Како влијае ХРОНИЧНИОТ СТРЕС врз МЕТАБОЛИЗМОТ?

од 24HR

Често зборуваме за негативните ефекти од т.н хроничен, долгорочен стрес. Денес, ќе зборуваме за неговиот ефект врз метаболизмот, а со самото тоа и на целокупното метаболичко здравје.

Што претставува стресот и кои се неговите најчести симптоми?

Стресот се смета за нормална човечка реакција кон штетни и потенцијално опасни ситуации – без разлика дали се тие реални и навистина опасни или нашата перцепција за нив е едноставно таква. Изложувањето на ваква ситуација предизвикува бројни хемиски реакции во телото кои го подготвуваат истото да се бори или да ја избегне опасноста. Ваквата реакција е позната како „fight or flight“ или „бори се или побегни“. Тоа е автоматска човечка реацкија и била клучна за нашите предци и за нивниот опстанок.

Таа го зголемува пулсот, го забрзува дишењето, ги затега мускулите и го зголемува крвниот притисок. Телото на овој начин е подготвено да делува, односно да се одбрани.

Стресот и денешницата

Нашите предци честопати имале загрозувачки, опасни ситуации каде ваквата природна реакција ги заштитувала и им помагала да преживеат. Проблемот е што денес, ситуациите најчесто не се животно загрижувачки, односно изворот на стрес е често од безопасни извори. Сепак, перцепцијата за стресни ситуации е различна и индивидуална за секого. Нешто што е стресно за еден човек, може воопшто да не е за некој друг. Некои луѓе едноставно подобро се справуваат и функционираат со стресот.

Понекогаш стресот во умерени дози може да делува и позитивно. Тој може да ни помогне да завршиме некоја важна задача со зголемена концентрација, фокусираност и прецизност. Но, долгорочниот – хроничен стрес има сосем поинакви ефекти врз телото

Какви се ефектите на стресот врз метаболизмот?

Хроничниот стрес значително влијае на метаболизмот со менување на хормоналната рамнотежа на телото, особено преку постојаното активирање на оската хипоталамо-хипофиза-надбубрежна жлезда (ХПА). Ваквото континуирано активирање на овој систем доведува до покачени нивоа на кортизол, хормон кој игра клучна улога во одговорот на телото кон стрес. Додека кортизолот е од суштинско значење за различни метаболички функции, меѓу кои е и регулирање на нивото на глукозата и производството на енергија, хроничното покачување може да биде штетно за здравјето. 

Високото ниво на кортизол ја зголемува глуконеогенезата во црниот дроб, што доведува до повисоки нивоа на шеќер во крвта, кои со текот на времето можат да придонесат за инсулинска резистенција и развој на метаболен синдром. Дополнително, хроничниот стрес промовира акумулација на маснотии, особено висцерални масти, ткиво кое е метаболички активно и се асоцира со зголемен ризик од кардиоваскуларни болести и дијабет тип 2. Кај многумина, покачениот холестерол се карактеризира со повисока акумулација на масти во пределот на стомакот.

Покрај тоа, стресот може да го наруши и режимот на спиење, што дополнително ја нарушува метаболичката функција со тоа што влијае на хормоните што го регулираат апетитот, како лептинот и грелинот. Ваквото нарушување доведува до зголемен глад и потенцијално зголемување на телесната тежина. Недостатокот од сон е добро познато дека нè прави повеќе склони кон нездрава, калорична храна

Комбинираниот ефект на овие фактори може да резултира со побавен метаболизам, намалена потрошувачка на енергија и поголема склоност кон зголемување на телесната тежина и метаболички нарушувања. Долгорочниот, нагласен стрес може да доведе и до инсулинска резистенција, дијабет, метаболен синдром, кардиоваскуларни проблеми итн.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...