на работната организација во постигнувањето на очекуваните резултати. Оттука, неопходно е да се наметне потребата од успешно справување со стресот на работа каде активно ќе се вклучат и поединецот односно вработениот и надредените, како и менаџерите за човечки ресурси заради поцелисходно остварување на целта за успешна работна средина и успешна компанија или институција. Секако дека спречувањето на стресот на работното место е најуспешно кога се користи комбинација и на организациска примена и на индивидуално управување со стресот, каде и двете страни ќе се вклучат – и работникот и работодавачот да даваат напори за негово сузбивање.

Стресот на работното место ефективно може да биде спречен и контролиран преку употреба на системски пристап во негово менаџирање и управување. Лазарус наведува дека соочувањето со стресот е континуиран процес кој е мисловен и активен напор, но се користи во совладувањето на специфични состојби со кои личноста се сретнува. [2] Оттука, може да извлечеме две општи групи во рамките на стратегии за управување со стресот:

  • Стратегии насочени кон решавање на проблемот, односно активни обиди да се оттргнат или намалат последиците од стресот, и
  •  Стратегии фокусирани на емоции, односно регулирање на емоционалните последици од стресот.

Едните се карактеризираат со директни активности за отстранување или намалување на стресорот, а другите имаат за цел да ги намалат психолошките ефекти на стресорот врз работникот. На основа на повеќе истражувања, во обемната литература за оваа тематика, повеќето научници ги користат стратегиите од двете групи во зависност од стресната ситуација а особено од карактеристиките на личноста на која тие стресори делуваат. [3]

Од друга страна, постојат три главни пристапи кои можат да ги искористат индивидуите за менаџирање на стресот:[4]

  1. Акциски ориентиран – во кој ние се соочуваме со проблемот и веднаш преземаме акција да го решаваме;
  2. Емоционално ориентиран – во овој случај ние немаме моќ да ја промениме ситуацијата, но можеме да го контролираме стресот со тоа што ќе ја прифатиме ситуацијата, но на неа ќе гледаме од друг аспект, ќе наоѓаме решенија да се отфлат негативните дејствија, а ќе настојуваме да се прифатат позитивните дејствија;
  3. Прифаќачки ориентиран – во случаи кога ние немаме ниту моќ, ниту емотивна контрола, туку само се трудиме да го преживееме моментот и да ја прифатиме состојбата таква каква што е.

Следниот дијаграм ги сумира последиците од професионалниот стрес:

Извор:  Последици од професионален стрес (Стоилковска А; Серафимовиќ Г: Психологија за менаџери. Стрес и менаџмент на стресот, Универзитет за туризам и менаџмент, Скопје)

Откако увидовме дека од голема важност е да ја сфатиме суштината на стресот кој го доживуваме, да ги откриеме неговите извори, да ги препознаеме навремено симптомите кои ни ги покажува нашето тело, да ја процениме сопствената можност и сила за соочување со истиот, нашата спремност и можност за преземање на нешто во врска со стресот кој го доживуваме, во смисла на соочување со истиот, доаѓаме до преземање правилни мерки за надминување на негативните последици, како и пронаоѓање на нови начини за унапредување на стратегиите во борбата против стресот.

Практики кои може да помогнат да се изгради грижа и чувство за себе во дневната рутина би можеле да издвоиме неколку:[5]

  • Кога работите ќе бидат тешки, направете пауза за себе, дури и ако тоа трае само 60 секунди ;
  •  Модификувајте ја вашата перцепција за неуспехот како можност да научите нешто од неа, да се развивате и да се подобрите ;
  • Ограничете го времето што го поминувате на социјалните медиуми и селектирајте ги информациите кои ги восприемате од медиумите. Слободното време искористете го за себе, за работите кои ви носат задоволство и со кои се чувствувате комфорно ;
  •  Дајте и приоритет на вашата здравствена состојба и разговарајте со некого кога ќе почувствувате презаситеност ;
  • Самоевалуирајте ги постапките кон себе и оние кон клиентите ;
  •  Направете кратки прошетки на воздух за време на пауза во текот на работниот ден во рамки на објектот на установата / кратки паузи за релаксација, за основна телесна нега и освежување ;
  • Комуницирајте со колегите, семејството и со пријателите;
  •  Работете во мали тимови со редовни консултации и меѓусебен надзор;
  • Редовно барајте точни информации, поддршка, менторство подучување/ консултација за донесување одлуки ;
  • Прифатете ги ситуациите кои не може да ги промените;
  • Доколку имате нарушен сон пробајте да си помогнете со тоа што ќе одите на спиење во исто време секоја вечер. Ако тоа е невозможно и работите ноќни смени, развијте редовна рутина пред спиење што ги смирува вашиот ум и тело. Може да вклучува топла бања, чај од билки за спиење (камилица, мајчина душица, липа) или апликација за релаксација (thefabulous app., calm-mediate, sleep, relax app), заедно со сè друго што ве опушта.
  • Избегнувајте:

