За многумина од нас секојдневните обврски може да бидат заморувачки и поради тоа, на секој од нас му е потребно малку одмор. Но, зошто понекогаш и покрај доволниот одмор и спиење, повторно се чувствуваме уморно и без енергија.
Што може да допринесе кон ваквото чувство? Дел од причините лежат во начинот на живот, односно во конкретни, секојдневни навики кои може да го поништат позитивниот ефект на квалитетниот сон и одмор и повторно да предизвикаат замор. Затоа, во продолжение ќе зборуваме нешто повеќе за навиките кои ви ја одземаат енергијата и како истите да ги препознаеме.
Зошто најчесто чувствуваме замор?
Некои проценки во САД, покажуваат дека дури 15% од жените и 10% од мажите, константно и секојдневно се чувствуваат прекумерно уморни и без енергија. Ваквиот замор не треба да се игнорира, бидејќи истиот може значително да го намали квалитетот на живеење. Дополнително, тој може да ја намали продуктивноста на работното место, може да предизвика незгоди кај возачите, да го намали академскиот успех на учениците и сл.
Важно е да напоменеме дека заморот е нормална појава, особено кај луѓето со активен живот исполнет со различни обврски. Најчесто, тој е резултат на недоволен или неквалитетен сон, нешто што е честа појава за многумина. Нажалост, сонот е често занемарен и се смета дека во САД дури 35% од возрасните лица имаат недостаток од сон, а бројката е загрижувачка и кај тинејџерите – возраст која е критична за растот и развојот.
Но, што доколку и покрај долгиот и квалитетен сон, повторно чувствуваме замор?
Што сè може да предизвика замор?
Доколку не е сонот во прашање, во продолжение ги издвојуваме најчестите секојдневни навики поради кои може да се јави замор.
1 . Недоволна физичка активност
Иако првин звучи чудно, недоволната физичка активност всушност може да предизвика да се чувствуваме уморно и без енергија. Најчестата причина зошто луѓето ја прескокнуваат физичката активност е и поради заморот. Но, истражувањата покажуваат дека вежбањето и редовната физичка активност всушност го намалуваат заморот – како кај здравите луѓе, така и кај оние со одредени здравствени состојби. Дури и најмалите интервали на активност имаат позитивно влијание врз телото. Физичката активност се смета дека го подобрува нивото на енергија, го подобрува квалитетот на спиењето, делува позитивно на расположението, го намалува стресот, ги одржува мускулите активни, ја подобрува концентрацијата и сл. Ваквите бројни позитивни ефекти не треба да се занемаруваат, па стекнувањето на оваа здрава животна навика е преопрачливо за сите.
2 . Внес на премногу прости јаглехидрати – шеќери
Јаглехидратите, особено простите (пр. рафиниран бел шеќер) се брз и добар извор на енергија кога ни е потребна. Но, прекумерниот внес во текот на денот може да предизвика спротивен ефект – замор. Тоа е така, бидејќи простите јаглехидрати нагло го покачуваат шеќерот во крвта, а тоа предизвикува и брзо создавање и лачење на хормонот инсулин, што пак, потоа брзо го симнува нивото на шеќерот повторно до нормалата. Ваквиот брз раст и пад на нивото на шеќер е всушност она што предизвикува замор. Голем број студии покажуваат дека намален внес на шеќер преку оброците или грицки, доведува до подобри и константни нивоа на енергија во текот на денот. Исто така, внесот на полнозрнести житарки, мешунки и други намирници кои се богати со комплексни јаглехидрати (кои бавно се дигестираат) и растителни влакна, допринесува за поголема енергичност.
3 . Недоволен внес на храна, односно калории
Калориите се мерка за количеството на енергија која ја дава храната. Но, треба да се разграничи меѓу недоволниот внес на храна и недоволниот внес на калории. Зеленчуците и овошјата се тип на намирници кои може брзо да нè заситат, бидејќи се прилично волуменозни и богати со вода и влакна. Но, истите не се значителен извор на калории. Од друга страна, месото, житарките, млечните продукти, јатките – се храна која е извор на нешто повеќе калории. Процесираната храна е особено калорична, ниско нутритивна, а сепак може да не нè засити. Затоа важно е да внимаваме и да внесуваме доволно храна која ќе биде извор на макро и микронутриенти, но и на калории – енергија која ќе не придвижува и со која ќе се извршуваат сите метаболички процеси. Потребно е да се одржува баланс и да се внесува храна која е богата со нутриенти, но и храна која е добар извор на калории и енергија. Недостатокот на нутриенти и на енергија може да предизвика чувство на константен замор.
4 . Недоволен внес на вода
Внесот на вода е неопходен за одржување на нивото на енергија во текот на денот. Речиси сите биохемиски процеси во организмот се зависни од водата. Често, дехидрацијата е и неприметна, односно забораваме да се напиеме вода, а телото има потреба од неа. Како резултат на тоа, чувството на замор и намалена енергија е често, а покрај тоа може да се јават и главоболки, намалена концентрација и сл. Некои студии покажуваат дека дехидрацијата не мора да е значителна за да дојде до намалена енергија. Препораките за количеството вода кое мора да се внесува зависат од полот, возраста, степенот на физичка активност и сл. Но, генерално, за мажите се препорачува внес од околу 3,7 литри течности (кои може да бидат внесени и преку храната), а за жените се препорачува внес од околу 2,7 литри на течности.
5 . Премногу стрес
Стресот е добро познат дел од секојдневието, а за неговите штетни ефекти имаме пишувано во повеќе статии. Тој претставува природна реакција на организмот кон неочекувани и проблематични моменти, но прекумерниот стрес може значително да влијае и врз нивото на енергија. Повеќе студии покажале дека прекумерниот стрес се поврзува со зголемениот замор. Покрај тоа, студиите покажуваат дека и начинот на кој се справуваме со стресот влијае врз нашата енергичност. Игнорирање и избегнување на проблемот се покажало како најштетно, особено во поглед на заморот кој луѓето го чувствуваат. Затоа, важно е да се справиме со стресот на најздравиот можен начин. Често тоа ќе биде разговор со некој близок, физичка активност, релаксирачки активности, практикување на хоби, прошетки во природа и сл.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.