Колумна на Ангела Петрушевска – Специјалист за регрутација во ITtude
Aнгажираност на вработените во својата суштина го надминува описот на работните места и секојдневните задачи. Тука се вклучени и емоционалната посветеност, страст и усогласеност што поединците ja чувствуваат кон нивната работа и компанијата. Тие активно се залагаат за успехот на нивните тимови и севкупната мисија која ја има компанијата.
Често ангажираноста на вработените знае погрешно да биде поврзана со нови бенефиции, канцелариски поволности , пинг- понг маси или предност во однос на другите вработени во компанијата. Иако ова може да влијае, важно е да се сфати дека секој вработен треба да биде различно третиран односно дека вработените може да се разликуваат во однос на тоа што придонесува за секој од нив да биде ангажиран на работното место.
Неколку стратегии кои можат да придонесат за зголемување на ангажираноста на вработените:
• Креирајте кариерен пат на вработените и нудете можности за нивниот раст
Поттикнувањето на ангажираноста на вработените вклучува нудење можности за развој на нивните вештини. Иницијативите фокусирани на учење и развој пренесуваат порака дека ги цените вработените и се грижите за нив.
Со обезбедување на јасен кариерен пат на вработените, не само што ќе ги одржувате мотивирани туку и ја пренесувате посветеноста за нивниот личен и професионален раст.
• Препознајте ги топ перформерите
Препознавањето на нивните достигнувања без разлика дали ќе биде преку слободен ден, парични награди, картички за подароци или други значајни гестови, покажува благодарност и ценетост.
Обезбедувањето платформа за препознавање од колеги исто така дополнително ја поттикнува ангажираност на работно место.
• Редовен и искрен фидбек
Негувајте транспарентна и отворена култура со тоа што ќе дозволите и побарате искрен фидбек од вработените. Создавање работна околина каде членовите на тимот се чувствуваат удобно да ги споделат своите мислења, ја подобрува комуникацијата, ги зацврстува односите и поттикнува доверба со што влијае на подобрување на работната средина во организацијата.
• Придржувајте се до основните вредности на компанијата
Силен организациски идентитет може да имаме само со придржување до компаниските вредности кои треба да бидат срцето на културата на компанијата и јасно да им бидат објаснети на вработените уште од нивниот прв работен ден.
Вработените треба да воспостават чувство на припадност кон организацијата за да станат вистински ангажирани, а тоа се постигнува ако ги знаат вредности што треба да ги следат. Сите одлуки, постапки и однесувањата треба да се усогласени со овие водечки принципи. Ова не само што ќе ја зајакне кохезивната компаниска култура, туку и го зајакнува целокупниот компаниски интегритет.
• Одговорност на вработените и раководството
Промовирајте одговорност во тимот со тоа што јасно ќе ги дефинирате очекувањата, обезбедете им ги потребните ресурси и сметајте ги вработените одговорни за нивните обврски за да постигнете зголемена ангажираност. Тие ќе бидат спремни да направат и повеќе од доделените задачи, но не треба да се очекува и дозволи да работат на натпросечно ниво за да се спречи исцрпеност на вработените. Негувањето на култура на одговорност обезбедува мотивирана работна сила со високи перформанси, што придонесува за севкупниот организациски успех.
Исто така, потребно е раководството да води со пример за да не се почувствува дека во организацијата правилата важат само за одредени и дека се имплементираат кога е најпогодно за нив. Доколку ова изоставува, влијае на довербата на вработените и создава негативна работна средина со намалена ангажираност.
Зголемената ангажираноста на вработените е поврзана со создавање работно место каде што поединците не се поврзани само со нивните улоги, туку длабоко се залагаат во заедничката визија. Со фокусирање на препознавање на топ перформери, креирање кариерен пат и имање можности за раст на вработените, обезбедување редовен фидбек и промовирање одговорност на вработените и раководството организациите можат да негуваат работна средина што ќе придонесе кон одржлив успех. Инвестирањето во овие стратегии не само што го зајакнува ангажирањето, туку придонесува и за попозитивна работна средина во компанијата.
За авторот:
Ангела Петрушевска – Специјалист за регрутација во ITtude. Водена од мотивот за поврзување на поединци со вистинските можности каде што може да напредуваат и да имаат професионално исполнување.
Дипломиран психолог при Филозофскиот факултет во Скопје, насочена кон важноста на личниот и професионален раст и развој.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.