-континуирана повеќечасовна работа без комуникација со колегите;

-чувство дека не правите доволно;

-прекумерно внесување на рафинирани производи (слатки, кофеин и енергетски пијалоци) и алкохолни пијалоци;

-чувство дека помагањето на другите е поважно од грижата за себе;

-Градење на резилиентност (еластичност, отпорност), и редуцирање на стресот, со помош на свесност (mindfulness) или физички, кондициски вежби. Дури и малите, поединечни интервенции од 5 минути се доволни.

Постојат бројни мерки кои се користат за надминување и спречување на стресот на работа кои компаниите е пожелно да ги користат, но би ги издвоиле следните:[6]

  • Промовирање на одмор и паузи;
  • Користење на техники за дишење и медитација во и надвор од работното време;
  • Осигурување дека обемот на работа е во согласност со способностите и ресурсите на работниците;
  • Обезбедување на стимул и можности работниците да ги користат своите вештини;
  • Зајакнување на моралот на работното место преку создавање можности за социјални интеракции;
  • Јасна поставеност на улогите и одговорностите;
  • Охрабрување за учество во донесувањето на одлуки што влијае на улогите на поединците;
  • Охрабрување за отворена комуникација;
  • Воспоставување на политики за толеранција и недискриминација;
  • Ангажирање на надворешен консултант за предлагање на нов пристап кон постојните проблеми;
  • Креирање политики за поттикнување на рамнотежата помеѓу семeјниот живот и работата (Work – Life Balance);
  • Обезбедување на обуки за управување со стресот на работното место.

Личноста која умее да ги контролира своите мисли, и успешно ги совладува негативните мисли да не доминираат во нејзиниот живот, таа индивидиа е попрудиктивна и поефикасна не само во работата, туку и во личниот живот. Општо познато е дека негативното мислење ја намалува самодовербата, а позитивното мислење претставува оптимизам и верба во конбструктивните процеси во животот и помага во постигнување на целите, исполнување на потенцијалите и актуелизација на личноста, дури и тогаш кога човек ќе се најде во ситуации кои се над неговите можности во тој момент. Затоа, од суштинска важност е да се согледаат потенцијалните стресори поврзани со работниот процес и да им се обезбеди поддршка за нивно минимализирање. Проценката на состојбата на менталното здравје и благосостојба е од исклучителна важност, не помалку важна од физичкото здравје, и затоа стратегиите за грижата за себе и институционалните стратегии за намалување на стресот се подеднакво важни.


[1] Станојевић, Д., & Милошевић, Б., (2011). Професионални стрес. Зборник радова Филозофског факултета XLI / 2011, стр.621-636

[2] Lazarus, A. A. (1993). “From Psychological Stress to the Emotions: A History of Changing Outlooks.” Annual Review of Psychology, 44, 1-21

[3] Lazarus, R. S., & Folkman, S. (1984). Stress, Appraisal, and Coping. Springer Publishing Company.

[4] Ramachandran, V. S. (Ed.). (2012). Encyclopedia of Human Behavior. London ; Burlington, MA: Elsevier/Academic Press.

[5] Positive Psychology. (n.d.). Workplace stress management: 10 practical strategies. Positive Psychology. https://positivepsychology.com/workplace-stress-management/ 

[6] Преземено од: https://positivepsychology.com/stress-management-techniques-tips-burn-out/

За авторот:

Колумна на Јагода Србиновска-Министерството за здравство на Нов Зеланд – Подрачно одделение во Кантербури како HR Specialist и истражувач од областа на родовата еднаквост. 

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...