Колумна на Елена Огненовска-Менаџер на човечки ресурси во ⋮IWConnect
Една приказна, раскажува за човек кој секоја вечер минувал покрај двор каде што живеело многу агресивно куче. Секоја ноќ кучето го бркало и лаело со голема агресивност и ова траело со месеци. Човекот, се повеќе и повеќе се плашел од кучето и секој пат бегал сè побрзо, плашејќи се дека ќе биде каснат.
Една вечер човекот решил дека не може повеќе да бега и се свртел за да се соочи со кучето. Кога кучето му се приближило, лаејќи и беснејќи, тој се подготвил за најлошото – но, на негово изненадување, открил дека кучето нема заби. Тој цело време бегал во страв од куче кое не ни можело да го касне. –Les Giblin, “How to Have Confidence and Power in Dealing with People”.
Оваа приказна ме натера да се запрашам: колку често стравот нè тера да се сомневаме во себе си, замислувајќи последици толку парализирачки што нè спречуваат да делуваме или да напредуваме?
Ако направиме паралела со приказната, човекот претставува некој што верува дека грешките се недозволиви, додека лаењето на кучето го симболизира стравот од неуспех и критика. Како што човекот секоја вечер бега од кучето , така и ние често избегнуваме предизвици или ризици поради стравот од грешка. Но, кога човекот конечно се соочил со кучето, сфатил дека тоа е безопасно. Истото важи и за грешките – кога ќе се соочиме со стравот од нив, често откриваме дека тие не се толку катастрофални како што си ги замислуваме.
Многу од нашите стравови се засновани на претпоставки или минати искуства кои не мора да важат во сегашноста. Соочувањето со тие стравови може да ни го промени начинот на размислување, помагајќи ни да ги надминеме само-наметнатите ограничувања и да добиеме појасна и пореална слика за животот.
Ова ме потсетува на едно прашање што ми го постави еден мој ментор во време кога бев полна со сомнежи и постојано се двоумев, плашејќи се дека моите одлуки или постапки можат да доведат до негативни резултати. Прашањето беше следно:
“Кога одлучи дека не смееш да правиш грешки?”
Тоа е толку моќно прашање! Кога ќе застанеме и размислиме, сфаќаме дека избегнувањето на грешки, двоумењето или недејствувањето се всушност одлука – исто како и сè друго во животот. Сите наши акции и реакции, работите што одлучуваме да ги направиме или да не ги направиме, на крај се наши одлуки.
Па, според ова, ако избегнувањето грешки е одлука, тогаш зошто да не донесеме друга? Да одлучиме дека можеме да правиме грешки. Да одлучиме дека грешките се можности – можности за учење, раст и подобрување. Со донесување на оваа одлука, се ослободуваме од непотребниот страв и се охрабруваме да делуваме, да експериментираме и да напредуваме.
Затоа, следниот пат кога ќе се соочите со страв или ќе се двоумите да преземете акција, сетете се на кучето што лае.
Јас секогаш го правам тоа.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.